Меѓународна промоција на државава со презентација на културното наследство и творештво
Петок, 17 Мај 2013 13:20    - Меѓународната соработка е високо позиционирана во приоритетите на Министерството за култура. Како држава, поседуваме богато културно наследство и актуелно творештво и токму затоа, наша цел е да бидеме континуирано и видливо присутни во сите светски центри, на сите светски настани од областа на културата, на реномираните манифестации и фестивали.

Ова го изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција на која ги најави претстојните активности во рамките на меѓународната соработка што ја остварува Министерството, како и на проектите кои се дел од Годишната програма и кои ќе бидат реализирани во периодот што следува.

- Сите содржини за меѓународно претставување беа внимателно селектирани и со задоволство можам да забележам дека резултатите се видливи и дека во изминатиот период реализиравме многу успешни претставувања на македонската култура со кои го афирмиравме културното богатство што го поседуваме како држава, но и ги продлабочивме културните врски со многу држави со кои потпишавме и билатерални договори - потенцира Канческа-Милевска.

Таа најави и активности со кои во текот на овој месец македонската култура ќе биде презентирана во повеќе земји, и тоа Шведска и Италија.

- Нашата културна политика е во функција на надворешната политика на Република Македонија и во оваа смисла, на 20 мај, по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето билатералните односи со Шведска, ќе реализираме еден мошне значаен настан во Стокхолм. Имено, по успешните настапи во Израел и во пресрет на турнејата во Австрија, во престижната сала „Консертхусет“ во Стокхолм, каде што традиционално се доделува Нобеловата награда, свој целовечерен концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ - рече министерката за култура.

Министерката информира дека сите влезници за концертот се веќе распродадени, што говори за големиот интерес на шведската публика за македонската култура и традиција.Во втората половина од годината во Шведска ќе биде претставена и илјадагодишната писмена традиција на Македонија преку изложбата на Стари ракописи.
Уште еден значаен настан со кој ќе биде одбележана меѓународната презентација оваа година е и манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“, која традиционално се одржува во Рим повеќе од четири децении.

- Сакам да забележам дека во последните години воведовме нов принцип во изборот на програмата за претставувањето во Рим, односно избор на помногубројни и покомплексни содржини со кои претставивме значителен дел од нашата богата, повеќеслојна култура. Оваа година, во духот на големиот историски датум - 1150 години од Моравската мисија на браќата Кирил и Методиј, во културната програма ќе бидат забележани настапот на хорот „Свети Климент Охридски“, кој има долгогодишна традиција во негувањето на духовната музика, и монодрамата „Јустинијан Први“ во изведба на актерот Петар Темелковски, проект од Центарот за култура Прилеп. Со оваа претстава Република Македонија дава свој придонес во одбележување на 1700-годишнината од Миланскиот едикт, кој претставува јавна објава за непречена слобода на вероисповедта, објава која била потврдена од големиот византиски цар Јустинијан Први - рече Канческа-Милевска.

Инаку, делата на Кирил и Методиј ќе бидат чествувани и во Руската Федерација, на Фестивалот на словенската музика во Москва, на кој токму денеска ќе се претстави мандолинскиот оркестар под раководство на Рамадан Шукри, а свој настап на фестивалот ќе има и кларинетистот Ристе Ѓорески, со пијано-придружба на Александар Наумов.

Министерството за култура, во втората половина од годинава ќе реализира Денови на македонската култура во Холандија, со која одбележуваме 20 години од воспоставувањето дипломатски односи, како и претставување во Марсеј, кој е европска престолнина на културата за 2013 година.

На прес-конференцијата присуствуваа и директори на национални установи и уметници кои ќе реализираат дел од програмата за меѓународно претставување на Министерството за култура, а кои информираа за нивните претстојни активности и едногласно изразија благодарност до Министерството за добиената поддршка.

Извор:

 http://www.kultura.gov.mk/images/stories/foto_za_soosptenija/2013-soopstenija-fotografii_/07_promo400.jpg