79.jpg

Руската црква собра 7 милиони рубљи за сирискиот народ
04 јули 2013


Во текот на последната недела православни христијани во Русија собраа над 7 милиони рубљи, како помош за жртвите на граѓанската војна во Сирија. Ова го соопшти Синодалниот оддел за хуманитарна мисија при РПЦ.„Средствата пристигнуваат како од епархиите, манастирите и храмовите, така и од благочестиви поединци од разни градови од земјава. Прилозите пристигнуваат дури од Кримск, кој што минатата година тешко настрада од поплавите“, раскажуваат од Синодалниот оддел.
Акцијата беше објавена пред околу една седмица, кога Рускиот патријарх Кирил се обрати кон верниците со апел да помогнат на христијаните во Сирија. „Нашиот народ неодамна преживеа нешто слично. Во годините на Револуцијата, граѓанската војна и гонењето против Црквата, илјадници наши сонародници беа убиени. Меѓу нив имаше не мал број ерарси, свештеници, монаси и мирјани. Ние го почитуваме подвигот на новомачениците и руските исповедници. Истовремено со тоа, не можеме рамнодушно да гледаме како денес одново се пролева невина крв. Ние со вас не можеме да ја запреме таа војна, но можеме усрдно да се помолиме за нејзиното брзо прекинување и да им укажеме помош на луѓето што страдаат, а меѓу нив и на нашите браќа христијани“, изјави патријархот.
Акцијата е координирана од страна на Синодалниот оддел за хуманитарна дејност. По нејзиното завршување собраните средства ќе бидат предадени на Антиохискиот патријарх Јован 10, како и на врховниот муфтија на Сирија Ахмад Бадр-ед-Дин Хасун.

Извор: Двери

Преземено од: Бигорски манастир