Скопје, 1 септември 2010 (МИА) - Издавачките куќи „Макавеј“ и „Македонска реч“ ќе ја претстават македонската литература на 23. Меѓународен саем на книгата, што почнува денеска во Москва. На македонскиот штанд на саемот, што ќе трае до 6-ти септември, ќе бидат изложени 450 изданија.

- Македонското културно и духовно творештво на публиката ќе и биде прикажано преку аудио-визуелна приказна, изјави Бранко Цветкоски од издавачката куќа „Макавеј“.

За четвртото претставување на македонската издавачка продукција на Саемот на книгата во Москва, „Макавеј“ и „Македонска реч“ во духот на суштината на литературата ќе раскажат приказна за минатото на Македонија, што се однесува на ракописното наследство, на писмената традиција, на реафирмацијата на кирилската традиција и воопшто на културното наследство. На саемот ќе биде претставена современата македонска книжевност, а застапени се и автори кои создаваат на јазиците на заедниците.

Цветкоски истакна дека годинава на Саемот имаат невообичаен пристап, со прикажување на аудио-визуелна приказна за кирилицата, за нејзиното значење, за македонскиот јазик и за македонското духовно и културно творештво и за придонесот во словенскиот свет. 

Во Москва ќе се претстават авторите и нивните дела, а не издавачките куќи. Ќе се афирмира творештвото на четворица автори кои во Македонија добиле највисоки награди за проза - Трајче Кацаров, Луан Старова, Братислав Ташковски и Томислав Османли. Ќе бидат изложени 450 изданија од поновата издавачка продукција, а централен настан ќе биде промоцијата на антологијата на современата македонска поезија „Гласови крај водата“, чии составувачи се русинот Максим Замшев и Санде Стојчевски од Македонија.

- Антологијата е показ дека македонската поезија, посебно со нејзината афирмација со Струшките вечери на поезијата и другите акции за афирмација останува во центарот на интересирањето, вели Цветкоски.

По завршувањето на саемот, изложените книги на македонскиот штанд ќе бидат отстапени на Амбасадата на Република Македонија во Москва, која е вклучена во организацијата. гв/мд/9:43