На 11 јуни (според стариот календар) се слави чудото со иконата „Достојно ест“ кое се случило во времето на патријархот Никола Хрисоверг (982-996), на 11 јуни 982 година, во недела. Тоа чудо се состои во ова: Во близина на светогорскиот манастир Пантократор се наоѓа голема јама и во неа има разни ќелии. Во една од тие ќелии, посветена на Успението на Пресвета Богородица, живееше еден добродетелен старец со својот послушник. Бидејќи во блискиот Скит Протат, на Кареја, секоја недела се служеше бдение, така една сабота пред вечерта старецот, поаѓајќи на бдение, му рече на својот ученик: Чедо, јас ќе одам на бдение, а ти колку што можеш читај го своето молитвено правило.

Така старецот замина. А кога поодмина ноќта, некој затропа на вратата од ќелијата. Братот поита и ја отвори вратата, и виде еден непознат монах, кој влезе и остана во ќелијата таа ноќ. А кога дојде време за Утрената богослужба, обајцата почнаа да ја пејат утрената. Кога дојдоа кај Чеснејшују, монахот послушник ја испее до крај „Чеснејшују херувим“, старата химна од свети Козма Химнограф. А монахот странец ѝ даде друг почеток на химната и ја испеа вака: „Достојно ест јако во истину, блажити Тја Богородицу, присноблаженују и пренепорочнују, и Матер Бога нашего“, и потоа го додаде „Чеснејшују херувим…“ сѐ до крајот.


Откако го слушна тоа, монахот послушник се восхити и му рече на монахот странец: Ние пееме само „Чеснејшују“, а „Достојно ест“ никогаш не сме го чуле ниту ние, ни оние пред нас. Туку, те молам, направи ми љубов, па напиши ја за мене таа химна, та и јас да ѝ ја пејам на Богородица. Монахот странец на ова му рече: Донеси ми мастило и хартија да ја напишам. – Ние немаме ни мастило ни хартија, – му одговори послушникот. – Тогаш донеси ми една плоча – му рече странецот. Монахот истрча, најде плоча и ја донесе. Странецот ја зеде и со прстот ја напиша на неа химната „Достојно ест“. И види чудо! Буквите толку длабоко се врежаа во тврдата плоча како да се напишани врз најмек восок. Потоа странецот му рече на братот: Отсега па натаму вака ќе пеете и вие и сите православни. – Откако го рече тоа, странецот монах стана невидлив. А тоа беше светиот архангел Гавриил, испратен од Бога да ја објави оваа ангелска песна, најдолична на Пресветата Мајка Божја. Тоа се гледа од тоа што тогашните отци, празнувајќи го споменот на ова чудо, секоја година вршеа богослуженија и света Литургија во таа ќелија, во исто време чествувајќи и славејќи го светиот архангел Гавриил, кој од почеток до крај, остана боговдахновен славословител на Пресвета Богородица, и Нејзин радосен служител и благовесник. Па во оваа прилика послужил како објавител на оваа небесна химна на вистинската Богомајка.

Кога се врати старецот од бдението во ќелијата, послушникот му го испеа „Достојно ест“, како што му заповеда ангелот, и му ја покажа плочата на старецот, напишана со ангелска рака. Откако го слушна и виде ова старецот беше вчудовиден од таквото чудо. Потоа ја зеде плочата, отиде во Протатот и ја покажа на протатот на Света Гора и на останатите старци, и им раскажа сѐ што се случило. Тие едногласно Го прославија Бога и ѝ заблагодарија на Пресвета Богородица за ова чудо. Потоа ја испратија плочата во Цариград кај патријархот и кај царот со пропратни писма, во кои детално го опишаа овој чудесен настан. Оттогаш оваа ангелска песна се рашири низ целиот свет, така што сите православни христијани ѝ пејат на Пресвета Богородица. А светата икона на Пречистата Богородица, која се наоѓаше во црквата на онаа ќелија и пред која се случи ова чудо, од отците на Света Гора беше пренесена во велелепната црква на Протатонот, каде што се наоѓа и денес. А ќелијата го доби името „Достојно ест“.

 

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2018/06/10/dostojno-est/