ДЕНЕСКА ДИРЕКТЕН ПРЕНОС ОД ТЕАТАРОТ "МАРИНСКИ"


Рускиот спектакл "Лебедево езеро" во Синеплекс


Изведбата на балетската претстава "Лебедево езеро", со која се одбележуваат 275 години од постоењето на рускиот балет, македонската публика ќе има можност вечерва да го проследи ексклузивно и во живо" во киното Синеплекс. Овој посебен настан ќе биде снимен во театарот "Марински" во Санкт Петербург и симултано ќе се пренесува на големото платно на најсовремениот аудиториум - Марински 2, а истовремено и на големото платно во Синеплекс во Скопје со почеток во 19.15 часот.

Балетот ќе биде прикажан во повеќе од 50 земји низ светот и претставува најголем филмски проект на кој соработуваа Русија, Велика Британија и Америка. Светот, пак, за првпат ќе има можност да го види омилениот балет "Лебедево езеро" презентиран во живо од градот каде што е создаден и од компанијата која соработува со едни од најдобрите танчари (Павлова, Нуреев, Баришников).

Изведбата претставува совршена венчавка на уметноста и технологијата, најдобрата балетска куќа во светот и најсовремената технологија", велат од Синеплекс.

Оваа недела кинорепертоарот ќе биде дополнет и со две нови филмски остварувања. Во филмот Земја: Нов почеток" по седум години од нивното прво заедничко појавување на филмски проект, повторно имаме можност да ги видиме познатиот актер и пејач Вил Смит и неговиот син Џејден Смит во главните улоги. Овој пат станува збор за нова авантура, научна фантастика која ги следи Сајпер (Вил Смит) и Китаи (Џејден Смит) во нивната борба за опстанок и можност за повторно враќање дома...

Љубителите на филмската уметност повторно ќе имаат можност да го видат и актерот Двејн Џонсон. Во филмскиот трилер насловен Доушник" еден човек чиј син е наместен во зделка со дрога и е притворен од властите, влегува тајно во Одделот за борба против дрога за да го ослободи својот син...

(Д.Т.)