Ќе се гради црква на Партизанска

Храмот ќе никне покрај салата „Партизан“, на површина од 400 квадратни метри и со двор од 2.000 „квадрати“


Од камен-темелникот на планираната црква во Влае остана само крстот

Општина Карпош се договорила со поглаварот на Македонската православна црква, г.г Стефан, заеднички да градат црква на булеварот Партизански одреди, кај салата на ДТВ „Партизан“.

Општината досега неколкупати најавуваше дека ќе изгради нов црковен објект. Пред две години, тогашниот градоначалник Андреј Петров дури удри камен-темелник во Влае, пред изборите, но до денес таму градежните работи не се почнати. Пред неколку месеци, од Карпош објаснија дека со локацијата во Влае се појавиле проблеми поради нерасчистени имотно-правните односи.

- Градежната парцела зафаќаше дел од приватно земјиште, а сопствениците не сакаа да го продадат - изјавија од Карпош, истакнувајќи дека не се откажуваат од изградбата и на оваа црква.
Челниците на општината, в.д. градоначалникот Сашо Димиќ и претседателот на Советот, Роберто Тошевски, биле поглаварот на г.г Стефан во просториите на МПЦ, кога е и договорена изградбата на црквата во т.н. Реонски центар Карпош 3. Димиќ и Тошевски ја образложиле иницијативата со долгогодишните барања на верниците од општината да се изгради храм во централниот дел од општината.

Општинарите велат дека храмот ќе биде изграден кај салата „Партизан“, на површина од 400 квадратни метри и со двор од 2.000 „квадрати“, но не го прецизираат рокот за градежните работи. Се' уште не е подготвена и финансиската конструкција. Новиот христијански објект, објаснуваат од Карпош, планирано е да се гради со пари од буџетот на општината и од МПЦ, како и со донации од граѓани и од фирми. Планот денеска треба да биде на дневен ред на седница на Советот на Општина Карпош.

Јорданка Ивановска