логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Митрополит Јеротеј Навпактски

Во претходна моја статија ветив дека ќе го разгледам поимот автокефална црква, кошто денес се толкува погрешно. Имено, тоа ќе го направам во претстојниов текст, каде што ќе ги резимирам моите мисли, кои сум ги споделил и претходно.

Кога говориме за помесните цркви, ние ги нарекуваме автокефални – така тие се нарекуваат и во томосите издадени од Вселенската патријаршија, којашто дава самоуправување на некои од своите митрополии.

Сметам дека поимот автокефална црква треба да биде прецизиран и разгледан во еклисиолошки план. Тоа е многу важно, зашто проблемот што се појави со украинското прашање е симптом, но причината за болеста е во начинот на кој што денес некои помесни цркви ја разбираат црковната автокефалија. Ќе го појаснам тоа во следните редови.

Христос е главата (κεφαλή) на Црквата

Прво треба да потцртаме дека глава на Црквата, ја имам во предвид Православната Црква, е Христос. Тоа го пишува на категоричен начин св. ап. Павле: „и сѐ Му покори под Неговите нозе и Го постави глава над сите во Црквата, која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сѐ во сѐ“ (Еф. 1, 22-23). А после тоа пишува: „Со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној Кој е глава, Христос. Со Него целото тело е составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поради силите негови, нараснува за да се изградува во љубов“ (Еф. 4, 15-16). Овие апостолски цитати се навистина јасни. Глава на Црквата е Христос. Тој го собира и сврзува целото тело на Црквата, и секој член на Црквата, според дадената му харизма, допринесува со љубов за растење на телото и за негово изградување. На друго место во истото послание апостолот пишува: „Христос е глава на Црквата и Тој е Спасител на телото“ (Еф. 5, 23). Тоа означува дека Спасител на Црквата е Христос, а секој од членовите на телото не ја спасува Црквата, туку пребива во неа за да се спаси.

Имено, кога Христос е глава на Црквата и никој друг, тогаш што означува изразот дека една помесна црква е „автокефална“ (буквално „се самоуправува“, „се самооглавува“)? Свети апостол Павле го поставува прашањето: „Па зар Христос е разделен? Зарем Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово бевте крстени?“ (Кор. 1, 13). Затоа не треба да ги разбираме помесните православни цркви како независни една од друга афтокефалии, а како помесни во евхаристички смисол цркви. Во Божествената Евхаристија еден е Агнецот на дискот, еден е Христос, Кој е споделуван без да се раздели, па затоа и претстојателот на евхаристијното собрание кажува: „Се раздробува и се разделува Агнецот Божји, раздробуван, но не разделен“. Така секој се причестува со целиот Христос, а не само со честица од Него.

Отец Јован Романидис кажуваше дека таа евхаристичка фраза e „клучот за таинството на Педесетница“. Божјата благодат „се разделува неразделно меѓу разделените“, како што имено тоа се случува во денот на Педесетница во Црквата со Телото Христово. Важното е дека од денот на Педесетница кога човечката природа на Христа учествува во Божјата енергија, разделена неразделно во различните луѓе, целиот Христос престојува во секој верен, во кого инаку „се изобразил“ Христос.

Ќе рече, од Педесетница Телото Христово е извор на нетварната Божја благодат благодарение на единството помеѓу божествената и човечката природа во ипостаста на Словото, како тоа исто „се разделува неразделно меѓу разделените“.

Христос е главата на Црквата. Помесните претстојатели се сметани за глави по образецот (примерот) и местото на Христос, а не како Негови претставници и викари.

Митрополитот е сметан за глава на Епархискиот собор по образецот на Христос

Се обидував да најдам свети канони во кои присуствува зборот „автокефален“. И покрај моето истражување, не го сретнав тој поим во црковните канони, но открив други како „невлијателен“, „на кој не се влијае“ (ἀνεπηρέαστον), „без принуда“ (ἀβίαστον) и др. На вселенските собори отците на Црквата дале слобода на одделните помесни цркви да ги ракополагаат своите епископи и да ги администрираат своите епархии, без другите цркви да се мешаат во нивните внатрешни дела.

Основата за функционирањето на помесните цркви е Апостолското правило 34: „Епископите на секој народ треба да го познаваат првиот помеѓу себеси, когошто ќе го признаваат како глава, и да не вршат без негово расудување ништо коешто ја преминува нивната власт, а секој да го прави само тоа што се однесува до неговата епархија и подвластените на неа места. Но и првиот епископ да не врши ништо без расудувањето на сите епископи, зашто на тој начин ќе има едномислие и ќе се прослави Бог преку Господа во Духот Свети – Отец и Син и Дух Свет“.

Тоа апостолско правило одредува зачудувачка рамнотежа за да има во Црквата единство и се однесува до сите рамништа на соборниот систем во Црквата. Според толкувачот на тоа правило, Јован Зонара (1074-1130), како телата, ако немаат дејствие на едната глава се движат хаотично и се целосно бескорисни, така и телото на Црквата „ако нема свој првенец и глава на полниот ред, којшто ќе се користи со чест во својата епархија, се движи неуредно и лошо“. Натаму тој објаснува дека тој канон „ги нарекува глава на другите епископи во областа“ првите епископи на секоја епархија т.е. епископите на митрополиите, за без првиот „ништо да не се прави“ по прашањата на општата состојба на Црквата, т.е. „по прашањата за догматиката, употребувањето на иконимија за вообичаените грешки, состојбата на архиереите и др.“. Се разбира, не се дозволува на „првиот“ да го злоупотребува тоа достоинство и да се меша, без согласноста на епископите, во внатрешните дела на нивните епископии.

Теодор Валсамон (1140-1199), толкувајќи го истиот канон, пишува дека „редот е својствен на небесните нешта, но и на земните“. Кога говори за небесните, тој ги има предвид ангелите и светителите. Тој канон ги поставува: „ракоположените да ги почитуваат оние коишто ги ракоположиле, затоа што тие се први и нивни глави“. А после тоа толкува: „Имено, како по општа согласност е определено, сѐ што е надвор од административните дела во секоја епархија, односно за црковната состојба и сѐ што е кажано претходно, да не станува без согласност на првенците меѓу епископите“. Но и првиот „не чини да прави ништо без согласност на епископите“.

Св. Никодим Светогорец го толкува тоа апостолско правило вака: „Постоечкото правило определува сите епископи од една епархија да го познаат оној којшто е прв меѓу нив, т.е. митрополитот, и да мислат за него како за своја глава, и без неговото мислење не прават ништо излишно – такво, коешто не спаѓа во областа на нивните епископии, но ги надминува и ја опфаќа општата состојба за целата епархија, како догматските прашања, применувањето на икономија и општите грешки, состојбата и хиротониите на архиереите и др.“. Но, да се согласуваат со митрополитот и заедно со него да се советуваат по тие општи прашања и она, што ќе се покаже најдобро, да биде да биде решавано општо од сите. Секој од епископите да работи сам, без мислењето на митрополитот само за оние нешта, коишто припаѓаат во границите на неговата епископија и во земјата, каде што неговата епископија е распространета. Така сепак, како што епископите не треба да вршат ништо од општото дело без мислењето на митрополитот, по истиот начин и тој не треба да прави ништо од тоа општо дело сам и од себеси, без мислењето на сите негови епископи. Каде што се постапува по тој начин ќе има согласие и љубов меѓу епископите и митрополитот, меѓу клирици и мирјани. Преку тоа согласие и љубов ќе се прослави Бог и Отец и Неговиот Син, нашиот Господ Исус Христос, Којшто го јави на луѓето името на Отецот и ја постави љубовта како закон, кажувајќи: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе.“ (Јн. 13, 35). Така ќе се прослави и Светиот Дух, Којшто преку Својата благодат не соедини во една духовна врска. Во тоа согласие се прославува Светата Троица, Отец, Син и Свет Дух, според кажаното во Евангелието: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!“ (Мт. 5, 16).

Од тоа апостолско правило и од толкувањето, станува јасно дека во митрополитскиот систем на управување, митрополитот на главниот град на епархијата е прв, и како глава тој треба да ја има таа чест од епископите и дека ништо од кажаното не смее да се врши без негово мислење, но и тој не треба да прави ништо без мислењето на сите епископи. Така работи соборниот систем на управување на Црквата, која е едновремено и јерархиска.

Каква што е врската на епископот со неговите митрополити, таква е врската и на митрополитот со патријархот, на кого што тој е потчинет. Така како што системот на Православната црква е соборен и јерархиски, таква треба да е врската и меѓу секој претстојател и првопрестолниот патријарх, архиепископот на Новиот Рим и Вселенски патријарх, макар и да се еднакви. Не може да се тврди дека соборниот систем престанува до секој претстојател на дадена црква и претстојателите на црквите ќе останат без глава, а автокефалните цркви ќе функционираат како независни „многукефални“ цркви. Ќе го анализираме тоа подолу.

„Автокефалниот архиепископ“

Како што видовме, според митрополитскиот систем на управување, митрополитот во својата епархија е сметан од епископите за глава т.е. прв, без, се разбира, тоа да означува дека го заменува Христос, Кој е глава на Црквата. Тој е административна глава по редот и по примерот на Христос, Кој е главата на целата Црква, изразувајќи го по тој начин таинството на Неговото видливо присуство, така што да не се отфрла богословската вистина, дека Црквата е Тело на Христос и е една.

Со текот на времето во Црквата се појавува поимот автокефален архиепископ – во смисла дека тој не се потчинува на митрополитот – главата на епархијата, туку е самостоен, автокефален во однос на митрополитот на областа, и се потчинува непосредно на Вселенскиот патријарх, когошто го споменува, за да се гарантира единството на Црквата и соборно – јерархискиот ѝ систем. Автокефален архиепископ се нарекува и оној, кој е надвор од канонските територии на останатите митрополии, како што бил на пример св. Методиј во Моравија. Така „автокефалниот архиепископ“ не бил независен, а се потчинувал на патријархот на Новиот Рим – Константинопол.

За проф. Јоанис Тарнанидис, којшто ја разгледал целата расположлива библиографија по таа тема, поимот автокефален не се однесува на „една конкретна и непроменлива во сите епохи форма на црковна независност“, а „во современите проучувања тоа се користи често пати во погрешна смисла“. Понатака тој тврди: „Во Преданието на Црквата поимот автокефален се појавува и се употребува додаден пред титулата на архиепископот за да му придаде авторитет. Основната предност на „автокефалниот архиепископ“ било неговото ослободување од митрополитот на областа и директно потчинување на патријархот на Константинопол. Автокефален архиепископ се ракополага од патријархот, когошто тој е должен да го споменува, покажувајќи ја со тоа својата зависност од него. Следствено во првиот стадиум независноста на автокефалниот архиепископ била ограничена и му важела само во однос на врската со митрополитот на областа“.

Поимот автокефален архиепископ е навистина јасен и не одредува воопшто некој само-независен епископ, бидејќи тој се потчинувал на патријархот на Константинопол, кого што го и споменувал.

Повторно според проф. Тарнанидис, авторитетот на архиепископот, којшто е потчинет на патријархот и соодветно на тоа и значењето на автокефалноста, „започнува да нараснува главно од IX век, кога прашањето за црковната независност се претвора во дел од поопштите политички стремежи на словенските владетели и поконкретно на Бугарите Борис I и Симеон“. Борис ги искористил противречијата меѓу Источната и Западната црква и си поставува за цел да го принуди Константинопол да му обезбеди црковна автономија. „Под тој двоен црковен и политички притисок се појавува новата форма на автокефален архиепископ, којшто, испреварувајќи го митрополитот, зазема место веднаш после патријархот“.

Но и со тоа издигање автокефалниот архиепископ не добива полна независност. Константинополскиот патријарх го има правото да го хиротониса автокефалниот архиепископ, а тој од своја страна бил задолжен да го споменува. Проф. Тарнанидис завршува вака: „Поради таа причина ја сметаме за погрешна позицијата на некои истражувачи, коишто поимот автокефалност го сметаат за нешто статично во секоја епоха и имајќи смисла на црковна независност“. Тоа, се разбира, е случај во следните етапи.

„Автокефални цркви“ – „автокефалност“

Како што забележавме, според каноните првиот во секоја епархија се смета за глава, по примерот на единствената вистинска глава, Христос, а подоцна е воведен и поимот автокефален архиепископ, којшто е таков спрема митрополитот, но не и спрема Патријархот. Во каноните сепак никаде не се употребува поимот автокефална црква. Тоа означува, дека едно е првиот да биде сметан за глава по примерот и местото на Христос, а друго е поимот автокефална црква. Едно е автокефален архиепископ, зависен од патријархот на Константинопол, а друго е автокефална црква, којашто сеуште не е наполно независна.

Самоуправувањето на Црквата се опишува во каноните со различни изрази, но поимот автокефален, употребен за црквите, се појавува едвај во толкувањата на Валсамон. Правило 2 од Вториот вселенски собор на пример ги определува границите во коишто ќе дејствуваат помесните цркви, така што да не се мешаат во делата на другите цркви и да не се смешаат „правата на црквите“. Со тоа правило се определува да не се смешаат црквите и „епископи да не ги преминуваат границите на својата област за ракополагање или за некоја друга црковна одредба“. После XII век Валсамон го толкува тој канон, каде пишува за митрополити кои биле „автокефални“. „Тој канон пропишува дека претходно сите епархиски митрополити биле автокефални и биле хиротонисувани од месните собори“, т.е. Валсамон го нарекува митрополитот, кој бил прв меѓу другите епископи во епархијата и бил сметан за нивна глава, „автокефален“.

Како што учи црковната традиција, Правило 8 од Третиот вселенски собор (431 г.) носи решение во врска со хиротониите, коишто архиепископот на Антиохија ги извршувал во Кипар. Канонот пропишува: „претстојателите на светите цркви во Кипар нека имаат полно и неоспорено право, според правилата на св. отци и по стариот обичај, сами да си поставуваат благоговејни епископи“. После кое додава: „Истото да се запазува и во други области и во сите епархии, па никој од богољубивите епископи да не ја простира својата власт над друга епархија којашто претходно и од самиот почеток не била во негови раце или во рацете на неговите претходници“. Не се говори за автокефална црква, а за тоа црквите во Кипар да имаат право „без влијание и принуда“ да ги извршуваат хиротониите на месните епископи.

Во своето толкување на Правило 39 на Петто-шестиот вселенски собор (692 год.) но, коешто се занимавало со проблемот на црквата во Кипар, Валсамон го спомнува Правило 8 на Третиот вселенски собор, коешто обезбедило самоуправување на Црквата во Кипар и ја нарекува автокефална црква. Тој пишува: „Осмото правило на Третиот собор на којшто присуствува пристигнатиот епископ од Кипар, наречен Ригин, ја одредува црквата во Кипар за автокефална и му забранува на (епископот на) Антиохија да извршува хиротонии таму“. Очигледно е дека употребениот, во правилото на Третиот вселенски собор, израз „право (да извршуваат хиротонии) без да им се влијае и без да им се покажува насилство“, во XII век Валсамон го толкува како автокефална црква, а после него истото го прави и св. Никодим Светогорец.

Покасно во актовите на катедрите се говори за „редот на првенството на катедрите на светите патријаршии“, „на митрополитите и автокефалните и епископите потчинети на апостолскиот трон на богопазениот и царски град“. Тоа означува дека автокефалните епископи не се потчинувале на митрополитот на епархијата, туку на патријархот, когошто го споменувале, како што веќе потцртавме.

Покасно во томосите за еманципирање на помесните цркви тие се наречени „автокефални цркви“, а во актовите на катедрите се определуваат како автокефални цркви, како: „на Русија, на Кипар, на Австрија, на Грција“. Следствено, во почетокот се говори за црковен статус со право на хиротонија „без (надворешно) влијание и принуда“, а покасно веќе станува збор за автокефален епископ. Поимот автокефални цркви е многу подоцнежен, се сретнува во еден неканонски текст од VI век и е воведен најрано од толкувачот на св. канони, Валсамон, во XII век, определувајќи го на тој начин самоуправувањето на црквите, изборот и хиротонијата на нивните епископи и тоа, дека тие имаат прв и глава со особена служба и одговорности.

Според професорот Јоанис Кармирис, едната Православна соборна црква е Тело на Христос, кое се состои од сите помесни православни цркви. Секоја помесна црква, под раководството на својот епископ, којшто извршува божествена Евхаристија „ја има полнотата на Црквата, осуштествувајќи се во божествената Евхаристија, како Тело Христово – како „Божја црква во Коринт, Рим“ итн.“. Затоа ако сакаме да бидеме точни и да употребиме акривија, не можеме да говориме за Црквата на Грција, на Русија итн., а за Црквата во Грција, во Русија итн. И Кармирис продолжува: „Во единството, еднаквоста и учеството во благодатта, во единството на верата и структурата на помесните православни цркви е едната Православна католичка црква, израз на чиешто единство се сеправославните или вселенски собори“. Во овие зборови впечаток прави тоа дека појавата на Црквата и нејзината соборност не застанува до рамништето на помесните т.н. автокефални цркви, така што секоја „автокефална црква“ да е наполно слободна, но продолжува и после тоа, каде се пројавува во Сеправославниот или Вселенски собор – изразувањето на едната Православна католичка црква. Станува јасно дека претераното акцентирање на автокефалијата и игнорирањето на Сеправославниот собор е еклисиолошки проблем.

Потоа проф. Кармирис продолжува: „Едностраното потцртување на автокефалноста треба да се избегнува од православните богослови, коишто понекогаш стигаат дотаму да говорат за „апсолутна автокефалија“, којшто термин по суштина е непознат и туѓ на православието. Зашто нема никакво сомнение, дека во својата апсолутна смисла автокефалијата произлегува од осудениот на Константинополскиот помесен собор во 1872 год. етнофилетизам, којшто е определен за ерес од Црквата – Телото Христово, зашто го раскинува нејзиното единство и го изменува апостолското и светоотечко предание за соборниот и заеднички систем за администрирање на Православната католичка црква и нејзината традиционална структура“. Од ова станува јасно дека црковното тело е соборно и јерархиско и затоа треба да се избегнува прекумерното акцентирање на црковната автокефалија, коешто ја изопачува црковната традиција. Проф. Кармирис завршува вака: „Следствено ‘апсолутна автокефалија’ противречи на православното догматско учење за Црквата како Тело Христово коешто не се разделува и расчленува, како и на соборниот систем на управување во православието, како што е посведочено во светите канони. На испитување се поставува единството, коешто ние православните го пазиме и сме должни да го пазиме како зеницата во окото, со почит кон многу вековниот канонски црковен ред и особено кон пентархијата на патријаршиите, така како што таа се оформува во епохата на седумте вселенски собори и којашто е дополнета подоцна“.

Единството на Православната црква се пројавува јасно во пентархијата и во денешниот Сеправославен собор, во Синаксисот на претстојателите на православните цркви, и тоа треба да се пази како зеницата во окото. Единството на претстојателите не може да се раскинува со користољубие или националистички цели. Не може една т.н. „автокефална црква“ од второстепени причини да го прекине спомнувањето на друга црква и особено спомнувањето на Вселенскиот патријарх. Таков еден став е еклисиолошка ерес.

Ако сепак на Исток секогаш господствувал системот на пентархијата или на Сеправославниот собор, на Запад се наложува монархискиот систем на управување. Проф. Кармирис пишува: „Додека на Исток господствува канонски пентархијата на патријаршиите и по тој начин и епископско-соборниот, демократски, децентрализиран систем на управување, на Запад, напротив, постепено Римските епископи налагаат папско-монархиски, апсолутно централизиран систем на управување и со тоа се оттргнуваат од суштествената црковна форма. Постепено и полека измените во традиционалната црковна форма на управување настапуваат и во двата дела на Црквата – како во источната, така и во западната.“

Кажаното дотука покажува дека поимот автокефална црква, како што се употребува во практика денес е проблематично од еклисиолошка гледна точка. Што значи поимот „автокефална црква“? Секоја помесна црква да има своја глава, наполно независна од останатите глави? Што значи дека во системот на Православната црква денес има 14 или 15 „автокефални цркви“? Значи Православната црква е „многуглава“ и помесните цркви се целосно независни една од друга? Како функционираат „помесните цркви“ без една глава, без еден првенец, којшто ќе претседателствува со нивните собранијата? И како треба да се разбере тоа, дека Православната црква има една глава, кога сите цркви се автокефални? Митрополитскиот систем го има за глава митрополитот, патријаршискиот систем го има за своја глава патријархот, а претстојателите на помесните „автокефални“ цркви немаат глава, немаат прота (прв архиереј)?

Ете зошто смислата на поимот автокефални цркви како целосно независни, без прв меѓу нив, според канонското право противречи на синодската и јерархиската структура на Црквата и ја претвора во една федерација од цркви, каква што постои во протестантизмот или во Светскиот совет на црквите. Со тоа некои, иако го отфрлаат Светскиот совет на Црквите, во пракса го примаат неговиот начин на дејствување во Православната црква, коешто е недопустливо.  

Папата како „врховен архиереј“ и „браќата патријарси“

Бидејќи во овој текст говорам за првиот архиереј, прота, и не сакам да се мисли дека говорам за приматот како што функционира во римокатолицизмот, ќе се осврнам на разликата меѓу протата во Православната црква и папскиот примат.

На Фераро–Флорентинскиот собор на една етапа од разговорите латините бараат од православните да го признаат папата за „главен архиереј“ (ἄκρον ἀρχιερέα). Според Сиропулос, текстот којшто латините го испратиле за потпис од православните како услов да се осуштестви единството на „црквите“ содржел како прво побарување православните да го признаат дополнувањето на filioque во Символот на верата, зашто е извршено од папата, којшто е „врховен архиереј“ и „викар“ – претставител на Христос на земјата. Тоа е основата на папскиот примат, којшто е недопустлив во Православната црква.

По тоа прашање православните одговориле дека ако треба да се дополни нешто во Символот на верата – нешто дополнително, тоа не може да се направи само од папата, без учество на останатите браќа патријарси, т.е. православните го отфрлиле разбирањето на папата како „викар на Христос“ во Црквата и како „врховен архиереј“. И поконкретно тие одговараат: „Како вие кажувате дека црквата на Рим има власт да додава или да одзема без своите браќа патријарси? Дури дополнувањето да е благочестиво, тој што се дрзнал да го стори тоа без соборно признание, не е невин“.

И така во православната црковна традиција папата не е „врховен архиереј“ и нема главатарство во Црквата со догматско значење на „викариј на Христос“, како Христос да се наоѓа само на небесата и да не е глава на Црквата, туку правата Му се предадени на Неговиот викар и претставник на земјата, којшто е „врховен архиереј“!  Видливо е дека секој папа, исповедајќи го учењето за приматот, се смета себе си за наследник не на претходниот папа, а директно на ап. Петар и се разбира за викар на Христос. Вакви идеи се недопустливи и неприфатливи во Православната црква. Вселенскиот патријарх никогаш не кажувал за себе си дека е „главен архиереј“ и „викар на Христос“ на земјата. Напротив, тој многукратно потцртувал дека во Православната црква нема папа. На Соборот во Крит тој со инсистирање го подвлече особено следново: „Во Православието немаме папа“. Тој сепак е изразител на единството на Црквата и нејзин служител. Тој е претстојател на Евхаристиското собрание, а оттука и претстојател во административната структура на помесните цркви. Системот на Православната црква не е папски, но не е ни протестантски, а е „соборно-јерархиски“ и „јерархично-соборен“.

Како првопрестолен Вселенскиот патријарх има определени задолженија, кои што во пракса се признаени од сите православни цркви. Среде нив е претседателствувањето на Вториот и на сите следни вселенски собори, доделувањето на томоси не само за автокефалија, но и за патријаршиско достоинство и чест на сите помлади цркви, почнувајќи од Црквата во Русија, па до денес. Кој му ги оспорувал досега тие негови исклучителни привилегии и задолженија? Оној кој што очигледно ги одрекува, за да биде доследен и чесен кон себе си, треба да ги отфрли сите автокефални цркви и патријаршии на коишто во ново време Вселенскиот патријарх им издал томоси. Тоа пак, дека некои современи богослови одат многу далеку и ги издигаат тие привилегии на Вселенскиот патријарх до рамниште на „приматот на Отецот“ по однос на Синот и Светиот Дух, тоа е богохулно. Црквата е Тело на Христос, а не на Отецот и природно дека постои голема разлика меѓу несоздадено и создадено, меѓу богословие и домострој и меѓу тие нешта не може и не треба да станува мешање.

Таинството на Светата Троица во Нејзината суштина е наполно недостапно за човекот и ние можеме да се допреме до него само апофатички. Не постојат аналогии меѓу Троичниот Бог и човечките дела. На таа тема сум посветил други мои статии.

„Црквата е организирана и соборна“

После сѐ кажано произлегува прашањето: Што означува поимот автокефална црква со којшто  денес означуваме 14 или 15 автокефални цркви?

Тој поим е проблематичен и според мене тоа треба да се разбира единствено во смислата на самоуправување на црквите, коешто не означува дека тие се независни една од друга. Станува збор за помесни цркви, коишто се самоуправуваат и имаат канонско „право на избор“ на епископи-митрополити и на првиот помеѓу нив, како и „правото на суд“ над нив, без другите помесни цркви да се мешаат во нивните внатрешни работи. Никогаш не треба поимот автокефални цркви да се разбира како независни една од друга цркви. И така кога сите тие имаат врска со останатите цркви, тоа значи дека постои еден видлив административен и евхаристиски центар.

Веќе објаснивме што значи тоа дека Глава на Црквата е Христос, но гледаме дека има многу помесни цркви кои имаат за свој глава еден прота – прв епископ, според евхаристискиот начин на функционирање на Црквата, согласно изразот: „се разделува и се раздава Божјиот Агнец, разделуван и неразделен“. Неопходно е, следствено, да го објасниме тоа одново, излегувајќи од тајната на божествената Евхаристија и административното самоуправување на помесните цркви, коишто сепак не се еклисиолошки независни една од друга.

Кога се отслужува божествена Литургија, претстојателот – првиот, протата – е во „редот на Христос“, а останатите сослужуваат со него. Првиот е којшто служи и ги изрекува Господовите зборови. Познатиот по својата чувствителност кон литургиските теми св. Симеон Солунски пишува дека за време на божествената Литургија архиерејот е наречен „носител на Неговата (на Христос) благодат“, а за време на св. Литургија тој го претставува Христос. „И тој го претставува Самиот Христос – заклан и жив, и легнат таму, мислено принесуван и непрестајно свештенодејствуван и претставувајќи го седењето на Христос од десно на Отецот на исток врз високиот Божји престол“.

Натаму тој пишува дека првиот меѓу архиереите или презвитерите го предава мирот на народот. „Првиот помеѓу архиереите или презвитерите го предава мирот (на народот), другите го земаат редот на апостолите, а првиот архиереј е на местото на Христос“.

Со други зборови првиот архиереј што служи е во редот на Христос. „Тој го предава мирот на Евангелието, бидејќи е по образ на Христос, а другите (сослужителите) – (го предаваат мирот) на апостолите, бидејќи се образ на спасителните апостоли“. Но и тоа тие не го прават од самите себе, а кога ќе земат благослов од првиот: „И никогаш не го прават тоа од самите себе, но земајќи благослов го предаваат мирот“. Следствено Христос е Тој, Којшто ја извршува божествената Литургија. Претстојателот во божествената Литургија е тој, којшто е „во редот на Христос“, зашто според св. Јован Златоуст „ние служиме во зависност од редот (според местото) во којшто пребиваме. Јерејот просто го позајмува јазикот и ги предава рацете“. А според молитвата од Херувимската песна претстојателот се моли: „Ти си Приносителот и Принесениот, Тој Којшто прима и бива раздаван, Христе Боже наш“. Како што оној што чиноначалствува со божествената Литургија е „во редот на Христос“ и е „по образот на Христос“ и „во видот на Христос“, така станува и во целиот живот на Црквата, којшто е продолжение на божествената Евхаристија.  Затоа кога има Сеправославна литургија на која присуствуваат сите претстојатели, патријархот на Новиот Рим е „образ (во видот) на Христос“ и е „во редот на (на местото на) Христос“, а сите останати сослужуваат со него. Тоа продолжува и на сеправославните собори и синаксиси на претстојателите, зашто целиот живот на Црквата е проекција на божествената Литургија. Вселенскиот патријарх е првиот којшто го гради единството на Црквата по образот на Христос, без да е „главен архиереј“ и „викар на Христос“. Така се запазува соборната и јерархиска структура на Црквата, којашто е различна од папската и протестантската.

Отец Јован Романидис забележува: „Како Тело на Христос, Црквата е живеалиште на несоздадената слава на Бога. Не можеме да го одделиме Христос од Црквата, ниту Црквата од Христос. Во папизмот и во протестантизмот јасно се гледа разликата меѓу Телото Христово и Црквата т.е. возможно е некој да учествува во Телото Христово без да е член на папската ‘црква’. За православниот тоа е невозможно“. „Во древната Црква, кога говореле за Телото Христово и за Христос како глава на Црквата, немале предвид, се разбира, дека Христос се распростира телесно во целиот свет и дека, на пример, главата му е во Рим, едната рака на Исток, а другата на Запад итн., туку дека целиот Христос присуствува во секоја „одделна“ црква со сите нејзини членови: светци и верници во екумената. Така, кога ја извршуваме божествената Евхаристија, според учењето на отците, на неа не присуствува само Христос, но и сите свети, како и христијаните во целата вселена што присуствуваат таму во Христа. Кога се причестуваме со мала честица од св. Леб, го примаме во себе целиот Христос. Собранието на сите христијани на евхаристиската трпеза ја собира целата Црква, а не само еден дел од неа. Поради таа причина во светоотечката традиција се наложило храмот во еден манастир да се нарекува католикон (соборен, сеопфатен)“.

Како што многупати сум повторувал и го сметам за многу важно, тоа покажува дека Христос „се разделува неразделно во разделените“ и дека таинството на Христос се изразува во Таинството на божествената Евхаристија и на Црквата, дека организацијата на Православната црква е соборна (за разлика од папизмот) и јерархиска (за разлика од протестантизмот).

Св. Дионисиј Ареопагит го развива тоа прашање во своите трудови За небесната јерархија и За црковната јерархија. Јерархијата е свештена држава, наречена е „свештена тврдина“, изградена според божествениот ред и јерархиски организирана, а нејзиниот Цар е самото боговластие (Бог), Којшто е почетокот на обожението. „И така, којшто кажува јерархија, разбира воопшто некаква уредба, образ на богоначалната красота, којашто свештенодејствува преку јерархиските чинови и разумните таинствата на својата озареност и се уподобува, како што е редот, на своето начало“. На друго место св. Дионисиј кажува дека божествениот ерос е екстатичен, што означува дека не ги остава вљубените во Бога да останат затворени во себе си, но да отидат при Оној, во Кого што се вљубени. И тоа се гледа од фактот, дека повишите нешта промислуваат за пониските, тие кои се на едно рамниште (од истиот ред) се сврзуваат едно со друго, но и пониските се обраќаат кон повишите. „Така и оние кои располагаат со екстатичниот божествен ерос не остануваат вљубени во себе си, туку во оние во коишто се вљубени, повишите нешта промислуваат за пониските, а подобните се сврзуваат помеѓу себе си, така што несовршените се насочуваат кон божествените први (нешта)“. Овој цитат ја покажува, освен врската на Христос со светите, и на светите со Христос, едновремено и начинот по којшто треба да функционира и Црквата, односно соборно и јерархиски. Сите излегуваат од себе си и се оддаваат себе си на другите, така што повишите слегуваат до пониските, подобните се сврзуваат со оние коишто се од истиот ред, а пониските се издигаат до повишите. При таква перспектива не важат ниту папизмот, ниту протестантизмот, а важи „кенотичната“ (кеноза – смирување, снисходење, самоиспразнување) улога на православниот соборен и јерархиски устроен ред. Ние сите треба да се стремиме да не го раскинуваме тоа единство, коешто е востановено од Бога.

Во многу од сочиненијата на светите отци можеме да го видиме нивното разбирање дека Црквата е јерархиска. Св. Јован Златоуст толкувајќи го псаломскиот стих – „похвала за Него да се чуе во храмот на светиите“ (Пс. 149, 1), кажува: „Сѐ да станува заеднички и во целосно согласување, за да има благосостојба. Црквата означува организираност и собор“. Зборот црква означува собор, а не независност. А на друго место, говорејќи за собирањето во храмот коешто е основата на целиот црковен живот, тој кажува: „Црквата се осуштествува не кога сме разделени, а кога разделените ќе се сврзат и тоа покажува соборност“. Црквата е сврзана со соборот и тоа се пројавува во св. Евхаристија. Бидејќи зборот „црква“ означува соборност, тогаш соборниот систем дејствува на сите рамништа на нејзиниот живот. Не може соборниот ред да е својствен на парохиите, манастирите, митрополиите, патријаршиите и автокефалните цркви, а да прекинува на нивото на претстојателите! Со кого се во случајот поврзани претстојателите на црквите? Не се ли поврзани со Синаксисот – соборот на претстојателите со првиот меѓу нив Вселенскиот патријарх? Зарем во спротивен случај автокефалијата не се толкува како автокефаловластие? При положба дека Синаксисот – соборот на претстојателите нема глава, нема прота? Зарем Православната црква е безглава, подобно на протестантска организација?  

Кога служи претстојател, тој ги чита диптисите и на прво место го споменува Вселенскиот патријарх, а после тоа сите други патријарси и претстојатели на помесните православни цркви. Таа практика е важна, зашто ги илустрира принципите за коишто говорев погоре и не може да биде заменета со безличното „целото епископство на православните“, зашто тоа воведува протестантски принцип. Секогаш сум имал недоумица што означува „целото епископство на православните“, што го споменува секој претстојател на помесна црква со тие зборови, а не споменува еден прота, заедно со Соборот на претстојателите? Колку што ми е познато, тој начин на споменување – „целото епископство на православните“ – при служба на претстојател се сретнува од XIV век, кога се користи паралелно со читањето на диптисите и на тој начин се толкува од нив. Претстојателите на православните цркви сепак не може да немаат врска со Соборот – синаксис, оглавен од протата помеѓу нив.

Така станува јасно дека, кога една помесна црква го прекине споменувањето во своите диптиси на првиот (меѓу претстојателите), таа веќе е во состојба на шизма и образува независна глава, го раскинува она, кое „неразделно се разделува меѓу разделените“. Во својата суштина ова е еклисиолошка ерес со догматски последици, имено зашто Црквата е Тело Христово, имајќи го за своја глава Христос, Којшто „се разделува неразделно меѓу разделените“ и тој принцип се прилага на сите рамништа на соборноста, како што кажува веќе цитираниот св. Јован Златоуст. Затоа автокефалијата и патријаршиската чест и достоинство никогаш не се разбираат како независни една од друга цркви, без први меѓу нив, како „автокефализам“, според проф. Кармирис, како „кефалархија“ – според Оливие Клеман и како „феудално владеење“ – според Панајотис Трембелас. Подобен начин на мислење го растура соборниот и јерархиски ред на Црквата, води до шизматичка состојба и до еклисиолошка ерес.

Силата и дејството на шизмата

Шизмите не стануваат само на ниско рамниште во Црквата, од тие свештеници што сакаат да се на чело, но и на повисоко рамниште, кога еден претстојател заедно со својот синод се одделат од протата и го прекинат евхаристиското општење со него. Се разбира, протата исто треба да го уважува богословието на Црквата и нејзиниот соборен систем. Имало случаи кога и протата паѓал во догматски грешки и ги понесувал последиците од тоа (Несториј, Хонориј и др.). Во секој случај, оддалечувањето од соборниот систем се случува од многу причини. Св. Јован Златоуст ги толкува апостолските зборови „не ставајте си во умот високи работи, туку предајте се кон скромни нешта“ (Рим. 12, 16) вака: „Ништо не го раскинува така телото на Црквата, како гордоста“. А на друго место поучува, дека отцепениот од „тој собор“ и оддалечувајќи се од учењето на отците и лекарството на Црквата „никако не ќе се излекува, а брзо ќе падне поразен од болеста“.   

Св. Василиј Велики ги толкува зборовите на св. пророк Исаија „Од главата до петите нема во тој народ здраво место, модрици, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со масло“ (Ис. 1, 6) по следниот начин: „Раните се постоечките во Црквата расколи; модриците се лажливите срца, гнојните рани – душите што се превознесуваат, коишто имаат неразумно мислење за себеси и затоа постапуваат против „Христовиот разум“. Завојот, пак, е зборот, којшто со кротост и тишина ја смирува суетната надменост, а маслото е зборот, којшто со милосрдие и сострадание го омекнува лукавството, лажливоста и жестокоста на оние што со лицемерие говорат лага“.

Во заклучокот ќе повториме дека единствена глава на Црквата е Христос, поради што Црквата е една. Помесните православни цркви не го разрушуваат своето единство преку расчленувањето и неразделувањето на евхаристискиот Леб. Помесните цркви се управуваат на начинот на којшто се извршува божествената Евхаристија, имајќи чиноначалник и сослужители. Структурата на Црквата е и соборна и јерархиска. Тоа започнува од рамништето на помесните цркви – митрополии и стига до Соборот на претстојателите. Соборниот и јерархиски принцип на дејствување не може да застане до рамништето на претстојателите, а таму веќе да се применува папскиот или протестантскиот систем на организација. Архиереите претстојатели на Црквите се сметани за глави на црквите „по примерот и местото“ на Главата – Христос. Атвтокефалниот архиепископ е определен како таков по однос на својот митрополит, а не по однос на Вселенскиот патријарх, од кого добил хиротонија и кого го споменува на божествената Литургија. Поимот автокефална црква којшто се воведува многу покасно, треба да се толкува во православен дух, а не како полно распаѓање на соборниот систем, како „лош примат“ или „разновластие“. Секоја автокефална црква треба да има врска со Вселенската катедра. Секое отцепување од соборниот и јерархиски систем на Црквата и прекин на споменувањето на Првиот за време на божествената Евхаристија е шизма, која се случува од самоизмама и горделивост, освен ако протата не паднал во ерес и тоа да се објави соборно. И така како што „редот ги собира сите нешта – и небесните и земните“, тој ред не може да биде отфрлен по однос на Соборот – синаксис на претстојателите, зашто тогаш воведуваме друг, не светоотечки, туку антиправославен и секуларизиран институт во животот на Црквата, по подобие на Светскиот совет на црквите.

11.11.2019 лето Господово

Извор:

https://bigorski.org.mk/kolumni/poimot-avtokefalna-crkva/

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5761
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6578
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6363
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5559
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

16/04/2024 - вторник

Велигденски пости; (строг пост)

Преподобен Тит Чудотворец; Светите маченици Амфијан и Едесија;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Славен и прославен е Господ од целиот род човечки,што изнедри таква фиданка како тебе о, Јосифе,рако продолжена на Духот Свети,поттикнат...

Тропар на светиот Христов исповедник преподобен Никита 3 април / 16 април 2024

Тропар на светиот Христов исповедник преподобен Никита 3 април / 16 април 2024

Исповедниче на православието,пастиру на овците словесни,велик молитвенику, од Никифора преподобниотдуховно роден, од Тарасие Патријархотсо оклопот на свештенство облечен,

 Тропар на преподобниот отец наш Тит чудотворец 2 април / 15 април 2024

Тропар на преподобниот отец наш Тит чудотворец 2 април / 15 април 2024

Небесата сведочат за твоите подвизи,преподобен оче наш Тите,земјата те восфалува со сведоштво на твоите ученици,кои по делата на верата твоја...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная