Архимандрит Андреј Конанос

✤✣✤

Меланхолијата

(Ι дел)

✤✣✤

p.andreas-konanos

Се молам Бог да те ослободи од депресијата која ти се прикрадува во душата, те тера да се чувствуваш чудно и да паѓаш со духот. Тоа се твои зборови, ти ми ги кажа, затоа и те разбирам. Го прочитав твоето писмо и ти го видов срцето, такво какво што ми го опиша и откри. Нека дојде благодатта. Но направи и ти колку што можеш, помоли се, помоли се за нешто убаво. Молитвата е движење што го правиме за да излеземе од калта, тоа е гледање на својата душа во светлината Христова, при кое не се согласуваме да се помириме со мракот што често нѐ опфаќа. Молитвеното движење е оттргнување на душата која вели „не!“. Тоа ни овозможува да се видиме себеси како дете Божјо, како чедо на Тој Велик Татко, Којшто ги просветлува сите, чедо на Бога на изобилието, Кој ги држи во рацете Свои клучевите на радоста и среќата и затоа не сакаме да се помириме со меланхолијата и депресијата. Всушност, ако и ја побараш причината за нив, ќе видиш дека не станува збор за нешто органско, наследно и нешто од потполно невролошки карактер, кога се неопходни лекарства, туку напротив, меланхолијата се должи на некаква рана, некакво предавство, незадоволство во твојата душа, фрустрација. Бараш нешто што не се случило. Бараш нешто, кое ако го имаше, ќе се чувствуваше поинаку.

„Во депресијата сум“, вели девојката, „зашто љубениот ме остави, ме навреди, ме предаде, ме напушти...“. Чувствуваш дека нешто ти недостасува и да го имаше, немаше да бидеш во таква состојба.

Но постои и едно друго душевно движење што можеш да го направиш, велејќи си: „А зошто да го немам тоа што го сакам! Не она од кое сум лишен, туку чувствата кои тоа ги будеше во мене“. На пример, некој те оставил, те повредил, те предал и си паднал во длабока депресија. Те прашувам, а кога беше со тој човек, што чувствуваше? Чувствуваше полнота, душата ти беше исполнета, среќна, срцето исто така, исполнето со желба за живот и борба, со сили за радост. Тогаш сѐ имаше смисла, гледаше околу себе и се радуваше на сѐ. Тој човек раѓаше во тебе прекрасни доживувања, чувства и состојби. Сега, пак, тој си замина и заедно со тоа се урна и твојата прекрасна внатрешна состојба. А јас ти велам, чисто како идеја, како предлог: не можеш ли повторно да го родиш во себеси тоа чувство за убавина, полнота, благост, сладост, среќа што си ја имал, макар што сега твојот љубен човек отсуствува? Зарем, едноставно, тој бил единствениот повод за ти да ја почувствуваш таа радост, или, пак, тој само го извадил на површина она што, сепак, го имаш во себе? Тој човек којшто ја разбуди среќата во тебе, си замина. Но сигурно можеш да најдеш и друг повод да го извадиш од себеси убавото, бидејќи среќата постои во тебе и не е човекот, како биолошко суштество, она што те прави среќна. Не човекот како материјална ипостас, како тело, како биолошка творба со молекули, клетки и друго, те прави среќен, туку што? Среќата е нешто што излегува од твојата внатрешност, имајќи за повод конкретен човек или, пак, некаква состојба.

Обиди се да го почувствуваш сето тоа со помошта на молитвата. Таа помага да ја почувствуваш среќата во себе непосредно, без надворешен поттикнувач, и без помошта што ти ја даваат човечките состојби. Таа создава чувства на полнота, радост, среќа, смисла во животот, љубов, помага да се соживееш и да чувствуваш дека душата ти се напојува од вода која не извира од овој свет. Затоа си видел некои подвижници, па дури и да не си ги видел, но си слушал, си читал светоотечки книги и знаеш дека тие едноставно зрачеле од среќа. Луѓето оделе, ги гледале подвижниците и нивните лица секогаш биле радосни.

Еден човек неодамна замина за Њујорк и ми рече: „Отче, толку сум среќен што го видов Њујорк! Отидов на Менхетен, неверојатно беше! Величествено! Какви извонредни нешта!“

Тој беше радосен затоа што видел разни нешта во Њујорк. Друг пошол во Дизниленд, друг на Флорида, трет на некое друго место – сите тие патувања станале повод за радост. Во душите на тие луѓе се раѓале силни, позитивни доживувања поради видените згради, луѓе, убавата храна, светлина, облека, шопинг – сите тие нешта кои во принцип не ги осудувам. Друго сакам да кажам тука – дека радоста што тој човек ја доживеал во Менхетен, преку шопингот, прошетките, ноќниот живот, забавите, подвижникот ги искусува и без да ги има тие надворешни поттикнувачи. Дури и неговото внатрешно доживување е подобро, бидејќи е подолготрајно. Затоа што после убавото патување ти се качуваш во авионот и велиш: „Ете, заврши, се враќам!“ И те обзема униние, бидејќи убавото доживување завршило. Додека, пак, подвижникот нашол нешто, нешто малечко во својата душа од кое одново и одново излегува радост, излегува среќа.

Не е потребно да видам облакодер, не е потребно да се качам на Ајфеловата кула, не морам да одам било каде. Среќен сум со помош на една друга тајна. Е таа тајна треба да ја откриеш – таа постои во тебе. Во тебе е источникот на радоста, во тебе, во твоето срце таму е Христос, Оној Кој е извор на вистинската радост. А ти Го умртвуваш Христа во својата душа и не Го оставаш да ти ги покаже сите убави нешта кои може да ти ги даде. Ако не се научиш да Го оживееш Христа во себе, постојано ќе се измачуваш и нема да ја откриеш таа тајна. Наместо тоа, постојано ќе чекаш некакво патување, прошетка, врска, за да те направи барем за кратко време среќен.

Додека трае тоа ќе се чувствуваш добро. Ама кога ќе заврши ќе полудуваш. Дури и додека го имаш, пак нема да се чувствуваш добро, зашто ќе стравуваш да не го изгубиш, односно радоста ќе ти е придружена со немир. На пример, се радуваш на човекот до тебе, но се плашиш да не го изгубиш и затоа си мислиш: „Ете добро ми е сега, но уште колку ќе трае ова? А ако ме остави утре, или ме повреди? А ако се упокои или разболи? Ако се пресели?“

Поради сета таа несигурност не можеш дури ни да се зарадуваш во полнота. А после тоа гледаш други луѓе кои се радуваат, па почнуваш да им завидуваш. Си велиш: „Јас немам човек покрај себе, а тој има, зошто?“

Се нервираш, споредуваш, завидуваш, чувствуваш неувереност за тоа што ќе се случи со твојата радост. Ќе го имам ли? Бидејќи радоста којашто ја имаме во моментов зависи од нешто, се храни од некаде, црпи однадвор животворни сокови и живее, и постои.

Затоа ти велам: обиди се да ја откриеш тајната. Додека беше среќна ти велеше: „Кога ќе ме погледнеше во очи, воскреснував“.

Значи и во тебе имало воскресение. Добро. Не можеш ли да го почувствуваш тоа воскресение без тој да те гледа во очи. Погледај се во огледало и речи: „Боже мој, Ти благодарам! За моето достоинство, за убавината на мојата душа, за убавината на моето битие, за неповторливоста на моето постоење на оваа планета“. Нема човек ист како тебе, ти си неповторливо создание, сите сме уникатни битија. Само помисли си на тоа и ќе можеш да си кажеш: „Добро, значи, не е неопходно некој постојано да ми кажува дека сум убав, значаен, за да се чувствувам ценет, за да оживее душата моја, та ако го загубам тоа да се побудалам“.

Продолжува

Извор. Бигорски манастир

Друго:

Архимандрит Андреј Конанос - Меланхолијата (ΙI дел)

 

 p.andreas-konanos

Друго: