Жива православна парорија



Оттуѓените луѓе се способни за малку нешта. Напротив, луѓето кои се збиени, организирани, може да направат многу работи. Во историјата отсекогаш недостасувале луѓе кои стремеле кон „организирање“ на народните маси во корисни цели. Една од задачите на Црквата е – не од корист, не за да се преживее, туку поради Христа – да се организираат живи парохии, обединети во молитва, заедничко дело и раководење од парохиското духовништво.

Може да се отпочне со прости нешта. Свештеникот, пред почетокот на богослужбата, да им се обрати на парохјаните: „Браќа и сестри, во следните неколку дена ќе се породи една наша сестра. Ве молам, денес на службата помолете се за успех на нејзиното прво породување“. Ова дело не е тешко, но е големо. Ние сме толку нурнати во егоизмот, што дури и на заедничкото дело, Литургијата, доаѓаме со лични молитви и желби. Ваквите молби од свештеникот, за молитва, раѓаат љубов и сочувствителност.

Животот, пак, од негова страна, нема да дозволи да ни биде досадно – постојано ќе нуди нови поводи за молитвено учество во животите на другите. „Мажот ѝ си замина.“ „Децата се разболеа.“ „Треба да најде работа.“ Заедничката молитва на луѓето честопати, ако не и секогаш, раѓа одговори во облик на чуда. Децата ќе оздрават. Мажот ѝ ќе се вразуми. Ќе најде работа. Луѓето ќе осетат дека молитвата влијае врз светот. Не е тоа празен обред, туку лостот за којшто мечтаел Архимед. Како што велел Паскал: „Бог, Кој е Прапричина на постоењето, преку молитвата и нам ни дарува да бидеме причини“.

Жива православна парорија

Токму од молитвата треба да се започне. Кога молитвата, иако присилна, ќе потече – тогаш ќе се јават нови неодложни задачи. На пример, прашањето со парите. Областа на обрт на пари е област на проверка на човекот. Оној кој не ја знае „таблицата на делење“, кој не умее да дава, едноставно речено – не може да биде христијанин во суштина. Тој е паразит оттуѓен од секаков морал, меѓу другото, и од христијанскиот. И духот на ова време е токму заклучен, како духот во аладиновата ламба, во категориите на лакомост и материјална корист. А бидејќи Црквата ја сочинуваат не само спасените, туку и оние кои се спасуваат, т.е. оние во кои гревот не е умрен, туку делува, тогаш сето ова се однесува на Црквата. Лакомоста и затвореноста во материјалноста внатре Црквата е гревот на Јуда. Тоа дури веќе не е ниту Црква, туку нејзин мрачен близнак. И за тоа треба да се говори, во друга прилика и трезвено. Не сега.

Сите ние сме несреќни, осамени. Заедно пак, ако не сме богати, тогаш барем не сме бедни. Секоја парохија, со мудро пастирско раководење, кој владее преку неговиот авторитет во очите на парохјаните, може да реши мноштво животни проблеми. Може не само да се реновира и гради, туку и да се помогне на другите. Лекови, кирија, тековни поправки, облека, јадење, сето тоа може повремено да се набави од парохијата за оние на кои им е потребно такво нешто. Никој нека не се смета себеси неспособен за милостина, ако е сиромашен. Неспосбниот за милостина е осуден до последен здив да биде сиромашен во животот. Евангелската вдовица и нејзините две лепти е жив прекор за сите кои не сакаат да мислат за туѓите потреби.

Во една беседа, Златоустиот советувал в недела секоја христијанин да тргне пари на страна, макар и многу малку. Тие пари треба да се сметаат за свети, и од нив да биде бездруго забрането да се зема. Тие пари се свети зашто се тргнати заради Бога, за оние на кои им е потешко од тебе. При ваква навика, и најсиромашниот човек ќе биде во состојба да даде реална милостина, еднаш месечно. И ќе ја дава на човек кого го познава, таму каде што е потребна. Во случај на поголема потреба, нема да биде потребно да се лишува семејството од нешто, зашто парите ќе бидат веќе собрани. Овој совет е очигледно банален, но поради нашето неделување звучи како досега нечуени зборови, кои Павле ги чул на третото небо.

Молитва, и она што нејзе ѝ следува – љубов и ублажување на имотната нееднаквост, лечење на животни рани преку христијанското мислосрдие – ете, тоа се очекува од нас. Секако дека времето во кое живееме ќе остави свој печат. Навикнати сме на тоа дека порано некој (Антониј, Серафим, Сергиј) достигнал реална светост, дека кон него доаѓале ученици. Луѓето тежнееле кон светото, буквално како кон сонцето – за да се загреат. Се појавувале манастири околу кои со радост се населувале немонаси. Светоста на една душа загревала илјадници души, градела постојаност, му давала смисла на постоењето. Денес многу нешта се променети.

Ако сите ние чекаме или бараме реална, чудотворна светост, за околу нејзините нозе да си го најдеме мирот и смисолот на животот, ризикуваме да умреме во состојба на неспокојство и бесмисленост. Животот во нашево време се гради не околу столбови на светоста, туку околу живи парохии во кои средиште е Евхаристијата. Надвор од нејзините граници делува меѓусебна помош и братски односи, кои никнуваат врз темелот на заедничка вера и молитва.

Од свештеникот се очекува светост. Таа е пожелна. Но, треба да почнеме денес. Значи, не со светоста која ја немаме, туку искрено, нелицемерно и енергично, без дрскост. Ќе има модринки и гребнатини. Ќе има падови и подеми. Но, борбата не доаѓа поради слава и живот на Земјата. Православното христијанство е повикано на светот да му го објави својот Лик – евхаристиски, делателен и милосрден истовремено. И никој нека не биде мрзелив, оти секоја парохија има што да вложи во заедничката каса.
Протопрезвитер Андреј Ткачјов

Извор: „Тавор“ бр. 6

Кумановско- осоговска епархија