TVIT1191

НИКОГАШ НЕ Е ДОЦНА, ОСВЕН АКО НЕ ЗАДОЦНИШ

                  Покрај старата сиромаштија која никако да нѐ остави, постои една друга, сурова и дрска, отров скриен позади секој ќош, кој дополнително како општество нѐ деформира и осиромашува. Станува збор за своеволно избрана изолација, која овдека ја ставам во функција на црковните прашања и автокефалноста на нашата црква – не дека во други процеси не се препознава. Овој страв да не се изгубиме, што ни го менува разумот со параноја, навистина прави да се изгубиме. Што би рекол Горан Стефановски: Огромно време се губи по меаните. Седат луѓе опружени на сонце, со мобилните в раце, и се обидуваат да сфатат оваа општа завера, против нас, од каде точно произлегува: дали се тоа масонско – ватикански кругови или се некакви мултинационални капиталистички лаборатории. И ако тоа го сфатат, ако допрат до длабината на заверата, мислат дека истовремено ќе исчезнат сите наши проблеми: ќе се решат сите македонски прашања“. Овој страв, би рекол ова губење на време, ни ја менува долгопосакуваната соборност во Една, Света, Соборна и Апостолска црква со опсесијата да се затвориме зад портите на сопственоста.

              Ова многу прецизно, со евангелска поддршка, го искоментира Дедо Наум во својот коментар во кој вели: „Сиромасите секогаш ги имате со вас, и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.“ Оваа реченица Христова го отвoра прашањето дали го препознаваме времето кога сме посетени од Него и, следователно, дали правилно се однесуваме во тој момент? Многу добро би било кога и луѓето што раководат со Црквата би го препознале моментот на Господовата посета и би ѝ обезбедиле на Помесната црква автокефалност, призната и потврдена од сите други Помесни цркви. Поволните историски моменти не траат долго, ако не се искористат – пропаѓаат. Следната понуда е најчесто полоша од претходната; следната посета најчесто се случува во покомплицирани услови и ќе треба да се вложат поголеми усилби и жртви за да се постигне целта. На крајот може и сѐ да се изгуби“.

                 Со други зборови: никогаш не е доцна, освен ако не задоцниш! На оваа иронија би додал: единствено нешто во животот што сигурно не може да се изгуби е суетата! Неа мора да ја оставиш! Слично така и со сите други зависности: алкохол, дрога, црковен национализам итн. Тие не се губат, туку мора човек да се ослободи од нив – оставајќи ги. Ние ја „изгонуваме“ убавината – би рекол Ками. Заради непрепознавање на времињата и процесите – главно од незнаење и лукративни цели, полека, но сигурно, ја губиме благодатта, правејќи Ѝ штета само на нашата црква. Благодатта ќе се повлече и уште повеќе ќе се повлекува, ако ние упорно продолжуваме да ја гониме. Сметајќи на Божјата способност за нејзина бесконечна репродукција, таа повторно ќе исплови само на крајот од аџилакот – од преобразбата, кога ќе види дека сме се подвизувале доволно како црква за да дојдеме до неа. Замаеноста на националистите (од сите заедници) ја уништува, токму затоа што мисли дека благодатта се стекнува со борба за македонизам, србизам, бугаризам, грцизам итн, наспроти соборноста.  

               Религиозните љубители „палчовисти“ во МПЦ, СПЦ, БПЦ, РПЦ итн, не можат да го поднесат тоа, бидејќи тие научиле во својот живот само да мерат со мерката на „своето“, со поредокот на „патриоти и предавници“, а не на „заедница во Христа“. Исполнувањето на Божјите заповеди, за нив, е сонцето од Вергина, крепост на нивното „јас“ кое треба да се потхранува со знамиња, победи и успеси. Ваквите злознаменици се стремат да Го победат Бога, а не да бидат победени од Неговата љубов. Царството Божјо за нив е достигнување, а не дар и милост. Но, Бог е необичен и парадоксален – вели отец Харалампиј Пападопулос. Додека тврдоглаво верувате во вашите квази-патриотски „добродетели“ и „верност“ кон нацијата, во вашите победи и успеси, Бог ќе го полни небото со блудници и митари. „Вистина, вистина ви велам: Митарите и блудниците ќе ве испреварат во Царството Небесно“.
              Зарем не се преправаме дека не гледаме што се случува? Зарем можеме да продолжиме да не гледаме и така само да ја зголемуваме фикцијата? Зарем спиралата на оваа фикција не ве потсетува на рубљата која имаше вредност само во Советскиот Сојуз, но не можеше да се конвертира? Зарем не е непристојно да се зборува за нашите убавини, за нашата славна историја, додека продолжуваме да ги преполнуваме депониите и да ја загадуваме околината и природата? Изолирани внатре во себеси, во нашата „благосостојба“, ние сме сиромашни и по дух, и по срце, и по храброст. Ни недостасува познавање на времињата и знаците, онаа воведна доблест која му овозможува живот на новото, вистинско, а не на ботокс-фолклорното перчење и турбо-фолклорниот црквизам.
                      Сиромашни сме затоа што сме неуки, тврдоглави и прости. Мудроста можеме да ја стасаме само ако работиме на себеси – не да се фалиме со незнаење, само ако попрскаме мали дози на разум меѓу народот (ова важи за црковните великодостојници), почит кон убавината и внимание кон местата и процесите каде не можат да се исклучат другите. Ќе оздравиме, но не кога дополнително ќе ја прошириме колективната замаеност, туку кога ќе му се вратиме на разумот, на братската соборност во Градината на сите, кога ќе оздравиме од опсесивната потрага по изолираност и издвојување. Само тогаш убавината ќе ни дојде на гости! Надвор од главната сцена, а поблиску до сите тајни.

 

07.03.2024

TVIT1190
Влатко Деловски