Дванаесеттото издание на Фестивалот на европски филм CINEDAYS ќе се одржи од 14 до 23 ноември  во организација на Младинскиот културен центар во Скопје. Скопската публика на Синедејс ќе може да види многу филмови, да се дружи со гости од филмска Европа и преостанатите филмски меридијани,  да посети музички концерти, работилници, интересни предавања.
 
Филмската програма ќе се прикажува во кино сали на МКЦ, во „Милениум“, „Фросина“, џебното кино, Кинотеката на Македонија и во автокиното. По двегодишна пауза, повторно во Скопје, ќе биде отворено автокино! Веќе од утре и следниот викенд најпосакуваните филмови од изминатиот CINEDAYS, скопјани ќе можат да ги проследат од своите возила, на паркингот во стариот дел од Градскиот парк.
 
Фестивалот CINEDAYS е поддржан од Градот Скопје, Министерството за култура и од Делегацијата на Европската унија со по 800.000 денари.

CINEDAYS ќе биде отворен со музичкиот документарен филм „Меѓу два урагана - Тhe Rolling Stones“, филм, кој од зад сцена, говори за почетоците, подемите, разочарувањата, неброените урбани случки, митови на и зад сцената на живите легенди.
 
Во Кинотеката на Македонија, годинава, во рамките на програмата Земја во фокус ќе се проектираат филмови од африканскиот континент

 
Традиционално, ќе бидат прикажани филмови во кои македонските актери, продуценти, режисери, филмски работници се дел европски меѓународни остварувања и копродукции. Ќе има светска премиера на последниот краток филм на режисерот Иво Трајков, „Само за губитници“.


Официјална селекција на Синедејс

Благодарение, и оваа, четврта година по ред, на пријателот на Синедејс (CINEDAYS), големиот и посветениот Бернд Будер, фестивалот ги има најсвежите, идните носечки режисерски имиња од богатата европска кинематографска почва.

Во Официјалната селекција, десет остварувања:

      “Бојата на камелеонот” на бугарскиот режисер Емил Христов, специјална награда од жирито на Солунскиот филмски фестивал;

      одличната семејна драма “Талеа” на австриската дебитантка Катерина Мукштајн;

      “Шел”, дело на британскиот новодојденец Скот Греам, номиниран за Best British Newcomer на претстојниот Лондонски филмски фестивал;

      Ротердамскиот апсолутен победник на чешката режисерка Мира Форнеј, контроверзната драма “Моето куче Килер”;

      руската социјална сатира “Кококо” на авторката Дуња Смирнова, драма за снаоѓањето во животните неприлики која освои специјална награда на жирито на Московскиот филмски фестивал;

      грузиската питорескна драма “Во цут”, добитник на главната награда “Срце на Сараево” на Сараевскиот филмски фестивал;

      магичната еко-приказна “Гладен човек” на францускиот наратор Филип Мартин;

      чешкиот пандан на “Панкот не е мртов”, драмата “Don’t stop” на режисерот Ричард Рерича;

      драмата која не ќе ве остави рамнодушни, “Момчето што јаде храна за птици” на грчкиот режисер Екторас Лигизос, со награда за најдобра режија и најдобра машка улога на Атинскиот филмски фестивал и номинација за главна награда на фестивалот во Карлови Вари; и

      грузискиот филм “Набор на моето ќебе”, филм кој својата премиера ја доживеа во програмата Панорама на годинешниов Берлински филмски фестивал.
Сине-Балкан селекција

Режисерското деби на хрватскиот автор Бобо Јелчиќ, со реномираните Богдан Диклиќ и Нада Џуревска, “Одбрана и заштита”, филм кој говори за сè уште непремостениот јаз помеѓу жителите на Мостар. Богдан Диклиќ за оваа драма се здобива со наградата најдобар актер на филмскиот фестивал во Сараево;

Егзистенцијалната драма “Јадрански блуз” на режисерот Мирослав Мандиќ кој успеа да го привлече вниманието на критичарите на фестивалот Карлови Вари;

“Вител“, дебитантското дело на младиот српски режисер Бојан Вук Косовчевиќ кој во вид на жесток триптих од приказни говори за човечката автодеструктивност; трилер-приказната “Ќерката” на грчкиот режисер Танос Анастопулос;

духовитата и префинета драма “Двоина” на веќе познатиот словенечки режисер и пријател на CINEDAYS, Нејц Газвода; и

“Одумирање”, фантастичната сценаристичка приказна за човековите морални дилеми во режија на српскиот режисер Милош Пушиќ.
Земја во фокус

Овојпат, одлучивме за цел регион, африканскиот континент, чија кинематографска дејност е во огромен подем. Благодарение на Шериф Авад, минатогодишниот претседател на жирито и уредник за филм во списанието Egypt Today, Африканската селекција ќе нè обземе со филмови од: Сенегал, Тунис, Кенија, Етиопија, Алжир, Мали, Танзанија, остварувања, сите до едно, во копродукција со европски земји, еден исклучително различен и невообичаен филмски опус со кој поблизу ќе го спознаеме битот во овој мистичен континент.

Во рамките на оваа програма, ја издвојуваме и кинематографијата на толпата јужноамериканска држава Еквадор која нè заплиснува со најдобрите долгометражни и кратки филмови, благодарение на членот на годинешново жири во селекцијата Сине Балкан, Рик Сегреда (професор по филм и член на Институтот за аудиовизуелни уметности во Кито).

CINEDAYS созрева. Годинава, ексклузивна соработка на CINEDAYS и големиот Римски филмски фестивал, со ревија на современ италијански филм започнуваат на 13. 11., ден порано пред официјалното отворање, во Кинотеката на Македонија. Паоло Минуто, уметничкиот директор на Италијанската федерација на филмски здруженија (гостин на CINEDAYS), за македонските сладокусци го издвои најдоброто:

Од филмот “Бенур: Гладијатор за изнајмување” ексклузивен гостин на CINEDAYS, познатиот италијанскиот актер, сценарист и режисер, Масимо Андреи.

АВТОКИНО!!!, веќе утре, и следниот викенд (08-09.11 и 15-16.11) со најпосакуваните филмови од изминатиот CINEDAYS на паркингот во стариот дел од Градскиот парк...

Гости на CINEDAYS, од сите страни на планетата Земја... во Официјалната селекција, и CineBalkan селекцијата, како и секогаш, ќе можеме да ги запрашаме за многу нешта поврзани со нивните остварувања во “Прашања и одговори” по премиерите на нивните филмови.