БИТОЛА ПОДГОТВЕНА ЗА ФЕСТИВАЛ


Монодрамата може да започне


Битола и годинава ќе биде домаќин на Меѓународиот фестивал на монодрама, што по јубилеен, десеттипат, ќе се одржи во градот под Пелистер. Организатори на фестивалот се Центарот за култура од Битола со поддршка на Министерсвото за култура на РМ. Според зборовите на директорот на битолскиот Центар за култура, Ана Бегајовска, на фестивалот ќе има гости од Мексико, Ерменија, Германија, Албанија, Русија и домаќинот Македонија. Годинава за првпат ќе има гостин од Косово, Ментор Зуберај, кој ќе настапи со монодрамата "Последниот сон".

- Со оглед дека фестивалот е јубилеен, подготвивме и една монографија со наслов 10 години Фетивал на монодрама" чиј автор е Тодор Кузманов, а на денот на свеченото отворање ќе приредиме и голема фото-изложба на новинарот Петар Ставрев, информира на Бегајовска на средбата со новинарите.

На новинарско прашање во врска со новиот концепт на фестивалот на филмската камера Браќа Манаки", со кој се предвидува дел од фестивалската програма да се одржи и во Скопје, Бегајовска рече дека не сака да коментира, но останува на нејзината изјава оти Битола е родниот град на фестивалот и затоа, како што рече, некои луѓе треба да се борат тој да остане таму каде што му е местото.