"Отец Гаврил имал и голем дар на прозорливост. Честопати патувал за Скопје и служел бдение во храмот Св. Параскева- Петка. Еднаш, на еден голем празник во црквата, една жена, во себе се молела на Бога да и помогне во нејзината прва бременост, бидејки имала компликации и крварења. Исто така, имала и големи искушенија во семејството. Таа се молела во себе, Бог да и даде здраво и право машко дете и да и даде сили за да може да го исчува. Додека таа се молела на Бога, дошол Отец Гаврил , ја потчукнал по рамото и и рекол:" Не се секирај, ќе родиш право и здраво дете". Таа на тоа се зачудила, бидејки бременоста НЕ БИЛА видлива и НИКОЈ НЕ ЗНАЕЛ дека носи дете. Кога го прашала од каде знае, тој мирно и одговорил: "Светиот Дух".
          Преподобниот постојано знаел однапред кога доаѓаат гости во манастирот, и многупати ги чекал пред манастирските порти. Еднаш, на еден брат, негово духовно чедо, по светата богослужба Отец Гаврил му рекол да направи повеќе јадење бидејки ќе дојдат гости. Тој првин се противил но сепак направил јадење. И навистина, кога ја поставиле трпезата, ете пристигнале и гостите.
Бил почитуван од директори, професори, многумина доаѓале тајно и наоѓале утеха и решение за своите проблеми. Еднаш на Ленче и кажал дека тогашниот директор на конфекцијата " Астибо" од Штип, кога дошол кај него да бара решение за некој проблем, Отец Гаврил му рекол:" немаш време веќе за ништо ". Директорот си заминал а по неколку дена умрел.
           Меѓу познатите личности се издвојува средбата на Отец Гаврил со Маргарет Тачер. Кога во една пригода тој бил во Лондон и одејки во градот со Маргарет Тачер, тој на неа на едно место и рекол: " Овде еден ден се ќе биде покриено со многу цвеќе". Таа го прашала: "Зошто?". Тој одговорил:" ќе загине млада жена од железна кутија". Тоа пророштво било за смртта на принцезата Дијана. Кога тоа навистина се случило во 1997 година, Маргарет Тачер се сетила на кажувата на Отец Гаврил и го побарала во Македонија, но тој веќе бил упокоен. Таа за Отец Гаврил рекла: "Таа душа знаеше се"

-извадоци од книгата: Житие и акатист на Светиот Гаврил Епископ Велички Светогорец. Библиотека ,,Св.Гаврил Лесновски" МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

 

 Друго: