Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ  

 

 „Владата ги намалува превентивните активности во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во период кога се бележи пораст на новороденечката и доенечката смртност во Р. Македонија“            

     Со усвоената Програма за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2017 година (објавена во Службен весник на РМ број 192/2016)  Владата и Министертсвото за здравство драстично ги намалуваат превентивните активности за унапредување на здравјето на мајките и децата, како и буџетот за спроведување на истите. Особено загрижува фактот што се отстарнуваат или намалуваат активности наменети за здравствена едукација на населението и за јакнење на капацитетите на здравствениот персонал кој работи на унапредување на здравјето на мајките и децата.             

   Имено во Програмата за 2017 година се извршени следните промени во споредба со Програмата за 2016 година: информативно – едукативните материјали, брошурата за здрава бременост, брошурата за информации и совети на нови родители, информацијата за здравјето на мајките и децата, брошурата и постерите за имунизација и брошурата и постерите за доење за кои во 2016 година беа издвоени 50.000 денари се целосно избришани од Програмата; регионалните работилници за патронажни служби и Ромски здравствени медијатори за семејно планирање и антенатална грижа во 2017 година се намалени од три на две работилници, а средствата за оваа намена се скратени за 10.000 денари;  регионалните работилници за породилишта за ревизија на матернатална смртност кои во 2016 година беа буџетирани со 30.000 денари во 2017 година се избришани од Програмта; регионалните работилници за породилишта на тема доење се намалени во 2017 година од три на две, а пак средствата се намалени за 10.000 денари; надзорот врз работењето на поливалентната патронажна служба и Ромските здравствени медијатори преку теренски посети е редуциран за една посета помалку, а пак буџетот за 5.000 денари; средствата за спроведување на европската недела на имунизација се намалени за 30.000 денари и на крај обуките за родово базирано насилство во износ од 25.000 денари се целосно избришени со Програмата за 2017 година. Единствено во Програмата за 2017 година се бележи пораст на буџетот за спроведување на светската недела на доење за 10.000 денари повеќе во однос на 2016 година, а пак за бесплатно породување 3.000.000 денари повеќе во однос на 2016 година. Со Програмата за 2017 година не се предвидува имплементација на нови активности.               

Во Програмата за 2017 година нема предвидено специфични активности за ромското население, иако ваков вид на активности беа предвидени во Програмата во периодот од 2011 до 2015 година. Загрижува и фактот дека средствата за европската недела за имунизаџија се намалуваат, а податоците досега говорат дека токму со овие активности секоја година на терен се откриваа невакцинирани деца Роми.             

  Особено загрижува фактот што намалувањето на превентивните активности се случува во период кога во Македонија се бележи пораст на перинаталната, новороденечката и доенечката смртност, а токму главна цел на оваа Програма е „континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивен период во насока на намалување на доенечката и матернална смртност“.  Доенечката смртност иако осцилира низ годините, сепак во периодот од 2011 до 2014 бележи пораст кога достигнува стапка од 9,9 умрени на 1000 живородени. Во 2015 година има благ пад на 8,6, меѓутоа податоците од 2016 година се загрижувачки и се очекува пораст на доенечката смртност.            

    Поради сето тоа бараме од Министерството за здравство и Владата на Р. Македонија да ги зголемат буџетот на Програмата за мајки и деца, да предвидат превентивни активности за унапредување на здравјето на мајките и децата, да предвидат посебни активности за ромските средини и да обезбедат услови за доследно спроведување на овие активности. Лице за контакт:Борјан ПавловскиКоординатор на програма Јавно здравје и здравје на женитеЗдружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕул. Максим Горки  20/1-4,  1000  Скопје,  Република Македонијател:   (0) 2  3298 713          (0) 2  3298 295 / лок. 102Моб: 070 268 714