Bigorski.Rekonstrukcija.jpg

„Св. Јован Бигорски“ - Со несмалено темпо веќе дваесеттина дена се изведуваат активностите за возобновување на изгорените конаци, монашките ќелии, машката трпезарија и другите простори на Горни палат на Бигорскиот манастир. Сите активности се извршуваат во координација на Националниот конзерваторски центар. По катастрофалниот пожар што се случи утрото на 30 септември, беше формирано Координативно тело за возобновување на Бигорскиот манастир. За квалитетно да се изврши возобновувањето, да се поврати автентичниот лик на изгорените конаци, беше одлучено за секоја активност која треба да се преземе да се консултираат и да се вклучат врвни експерти од областа на градежништвото и архитектурата.

„Експертите го дадоа своето мислење и се работи на првата фаза на проектот“, ни вели отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир. Во оваа фаза успешно завршија работите за заштита на ѕидовите со нивно покривање и потпирање со метално скеле, пред да настапат обилните врнежи на дожд и снег.

Проектот за реконструкција на Горен палат ќе се изработува зимава од повеќе архитекти под раководство на архитектката Ѓурѓица Лековска, која добро го познава Бигорскиот манастир. Како што потенцира отец Партениј, таа е заслужна за проектот што го изработи за да се возобнови Долен палат. Овој проект доби високи оценки од домашната и странската стручна јавност, за изгледот што го имаше овој конак пред да изгори во 1912 година. Исто така, Лековска го изработи проектот за Источен палат, кој се наоѓа во фаза на реализација и треба да заврши во првата половина на идната година.

Во обновувањето на изгорениот дел на Бигорскиот манастир нема да има никакво отстапување. По завршувањето на изградбата, Горен палат ќе биде автентичен со сето она што беше изгорено, но ќе биде поцврст. Може да се поврати првобитниот изглед од пред двесте години кога беше изграден од врвните мијачки мајстори, бидејќи постои прецизна документација и, како што тврди игуменот Партениј, нема да се отстапува ни за еден клин. Конаците и другите содржини што изгореа во пожарот ќе бидат возобновени во својот автентичен лик.

Во Бигорскиот манастир по пожарот се собираат верници во уште поголем број. Монасите се радосни кога ги гледаат верниците како се трудат и се ангажираат за да се врати некогашниот сјај на ова ремек-дело.

„По божја волја и по волја на патронот на Бигорскиот манастир, св. Јован Крстител, добивме тешка и одговорна, може да се каже, историска задача да го возобновиме ова големо и многу значајно светилиште за нашиот македонски народ“, потенцира отец Партениј. „Бог е тој што ги возобновува нашите сили и ни дава храброст да издржиме“.

Игуменот Партениј се потсетува кога во 1995 година првпат дојде во овој манастир. „Бигорскиот манастир беше празна куќа, покривот на трпезаријата течеше, ѕидовите паѓаа, се' беше запуштено. Со голема љубов почнавме и вложувавме 15 години, постојано поправајќи го и разубавувајќи го овој конак. Го возобновивме бигорскиот метох Св. Георгиј Победоносец во дебарското село Рајчица, го возобновивме Долни палат, а во реализација е и Источниот палат на Бигорскиот манастир“.

„Доколку имаме доволно средства, ќе се потрудиме во најскоро време Бигорски повторно да го добие својот прекрасен лик. Средства пристигнуваат од верниците, но не се доволни за да се затвори финансиската конструкција. Одѕивот на позначајните и поуспешни фирми би требало да биде поголем. Група бизнисмени заедно со монашкото братство, со цел да се соберат повеќе средства, ќе одржат донаторска конференција за возобновување на Бигорскиот манастир“, нагласува отец Партениј.

Киро Кипроски - Утринсли весник