† Постејќи телесно, да постиме и духовно

Вистински е оној посник кој се воздржува од блуд, прељубодејство и секаква нечистотија. Вистински посник е оној кој што го осигурал својот јазик со воздржување и го воздржува од празнословие, од луди зборови, клевети, осудувања, ласкања, лаги и од секакви злословија. Вистински посник е оној кој ги воздржува своите раце од крадење, одземање и проневери, и своето срце од присакување туѓи нешта. Со еден збор, добар посник е оној кој што се одалечува од секакво зло.

Гледаш ли, христијанину, тоа е духовен пост. Корисен ни е телесниот пост, со оглед на тоа што ни служи за умртвување на страстите, но духовниот пост е неотповикливо потребен, толку потребен што и телесниот пост без него е ништотен.

Многумина постат со телото, но не постат со душата, многумина постат од храна и пијалоци, но не постат од зли помисли, дела и зборови. И каква полза имаат од тоа?! Многумина постат ден-два и повеќе, но од гнев, злопамтење и осветољубие не сакаат да постат; многумина се воздржуваат од месо и вино, но со својот јазик ги јадат на себе сличните луѓе. И каква им е ползата од тоа?! Има такви кои што со рака не посегнуваат кон јадењето, но ги испружуваат кон мито, проневери и одземање на туѓо. И каква полза имаат од тоа?!

Вистински и правилен пост е воздржувањето од секакво зло. Ако сакаш христијанину, постот да ти биде од полза, постејќи телесно, пости и духовно.

Кога му наложуваш пост на својот стомак, наложи му и на своите зли помисли и желби. Нека пости и твојот ум од суетни помисли, и паметењето од злопаметења, и волјата твоја од зли сакања, и очите твои од неубаво гледање. Оттргни ги своите очи да не гледаат суета, нека постат твоите уши од клеветнички шепоти, нека пости твојот јазик од клевети, осудувања, лаги и од секакви празни и гнили зборови. Нека постат твоите раце од одземање на туѓи добра, и нозете твои од одење по лоши патишта. Така, постејќи телесно, да постиме и духовно. Амин!

Св.Тихон Задонски

 

Православие.Мк †