Храмот е обновен благодарение на ктиторот Трифун Костовски и неговото семејство кои вложија два млн.евра

Деспина Трајковска

По неколкудецениска иницијатива и четиригодишно исчекување од стартот на изградбата на црквата „Раѓање на Пресвета Богородица“, возобновениот храм вчера ги отвори вратите за верниците. Толпа народ присуствуваше на свечениот чин на осветувањето на катедралната црква, што го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на членовите на Светиот архиерејски Синод на МПЦ, митрополитите Кирил, Петар, Агатангел, Иларион, Гораст и повеќе свештенослужители од Скопската епархија и другите епархии на МПЦ. Голем дел од верниците не можеа да ја скријат возбудата и радоста од возобновувањето на храмот. Некои, пак, од постарата генерација со солзи радосници во очите сведочеа за неговото постоење и идентичниот лик на сега возобновената црква и некогашната која била опожарена во 1944 година, а потоа срамнета со земја во скопскиот катастрофален земјотрес. Среќата не ја криеја ниту ктиторот Трифун Костовски и неговото семејство кои со донацијата од близу два милиона евра се најзаслужни за повторното оживување на храмот. 

 

„Чест ми е што црквата ја осветивме на денешниот празник Свети Атанасиј. За мене и за моето семејство ова претставува најголемо признание. Со денешниот чин им се одолживме на нашите предци, а наедно овој чин е и завештение на идните поколенија“, истакна Костовски и порача дека црквата, односно религијата, треба да биде достоинствен дел од моралните и етичките вредности на секој од нас. Тој додаде дека е пресреќен оти, пред се', во очите на скопјани видел задоволство поради исполнувањето на нивната желба да се возобнови некогашниот катедрален храм, кој со децении бил духовен столб и место за духовна поткрепа на многу генерации. Освен што на секој чекор добиваше искрени честитки и пофални зборови од присутните верници за неговото финансиско учество во возобновувањето на храмот, Костовски со признание беше одликуван и од МПЦ. По чинот на осветувањето, го доби орденот „Свети Климент Охридски“ за неговото дело и помош на МПЦ.

 

„Да му благодариме на Бога по молитвите на Пресвета Богородица што ни го дарува овој ден за радост на благочестивите христијани во Скопје и во Македонија, за радост на сите богољубиви луѓе, за радост на земјата и небото и на целата Божја Црква. Негова основна цел е да им го доближува Бога на луѓето, како и меѓусебно да ги зближува“, рече архиепископот г.г. Стефан. 

 

Иако вчера можеше да се забележи дека црквата не е целосно завршена, сепак, таа ги содржи сите елементи да може да ги прими верниците и во неа да се одржуваат црковните обреди. Изведувачите на објектот рекоа дека останува уште да се доврши мермерниот иконостас, да се фрескописаат ѕидовите и да се заврши партерното уредување. Црквата се наоѓа на просторот на истоимениот храм кој бил осветен во 1835 година. Има катедрални димензии и изградена е со речиси исти материјали од кои била изградена старата црква. Ѕидовите се изведени со комбинација од бетон, тула и камен од рудникот „Бањани“, од типот каков што имала фасадата на стариот објект. Во изградбата е употребен и обработен травертин од Велмеј, Охридско. Возобновувањето на храмот е работено врз основа на проект од Градскиот конзерваторски центар. Ова е трета црква во Скопје и Скопско посветена на Мајката Божја Богородица, позната како заштитничка на градот.