Во  Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 6 јуни 2013 година (четврток), во 20 часот, ќе се отвори изложба на Димче Николов (1953-1998), по повод 60 години од неговото раѓање.

Димче Николов претставува значајна и клучна фигура во на развојот на современата македонска графика и со неговата појава, кон крајот на 70-те години на 20-от век, оваа уметност доби поинаква димензија и квалитет во Македонија. Тој даде свој значаен придонес во афирмирањето на графиката како самостоен ликовен медиум. Тој ја  постави графичката уметност на исто рамниште со сликарството и со скулптурата. Претставувајќи ја својата ликовна преокупација преку класичните графички техники (линорез, литографија, сува игла, бакропис-акватинта), Николов постигна високо забележителен  квалитет, со што остави неодминлива трага во развојот на графичката уметност во Македонија.
         Учествувал на сите значајни меѓународни графички годишни, биенални и триенални манифестации (Љубљана, Краков, Фрехен, Канагава, Барцелона, Варна, Фредрикштат, Намур, Шамалиер...) Неговите квалитети биле високо ценети од критичарите и кураторите на овие манифестации и истите биле вреднувани со доделување на значајни награди, со што станува еден од најнаградуваните македонски графичари и воопшто уметници. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Љубљана а потоа во 1980 завршил постдипломски студии на графика во класата на проф. Богдан Борчич. Од 1986 до 1998 работел кака професор и декан на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Добитник е на многубројни меѓународни награди и признанија, како и на наградата за животно дело 11 Октомври на Република Македонија.

Изложбата ќе ја отвори г-а Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.

Кустос на изложбата е Мирјана Талеска