Почитувани,
Ве информираме дека на 22 октомври 2013 (вторник) во 20 часот во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам ќе се отвори Јубилејната изложба на академскиот сликар и академик Никола Мартиноски - 110 години од раѓање и 40 години од смртта (1903-1973). На отворањето ќе говорат, Директорката на Национална галерија Халиде Палоши, Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска и академик Глигор Чемерски.
Никола Мартиноски е автор кој заслужува повторно и по разни поводи да се навраќаме и да се потсетуваме за неговата историска улога и неговото место во создавањето и развојот на современата македонска ликовна уметност, како составен дел на националната култура во Македонија воопшто.
Уметничкиот придонес на Мартиноски, заедно со особеностите на неговата ликовна естетика и неговите сликарски дострели, се неповторливи. Неговите уметнички достигнувања ја определија вистинската и историска улога на авторот. Врз основа на оваа (нецелосна) ретроспективна поставка, (околу 70 ликовни дела, масла и цртежи), го определуваме значењето на неговото творечко битисување и го откриваме патот за објективна научна анализа и вреднување на секоја негова творба. Повторно ја откриваме, недвосмислено и доследно, неговата улога на втемелувач на македонската современа ликовна уметност, длабоко поврзан за своето поднебје и ликовната традиција во Македонија.
Местото на врвот во македонската современа уметност на Мартиноски најзаслужно му припаѓа поради неговото своевидно поврзување на епохите - емотивната блискост и високата почит кон средновековното сликарство во Македонија и синтезата која тој ја создаде,  напоредно со современите модерни струења. Во неговото исклучително богато творештво, авторот во сите традиционални теми и жанрови умееше да ја вреже својата сопствена и сложена творечка личност. Академикот Никола Мартиноски е сликар со високо стилско - изразни ликовни вредности, уметник со посебна и ретка индивидуалност во ликовниот ракопис.
Со целокупното ликовно творештво, академскиот сликар Мартиноски, ќе остане засекогаш забележан во страниците на историјата на ликовната уметност кај нас,  како прв модерен експресионист и основоположник на македонската современа ликовна уметност.
Никола Мартиноски  e  роден е во Крушево во 1903 година, дипломирал на Училиштето за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент на генерацијата. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ја посетува Académie de la Grande Chaumière и Ransan.
По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски обележја , тој се истакнал и со својата активност во областа на културата и уметноста. Мартиноски  раководел со Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовните уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.
Сè до неговата смрт Мартиноски бил директор на Уметничката галерија - Скопје, а во 1967 година станал и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Тој е добитник на Награда за животно дело (1964) и Наградата АВНОЈ (1967). Во 1968 година, во Крушево, е основана Галеријата на Никола Мартиноски, со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град. Мартиноски бил креативно активен, сè до неговата ненадејна смрт, на 7 февруари 1973 година.
Одговорен куратор: Мирјана Талеска, кустос советник

Со почит,
Национална галерија на Македонија