Пристапното предавање на

проф. д-р Сашо Џероски
Институт „Јожеф Стефан“, Љубљана

избран за член на МАНУ надвор
од работниот состав

ДО НАУЧНИ СОЗНАНИЈА
СО МАШИНСКО УЧЕЊЕ

Предавањето ќе се одржи во Македонската академија
на науките и уметностите, на 16  ноември 2015
(понеделник), во 12,00 часот.

проф. д-р Сашо Џероски

Институт „Јожеф Стефан“, Љубљана
ДО НАУЧНИ СОЗНАНИЈА
СО МАШИНСКО УЧЕЊЕ
Емпиричкиот пристап кон науката подразбира собирање податоци за природните и општествените појави преку експерименти и набљудување. Од собраните податоци научниците доаѓаат до научни сознанија, честопати преку воопштување на индивидуални ситуации до општи законитости. Машинското учење развива информатички пристапи кон откривањето на општи законитости од дадени податоци. Затоа станува моќно орудие во рацете на научниците од различни гранки на науката. Предавањето ќе претстави неколку техники за машинско учење од комплексни податоци и примери на нивната употреба во биологијата и екологијата.
Од рецензијата за избор на проф. д-р Сашо Џероски
за член на МАНУ надвор од работниот состав
„Научните активности на проф. д-р Сашо Џероски може да се сумираат на следниот начин:
1. Повеќе од 25 години научно-истражувачка работа (1989-2014) со пионерски придонеси кон светската информатика – нови парадигми и методи за анализа на комплексни податоци и моделирање на динамички системи, како и иновативни употреби на истите на низа практично релевантни проблеми.
2. Извонредно обемен и квалитетен опус на публикации, кој содржи повеќе од 400 научни трудови (реферати на меѓународни конференции и статии во списанија со фактор на влијание, поглавја во монографии), како и 10 книги (монографии и зборници кај угледни издавачи).
3. Исклучително висока значајност, видност и релевантност на научната работа и публикации – повеќе од 11.000 цитати.
4. Интензивна организациска работа на раководење и координирање на престижни проекти од врвен квалитет, како меѓународни, така и национални/билатерални; организација на бројни научни настани; и уредување на зборници и списанија.
5. Огромен углед во меѓународната научна заедница, за кој сведочат и признанието од Европскиот сојуз на друштва за вештачка интелигенција за постигнатите врвни научни достигнувања, како и членството во панелот на Европскиот истражувачки совет за финансирање на проекти за млади научници.
6. Оформување на млади научници и нивен развој во врвни истражувачи. Вкупно 18 млади доктори на науки ги изработиле и одбраниле своите тези под негово менторство, од нив 15 се Македонци.
7. Значаен придонес кон развојот на македонската наука и нејзиниот углед преку соработка со македонски научници и институции, нивно воведување во актуелни истражувачки подрачја, и вклучување во меѓународната научна заедница.“


акад. Љупчо Коцарев
акад. Леонид Грчев