ВОЗЕЊЕ


Одам на работа. Ја запалив колата и се помолив на Бога:
„Господи, Боже наш,
јас го запалив моторот на возилото.
Додека тој се загрева
јас ќе разговарам со Тебе и Ти се молам.
Ти Господи го знаеш патот што треба да го изминам,
а ја знаеш и целта на моето патување
при одење и при враќање.
О, Боже, биди со мене и чувај ме мене и моите сопатници. Амин“.
Ја бакнав иконата и тргнав. Возам. Полека и сталожено, одмерено и смирено. Човек додека вози размислува. За сè и сешто, за работа, за децата, за жена си... Понекогаш и за Бога.

Во тоа размислување еден друг возач нагло ми влезе од споредниот пат на мојата лента. Бев далеку од него, но сепак морав да кочам. Новодојденецот ми го успори движењето, а ми ги забрза чувствата, па процедив низ заби:
- Каде бе, каде се пикаш, зошто ред не си чекаш, да не мислиш дека сè е твое?
Одговор не следуваше, а нервозата ми се наби во носот. Откога малку од малку се смирив, помислив: пред пет минути се молев на Бога за да имам убаво возење, а по еден мал инцидент до тој степен се изнервирав што да ми е тука возачот и шамар би му удрил. Вистински Христијанин сум, нема што...
Ме фати срам. Не од човекот, туку од Богочовекот Кој знам дека ме гледа. Ем знам, ем бесрамно Го навредувам и Него, и Неговиот производ - другиот возач. Господи помилуј, проговорив, и почувствував олеснување на душава. Човеку прости, изустив, и сфатив дека сè е свршено, заборавено, неважно. Ми стана јасно дека моето лутење не е ништо повеќе од навредена суета, бидејќи некој ми рипна во патеката каде јас возам... Еј - моја патека, мое возило, јас возам, јас, јас, јас... А јас сум си јас!...

И така полемизирајќи самиот со себе, стигнав во центарот на Скопје. А тука како и вообичаено мешаница и турканица. Почнав да претекнувам те од лево, те од десно, да давам гас, да им свирам на пешаците да не ми пречат со нивното поминување оти јас брзам... Не дека нешто посебно брзам, ама денеска сите брзаат, па кога можат тие - можам и јас! Успеав да се пробијам побајаги, арно ама еден автобусџија не сакаше да ме пушти да го претекнам од левата страна, а со оглед на тоа што колоната беше построена пред семафор, јас немав место да влезам преку ред во редот и едноставно морав да закочам на лентата каде им пречев на возачите што одеа право. Со оглед на тоа што ги успорив во нивното движење тие ми свиреа, на ретровизорот можев да видам како на тој позади мене „му течеше пена од устата“, а во срцето чувствував како пикадо стрелички од пцовки ме гаѓаат без престан. Во тој клучен момент го погледнав во фаца возачот на автобусот, го подотворив прозорецот и му покажав прст во воздухот, што би требало да значи - навреда. Не беше тоа средниот прст, но сепак, конотацијата беше иста. Тој ме погледна, заниша со главата и забележав дека нешто зборува за мајка ми. Во тој миг на семафорот се запали зелено, нагазив до даска, и додека мојот непријател уфрли во прва брзина, му влегов во редот и го победив т.е. го претекнав.
Се смирив. Ха, ха, ха си се изнасмеав, тој со мене.

Стигнав на работа! Погледнав во часовникот - 12 часот и 30 минути. Сум патувал од дома до работа пет минути пократко за разлика од вчера и завчера. Значи, сите претекнувања, пцости, прст низ прозорец, недозволување на пешаците да поминат се исплатеа. Го победив времето!
Во тие пет минути ќар не направив ништо значајно. Еден колега ми ја прераскажа својата тажна и болна „вистина“ дека заради само едно промашување загубил на спортска прогноза цели 20.000 денари, а јас му одржав лекција дека обложувањето не е христијанско дело и дека треба да се мавне од такви глупости ако сака да му тргне на подобро во животот.

Извор: ПРЕМИН

бр. 53-54

Посети: {moshits}