Медицината и верата


Игумен Арсениј Бока (1910 – 1989), бил јеромонах, еден од исповедниците за време на комунистичкиот период во Романија. Дипломирал на Богословската академија во Сибиу и на Институтот „Беле Арте“ во Букурешт, а истовремено студирал и медицина на Медицинскиот универзитет во Букурешт. По четири месеци поминати на Света Гора, стапил во манастирот Бранковејану во Самбата де Сус, каде што бил игумен до 1948 година, а потоа бил преместен во манастирот Прислоп. Во мај 1959 година бил избркан од манастирот од страна на тогашната власт и неколкупати бил затворан. Откако бил ослободен, не му било дозволено да служи и бил под постојан надзор на Секуритате. Бил исклучително харизматична личност – додека живеел во манастир кај него за совет доаѓале по илјада луѓе дневно, а на неговите Литургии присуствувале и до десет илјади луѓе. Се упокоил на 28 ноември 1989 година.



ДЛАБОКИОТ КОРЕН НА БОЛКАТА

    Гревот значи прекршување на животните закони, воведување неурамнотеженост во животот со одобрение на умот. Ако гревот упорно продолжува, умот се раслабува и не е во состојба да ја задржи растечката неурамнотеженост, која го покорува нашиот животен простор со злокобното сениште на смртта .  
    Нарушувањето на човечкиот закон е кршење на правото и тоа, како што знаеме, се казнува. Нарушувањето на божествениот закон се нарекува грев и се казнува од оние што имаат очи да гледаат. Се појавува огромна дисхармонија поради тоа што машкиот инстинкт е во конфликт со женскиот. Машкиот инстинкт секогаш сака жената да биде во состојба полово да го задоволи. Женскиот инстинкт е мајчинството. На детето му се потребни две години за да се оддели од мајката, па оттука, според устројството на природата, потребно е жената да не се вознемирува.
    Што прави мажот? Или ја изопачува својата сопруга, терајќи ја да бара телесни задоволства во обид да ја заобиколи нејзината природна цел, или ја претвора во злосторник, убедувајќи ја да го убие беспомошното битие во нејзината утроба, или практикува ракоблуд , заштитувајќи ја од повреда, но истовремено обесветувајќи ја. Некои прибегнуваат кон стерилизација, други пак, кон авантури или бордели. Таков човек нема да ја спаси својата жена преку раѓање деца . Тој ќе ја осуди да пребива со убијци и блудници, меѓу кои ќе се најде и самиот .
    Малкумина од мажите се способни да го контролираат својот бесловесен инстинкт преку словесните сили на душата, управувајќи со него според неговата првична намена. А уште помалобројни се оние што ја преобразуваат таа енергија преку воздржание, издигајќи ги на натприродно рамниште сетилата на својата човечка природа.
Според тоа, задоволството што бара само задоволство бара сѐ поголем број повторувања на чинот, сѐ додека не го уништи нервниот систем. Уште повеќе, го распалува и телото, приморувајќи го да ги пречекори своите функционални ограничувања. Задоволството предизвикува нарушување на сите морални закони, доведувајќи ги до лудило оние што му робуваат.
    Однесувањето на родителите игра важна улога во деликатните ситуации. На пример, би сакал да знам зошто родителите брзаат да ги омажат своите ќерки, но не и да ги оженат синовите.
    Нивниот погрешен совет би можел молчаливо или отворено да повикува на нео-малтузијански чин  – ракоблуд со жена или воздржување од општење со неа – што е неверојатно широко распространета чума во општествениот живот на човештвото. Внимавајте, казните за овој чин доаѓаат набргу, особено кај жените: сериозни здравствени нарушувања, стомачни болки, нервни и ментални нарушувања, непознати дури и за лекарите. Еве како лекарите ја објаснуваат оваа ситуација. Од матката болката се шири кон бубрезите, потоа уште подлабоко во утробата, понекогаш спуштајќи се и во нозете. Болката се активира и се зголемува при одење, стоење или седење, кога жената се обидува да крене нешто тешко, па дури и за време на половото општење, при што понекогаш доаѓа до сериозни брачни несогласувања. Одеднаш, заедно со болката доаѓаат и нервните нарушувања, целосно менувајќи ја психофизичката состојба на пациентот. Пациент со и онака непостојан карактер станува прекумерно раздразлив. Од никаде се јавуваат изливи на насилство и бес, вистински пропусти во расудувањето, кои не можат да се избегнат, ниту пак, да се држат под контрола. Ова е вистински хорморален дисбаланс, кој предизвикува кутрата жртва да преоѓа од излив на насилство во прекумерна тага и длабока меланхолија, понекогаш дури и да помислува на самоубиство – измама со свои последици. Поради тоа, не смееме да молчиме. Затоа ќе се обидеме да им го објавиме тоа на луѓето, поттикнати од сострадалност и помогнати од науката.
    Објаснување: во нормално сопружничко општење, женските гениталии поминуваат едноподруго низ фаза на интензивна конгестија и ненадејна фаза на опуштање, обезбедувајќи со тоа нормален проток при циркулацијата на крв. Лажниот и нецелосен сопружнички чин без деца како негова природна последица, предизвикува упорно гушење во крвните садови на жената, кое преминува во постојана состојба. Следи нарушување во хранењето на ткивата и на крај, нивна анатомска промена.
    Бројните хипогастрични нерви во плексусот, кои од матката излегуваат кон централниот нервен систем, доживуваат грчеви и иритации, кои според своето потекло се локални болки, но предизвикуваат и рефлексни далечни болки, така што по некое време луѓето се обраќаат на психијатрија.
    Постојаната конгестија предизвикува интензивни и длабоки промени во ткивата, кои ја губат својата нормална функција. По долг период на своеволна стерилност, подмолно доаѓа до конечна стерилност, за која нема лек. Залудно сега посакувате деца, наследници на животот, зашто природата ве казнува со суров пресврт на нештата: таа ги пресметува вашите злодела и го осудува народот на смрт.
    Крајниот исход е намалена стапка на наталитет, депопулација и сл. На тој начин, народот изумира...
Како да го слушаме жестокиот глас на пророкот Осиј, кој вели:
„Чујте го словото Господово, синови Израилеви; зашто Господ ќе им суди на жителите од оваа земја, оти нема ни вистина, ни милосрдие, ниту знаење за Бог на земјата.
Клетва и измама, убиство, кражби и прељубодејства многу се распространија, и крвта со крв се измешува. Затоа таа земја ќе се расплаче и ќе се истоштат сите што живеат на неа. Ќе јадат – и нема да се наситуваат; ќе блудствуваат и нема да се размножуваат, оти престанаа да Му служат на Господ“ (Осиј 4, 1–10).
Проблемот што се разгледува има и свои последици. На пат сме да откриеме неколку магични кругови. На пример: цртите кај детето зависат од нивото на префинетост на мајчинскиот инстинкт кај жената. Доколку при ембрионалниот развој на плодот во утробата мажот сетилно се возбудува, што е пад од неговото божествено назначение (погодно изопачување за мажите), ќе се роди дете со блага наклонетост кон рано созревање и доцна онанија, раздразливо и со предиспозиции кон нервни нарушувања. Коренот на овој проблем се наоѓа во екстремната похотност на мајката.
    Обратно, ако за време на развојот во утробата или за време на доењето на детето мајката не се впуштала во пламенот на похотата и не била вознемирувана од сопругот, новиот член на семејството ќе биде дете со многу помала наклонетост кон прерано полово будење, со речиси никаква склоност кон онанија и невроза.  
Но, ако мајката го изопачува своето чувство за мајчинство, таа на свет ќе донесе деца со предиспозиции кон поголеми изопачувања, кои ќе им го уништат нервниот систем. Ако нејзините деца стапат во брак на зрела возраст, ќе се соочат со уште поголемо влошување и измачувања.
    Овој круг се затвора со изумирањето на генеалошкото дрво на оние што тргнуваат по патот на изопачување на човечката природа. Заклучокот е дека за време на бременоста и доењето, сопругот треба да се воздржува и да не му пречи на животот на детето, што треба да дојде или веќе дошло на свет со посебна улога дадена од Бог. Блудството на мажот и изопаченоста на жената ја оневозможуваат улогата што Бог ја предопределил за нивното дете. Затоа Бог на луѓето им ја даде седмата заповед: „Не прељубодејствувај“.

превод од англиски: Македонка Маџирова

извор: Father Arsenie Boca, Path to the Kingdom,
Deva: Charisma, 2014

Преземено од: ПРЕМИН бр 125/126

Јануари 2018 лето Господово

 

Друго:

92659.p

Йеромонах Арсений Бока – светецът от Трансилвания