ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА „ЛИНЕ, ИНИЦИЈАТИВА И ДВИЖЕЊЕ“

Уметници, куратори и уметнички продуценти кои доаѓаат од повеќе од 20 града од различни земји (Азија, Канада, Европа, САД, Јужна Америка, Јужна Африка, Нов Зеланд) ќе бидат дел од фестивалот за дигитална уметност, кој од 11 до 14 септември ќе се одржи на повеќе локации во Скопје. Домаќин на собирот, насловен „Верижна реакција“ (Цхаин реацтион), е независната организација „Лине, иницијатива и движење“ од Скопје, чија цел е да открива, промовира и да дава поддршка на уметници што работат на полето на новите медиуми и технологии. Собирот претставува културен фестивал на дигиталната уметност, кој во својата содржина вклучува изложби, видеопроекции, перформанси во живо и предавања и работилници кои истражуваат различни аспекти во полето на дигиталната уметност. Настаните ќе се случуваат во Отвореното графичко студио при Музеј на Град Скопје, во културните центри „Точка“ и „ЦК“, летната сцена на МНТ и на Европскиот универзитет. Најавени се и активности на отворено, како: „Мобилни кутии“ - дигитално архивирање на сите настани и павилјонот „Верижна реакција“ во центарот на Скопје. - „Верижна реакција“ ги истражува прашањата на културниот пораст и развој на западен Балкан, но и развојот на дигиталните мрежи. Изложувајќи дела и презентации на над 50 интернационални уметници, овој настан ќе биде катализатор на дијалог, идни соработки и културно разбирање - најавува историчарот на уметност Елена Велјановска, една од основачите на „Лајн...“. Со оглед на фактот дека ваков вид собир првпат се одржува во Европа и на Балканот, во програмата ќе бидат вклучени и дополнителен број уметници од регионот. - Собирот ќе претставува и промоција на мрежата „Апгрејд!Интернешнел“ (чиј дел е „Лине, иницијатива и движење“) на поинаква почва и во поинаков културен контекст, што веруваме дека ќе придонесе за идно ширење на семејството „Апгрејд!Интернешнел“ - коментира Велјановска. Фактот што настанот ќе се случува низ целиот град, според Велјановска, ја зголемува можноста за создавање дијалог и им овозможува на градот и на луѓето што живеат во него да станат дел од самиот фестивал. „Апгрејд! Интернешнел“ постои од 1999 година и претставува глобална онлајн-мрежа на автономни јазли обединети преку нивната посветеност на уметноста и технологијата. Првите два собира се случија во САД во 2004 година и во 2006 година. Овој собир, пак, е поттикнат од пет партнерски членки на мрежата „Апгрејд“ и тоа од Скопје, Белград, Берлин, Софија и од Истанбул, кои се заслужни за координацијата на проектот и за остварување комуникација со другите членки од мрежата.

Стратегија за едукација во уметноста на новите медиуми

Организацијата „Лине, иницијатива и движење“ е основана во 2006 година и се состои од тим со различни искуства: историчари на уметност, куратори, дизајнери, културни менаџери, визуелни уметници и музичари.
Нивниот начин на работа вклучува работилници, предавања, концерти, изложби и дебати, кои имаат цел да го дополнат недостигот од едукација во сферата на уметноста на новите медиуми во Македонија.
Во двегодишното постоење на „Лајн...“ се реализирани дваесетина настани, како шестмесечниот проект „Цонсумер вс. Усер“, три изложби, првото издание на „Тинѕ Ноисе Фестивал“, импровизирани музички сесии и видеопроекции со македонски и со странски уметници. Голем број од нивните едукативни програми се бесплатни. Досега нив ги посетиле околу 100 млади луѓе.

Узвор: Време