„Јас и ти, едно сме“, последната изложба од проектот „Уметност за сите“

Чифте амам
4 декември 2019
12 часот


„Уметност за сите“

Ликовно- едукативниот проект  „Уметност за сите“ е досега најголемиот едукативен проект на Националната галерија на Северна Македонија во доменот на едукативниот сектор. Во проектот се реализираа голем број работилници кои анимираа учесници-деца со различен спектар на попречености, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби, притоа нудејќи можност за социјална инклузија, преку вклучување врсници од редовната настава.
Проектот „Уметност за сите“ беше финасиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија. Проектот е пример за грижа на различностите и потребите на маргинализираните групи. Од него произлегоа следниве работилници кои се реализираа во период од 2017-2019 година: „Од мој агол“, „Дај му форма на животот“, „Пролет, лето,есен,зима...и повторно пролет“ и последниот, „Јас и ти, едно сме“
За проектот изјавија:
„Пред сè, голема благодарност до Националната галерија, а посебно до координаторот, г-ѓа Маја Димитрова, кои преку ваквите корисни, хумани и професионално организирани проекти ни овозможија да учествуваме, да сме дел од нив и да придонесуваме за радоста на заедничкото дружење и креирање со децата со посебни потреби, кои за жал, многу често се заборавени од општеството. Моето лично мислење е дека овие проекти се благородни и повеќе од потребни и секако, би им помогнале на овие деца да се интегрираат во секојдневниот живот.“
Проф. Беди Ибрахим, Факултет за ликовни уметности – Скопје

„Арт-терапијата кај децата со посебни образовни потреби придонесува за позитивни промени во нивното социјално однесување и нивниот фокус на внимание. Арт-терапијата кај децата со аутизам може да биде ефективна при долготраен третман во групи или индивидуално, бидејќи процесот на креирање уметност го стимулира когнитивниот и емоционалниот развој, овозможува врски и води кон намалување на деструктивното однесување. Проектот „Уметност за сите“, во организација на Националната галерија на Северна Македонија, а финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија, во целост ги оправда зацртаните цели и задачи кои беа поставени од проектниот тим. Сите четири проекти беа мошне посетени, децата радосни од нивните дела, што секако води кон нивна поголема самодоверба. Ова треба да биде одличен стимул и други организации да се вклучат во културолошката инклузија на лицата со попреченост во Северна Македонија.“
Проф. д-р Владимир Трајковски, Институт за дефектологија, Филозофски факултет
„Проектов го реализиравме во 4 циклуси од по три месеци, заокружувајки го со последната работилница под наслов „Јас и ти, едно сме“. Општествената одговорност на галеријата ја практикуваме низ проекти со социјално-културолошки инклузивен пристап кон лицата со попреченост и хендикеп. Од тука, овој проект е предвесник на Националната стратегија за развој на културата во земјата до 2022 година и е пример за грижата кон различностите, потребите на посебните, ранливите и маргинализираните групи во општеството, нивните културни планови и потреби.“
д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија.