По повод престојното 55-то Венециско Биенале и подготовките за презентацијата на нашиот Национален павилјон Ве покануваме на прес-конференција во четврток, 16.05.2013 година, во 10.30 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица.


55то Венециско Биенале (1 јуни - 24 ноември 2013 година)
Македонски павилјон: Силентио Патхологиа,
проект на Елпида Хаџи Василева
Комесар: Халиде Палоши
Куратор: Ана Франговска
Локација: Сцуола деи Ланери
Инаугурација: 31.05.2013 година во 15.00 часот


Годинава се одржува 55-то издание на престижната светска ликовна манифестација Венециско Биенале, на која за официјален претставник на Р. Македонија е одбрана уметницата Елпида Хаџи Василева, со нејзиниот проект Силентио Патхологиа. Организацијата и е доделена на Националната галерија на Македонија, а презентацијата е поддржана од страна на Министерството за култура на Р. Македонија.

Елпида Хаџи Василева е афирмирана уметница, чие потекло е од градот Кавадарци, а авторката се стекнала со високо и специјализирано образование во областа на уметноста на кралскиот колеџ во Лондон Англија. По завршувањето на едукативниот процес Хаџи-Василева останала да живее и твори во Англија, но нејзината активност и ангажираност е сестрана, т.е има изградено богата излагачка биографија, со многубројни успешни и реномирани проекти и во Велика Британија и во Македонија, а секако и во други културни центри низ Европа и светот. Одлуката на комисијата за избор на македонски претставник беше едногласна, имајќи го во предвид богатото искуство на Хаџи Василева, а секако и мошне систематичниот предложен проект за Венеција.  

Идејата на целиот концепт насловен Силентио Патхологиа е да го проследи историското и географско ширење на болеста црна чума во светот, и конкретно Италија, која се верува дека се ширела по патот на тргувањето со свилата (таканаречен свилен пат) и која најмногу била разнесувана преку стаорците, кои пак од друга страна се еден од “заштитните знаци” на Венеција. Главната парадигма во делата на Елпида Хаџи Василева е создавање на една посебна специфична естетика во која убавото и грдото ги сменуваат своите улоги, никогаш ни едното ни другото докрај не ослободувајќи се од товарот на потребата за естетско. Друга спона е чувството на морничавост, т.е. непријатно чувство при добивање на сознанието за природата на материјалот на делото. Авторката најчесто работи со неуметнички материјали како: кожа од внатрешни органи на животни,  ципи од желудници, кожи од тестиси, мембрани, кокошји кожи, глави, рибји кожи и многу друго.)

Конкретниот проект за овогодинешното биенале ќе се состои од метал, свила, кожурци од свилени буби, плохи од пресувани кожи од бели стаорци и живи бели староци.

Проектот на Елпида Хаџи Василева одлично се вклопува во годинешната тема на биеналето - Енциклопедиска палата, палата на сите знаења, бидејќи во себе вклучува интересни аспекти за можните фузии на уметноста со сите останатите општествени и природни науки.



Со почит,
Национална галерија на Македонија