Две госпоѓи од Калаврита имаа голема почит кон отецот Порфириј и често го посетуваа. Беа загрижени затоа што имаа еден брат, кој беше комунист, и кој иако беше сосема необразован, имаше дар на говорништво и лесно ги убедуваше луѓето. Тој, со неговите говори имаше кренато седум села и ги преобрати кон комунизмот. Неговите, пак, сестри, кои одеа кај старецот, постојано ги исмеваше. Еднаш, после многу молби, неговите сестри успеаја да го земат со нив и да го однесат во манастирот на старец Порфириј во Милеси. Тукушто влегоа во ќелијата, тој му рече на старецот:

„Абре попе, де кажи ми и мене некоја од твоите приказни што им ги кажуваш на жените и ги збудалуваш“.

А старецот му рече:

„Најпрво, земи го столчето и седни. Кажи ми, она зло што му го изврши на синот на попот, оној дваесет и двегодишник, комушто врз твоето колено му ја пресече главата со конзерва, го имаш ли исповедано?“

Гостинот се изгуби. Падна од столчето, легна на земја и почна да плаче и да рида безутешно. Му рече на старецот:

„Има ли спасение за мене?“

„Има, како може да нема? Но, има една епитимија. Ќе одиш во сите тие села, кои ги насочи кон атеизам, и сега ќе им Го проповедаш Христа, да направиш пак да Го засакаат Христос и Татковината. А кога ќе го направиш тоа, Христос ќе ти прости“.

Навистина, долго време обиколуваше по куќите во селата, една по една куќа, проповедајќи им Го Христа. На следните избори во тие места не се најде ниту еден глас за комунистите…

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

 

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2018/09/06/skrishno-ubistvo/

15-.09.2018 лето Господово
*