Здружението Македонски национален комитет при Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) им овозможува на музејските професионалци од Република Македонија да се поврзат со ICOM (Меѓународниот совет на музеите), да бидат во тек и активно да се вклучуваат во светските музеолошки текови. МНК ИКОМ работи на развивање и усовршување на музеите и на нивната дејност на светско ниво.
    На 10 декември 2013 година го одбележуваме 20 годишниот јубилеј на МНК ИКОМ кој е формиран на 12.05.1993 година во Скопје, а на 7-8.12.1993 година е верификуван од Извршниот совет на ICOM во Париз. Свеченоста по повод овој значаен јубилеј ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите, со почеток во 10 часот.
    Одбележувањето на Јубилејот ќе биде поделено во два дела - свечен дел, во кој ќе се обратат досегашните претседатели на МНК ИКОМ (проф. д-р Крсте Богоески, прв претседател; м-р Бранислава Михајлова, втор претседател на МНК ИКОМ; Захаринка Алексоска-Бачева, трет претседател на МНК ИКОМ и м-р Симонида Миљковиќ, актуелен претседател на МНК ИКОМ), како и Горанка Хорјан, член на Извршниот одбор на Меѓународниот совет на музеите – ICOM и Претседател на Европскиот музејски форум. Вториот, работен дел, ќе се состои од отворена дискусија на тема „Иднината на музеите“.
    На овој настан очекуваме присуство не само од голем дел професионалци од музејската дејност, значајни гости од регионот, како и високи претставници од Министерството за култура на Република Македонија кое редовно ги поддржува сите наши активности.
    МНК ИКОМ се стреми за развивање и усовршување на музеите во Република Македонија и на нивната дејност на светско ниво, а во нашата непрофитна организација членуваат и активно на волонтерска основа учествуваат 80 музејски професионалци од Република Македонија, а проектите и активностите се финансираат од Министерството за култура на Република Македонија. Доколку имате дополнителни прашања, Ве молиме обратете се кај Маја Чанкуловска-Михајловска, секретар на Здружение МНК ИКОМ (контакт тел. 070 381819 или 072 206018, Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.).
    Го очекуваме Вашето присуство.

    
    Со почит,

    М-р Симонида Миљковиќ
    Претседател на Здружение МНК ИКОМ