Voskresenie.s2.jpg

Пасхалната тајна

Празникот Пасха за нас претставува не само ден во кој се спомнува настанот што се случи пред околу два милениума, туку и празник што пред нас ја разоткрива тајната на идното обновување на созданието. Како што старозаветната Пасха беше „нејасен предобраз на предобразот" (св. Григориј Богослов) т.е. на Воскресението Христово, така и сегашната Пасха, новозаветната Пасха, е предобраз на идното сеопшто воскресение, кога „ќе се причестиме посовршено и почисто, кога Словото со нас ќе пие ново вино во Царството на Отецот (Мат. 26, 29), откривајќи и предавајќи ни го она што денес ни го јавува делумно" (св. Григориј Богослов). „Овде Пасхата трае еден ден и поминува, а онаа е непрестајна Пасха, каде што нема болест, тага, ни воздишки, каде владее радост, веселие и утеха вечна, каде се слуша гласот на оние што празнуваат и се гледа ликот на оние што торжествуваат и каде што е светлината присносуштна, каде што е блажената гозба Христова и трпезата преисполнета со вечни блага, и новото питие"- за што Христос рече: И вам ви велам, оти отсега нема да пијам од овој лозов плод се до оној ден кога ќе пијам нов со вас во царството на Мојот Отец (св. Теодор Студит). Таа вечна Пасха им се открива на оние што сегашната Пасха духовно ја празнуваат, оние на кои „им е битен не долниот Ерусалим, туку Горната митрополија - градот не од војски разрушуван, туку од ангели прославуван" (св. Григориј Богослов). Влегувањето во овој горен Ерусалим е „премин и восход од долното кон Вишното, во Ветената земја", „воскресение на душата што е нејзиното враќање кон Бога" (св. Григориј Палама). Ова „воскресение на умртвените души се случува уште сега т.е. пред воскресението на телото, а воскресението, пак, на телото ќе се случи во оној ден" (св. Макариј Египетски).

Токму кон ова духовно воскресение, обнова на нашите души, не повикува Црквата на великиот и радосен ден на Светлото Христово Воскресение. „Денес дојде спасение за светот, видлив и невидлив! Христос воскресна од мртвите-востанете со Него и вие; Христос е во Својата слава-издигнете се и вие; Христос стана од гробот-ослободете се од оковите на гревот! Отворени се адските порти, уништена е смртта, Новиот Адам го замени стариот: И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина ете, се стана ново (2 Кор. 5,17); обновувајтесе!"

(свети Григориј Богослов)

Voskresenie.s3.jpg
Возљубени мои браќа!

Пристигна Пасхата, радосниот ден на Воскресението Христово, причина на секое радување, која не посетува еднаш годишно, а оние што го поимаат таинството на Воскресението - секој ден, дури и непрестајно. Дојде и ни ги исполни срцата со секое веселие и неискажлива утеха. Не затоа што го прекина трудот на сечесниот пост, туку пред се бидејќи ја направи нашата душа посовршена со тој труд и ги повика сите верни кон почивка и благодарење...

Христос нашиот Бог откако беше распнат на крстот и на него го прикова гревот на целиот свет, умре, слезе во длабочините на адот; потоа, издигајќи се од адот, повторно влезе во Своето пренепорочно тело и миговно воскресна од мртвите... На истиот тој начин и сега кога ние, оставајќи го овој свет и неговите суети при исповедањето на страдањата Господови, влегуваме во гробот на покајанието и смирението, Самиот Тој слегува од небесата, влегува во нашето тело како во гроб, се соединува со нашите души и ги воскреснува нив-душите, мртви по суштина заради гревовите. И, воскреснувајќи ги, дарува благодат да се гледа славата на ова таинствено воскресение.
(свети Симеон Нов Богослов)

 

Слава на Твоите страданија, Господи!

Се поклонувам, го славословам и величам Твоето слегување во адот, пленението на адот, разрушувањето на смртта и тридневното воскресение од гробот, и Те молам Тебе, мојот Господ: душата моја, плен на гревовите, плени ја со љубовта Твоја; умртвена-воскресни ја и избави ја од адот.
Слава, Господи, на Крстот Твој и Воскресението! Се поклонувам на Твоето Вознесение во плот на небесата, каде седејќи оддесно на Бога Отецот ја гледаш мојата беда и немоќ, ја слушаш мојата грешна молитва... Те молам Тебе, мојот Господ: вознеси го умот мој од земната пристрастност кон вишниот копнеж, поткрепи ја немоќта моја, надополни ја мојата скудност, исправи ја молитвата моја и приведи ме кон добриот крај и спасителното пристаниште, за да се покажам пред Тебе непосрамен и неосуден кога ќе дојдеш да им судиш на живите и на мртвите.
(свети Димитриј Ростовски)

 

 

Voskresenie.s.jpg
* * *
Воскресението од мртвите на Господ Исус Христос е крај на севкупното дело на нашето спасение, извршено со Неговото воплотување, страдање за нашите гревови и крсната смрт. Затоа, и во вероучењето на Црквата и во нејзиното богослужење Крстот и Воскресението се меѓусебно неразделно поврзани. „На Крстот Твој му се поклонуваме, Христе, и Светото Твое Воскресение го воспеваме и славиме"-воспеваме во воскресната песна. И, благовестејќи за Воскресението Христово, свештеникот ги осенува верните со знакот на Живототворниот Крст. Сепак, во тоа единство на Крстот и Воскресението, владеачко место зазема Воскресението: Тоа со божествена светлина го озарува Крстот и воведува во Христовото седржителство. И благовеста стои на него.
(свети Теофан Затворник)

 

Voskresenie.s4.jpg


Што понатаму?
 

Заврши светата Четириесетница, ја поминавме Страстната седмица и Пасхалната гозба на верата. Многумина пристапија кон светата тајна исповед и се причестија со светите Христови тајни, нашите души се очистија и обновија.

Што понатаму?-Грижа околу тоа да не се вратиме на старото, да не венееме духовно, да не умреме. А тоа е толку лесно. Севкупниот живот околу нас го потпомага ова. Сите брзаат, трчаат, сите се зафатени, никој нема време... и така секој ден. Се поскоро и поскоро. А каде?
Пред нас е духовната задача: да не потонеме во оваа струја на брзаница.
Треба од ова да се оттргнеме, да ја сочуваме сопствената духовна личност. За тоа треба да одвоиме ако не часови тогаш барем минути од животот за својата душа и за духот свој, кога запираш и помислуваш, се помолуваш и нешто ќе прочиташ. Треба да се има некое „правило" за животот на духот, кое нема да го оставаш не затоа што си фарисеј туку затоа што помниш -„саботата (почивката) е за човекот, а не човекот за саботата". И ти си човек, и тебе ти е потребна помош, поддршка, потпора за да не погинеш во струјата на современиот живот. Нели имаме правила за телесниот живот: јадеме, пиеме, се миеме, се облекуваме. Обидете се да ги нарушите овие правила, што ќе излезе од тоа? Тие правила се за човекот, за неговиот живот, за неговото житејско спасение.

Да бидеме справедливи. Да помислиме за сопствената си душа, за нејзиното спасение, за „правилото" што ќе и помогне да живее и да се сочува.
Помина светата Четириесетница, ја преживеавме Страсната седмица и Пасхалната гозба на верата, се исповедавме и причестивме, се обновивме, очистивме -сега треба да се мисли како духовно да се сочуваме себеси, како духовно да се утврдиме и да се збогатиме.
Должни сме така да се грижиме еден за друг како што се грижиме за самите себеси и да го поштедуваме ближниот како што Бог не поштедува.

(свети Јован Златоуст)

Извор: ПРЕМИН