Колумна на Митрополит Агатангел за порталот Курир 
18.07.2012. 
Митрополит Агатангел: НЕ за промена на името

Македонија и македонскиот народ, по кој знае кој пат во својата богата историја, се исправени пред уште еден голем предизвик и искушение. Во текот на овие дваесет години самостојно живеење ние Македонците сме доведени во една ситуација на апсурд, бидејќи треба постојано некому да му докажуваме дека постоиме како македонски народ со своја посебна култура, јазик, вера, фолклор и национални посебности и обележја.

 

Овој проблем, или поточно кажано овој апсурд, својата кулминација ја достигнува при самото прогласување на независноста во 1991 г., и од тогаш па наваму, ова прашање постепено е проникнато во сите пори на општеството. Со овој проблем не се засегнати само државните претставници и раководители, туку и спортските репрезентации, бизнисмените, претставниците на Црквата и верските заедници, новинарите, разните здруженија на граѓани, луѓето од културата.

На крајот на краиштата во овој вител на апсурдноста е обземен и обичниот, конкретен човек. Се чини дека секое актуелно прашање во овие дваесет години, на еден или на друг начин, директно или индиректно, е поврзано со прашањето за името. Во овој контекст можеме да ја поврземе и економската нестабилност и континуираното економско ништење и осиромашување на обичните граѓани, разните внатрешни политички интриги и превирања, предизвикувањето на контролирани воени судири, но и редефинирањето и редизајнирањето на основните постулати на државноста. Од овој вител на злото, се разбира дека не беше поштедена ниту Црквата, и таа, како и сé друго во оваа држава, требаше од внатре да биде дестабилизирана и размрдана. Црквата е душата и совеста на општеството, а поганејќи ја душата и совеста, полесно се разболува телото.

Откако бескрупулозноста удри по најсветото, не и беше проблем да удрира и по историјата, јазикот, и националниот идентитет, надевајќи се дека со тоа ќе го зададе завршниот и конечен удар на организмот. Во тој правец се движеше теренската реализација на планираното и во тој контекст беа разместени фигурите на шаховската табла, за кои од денешна перспектива погледнато, ни станува сосема јасно дека овие фигури беа „видни граѓани“ разместени на стрaтешки и клучни места во организмот на општеството.

Почнувајќи од богати Невладини организации, „независни“ експерти и аналитичари,па сé до политичари што учествуваат, па и победуваат на избори, станувајќи власт во државата.

Невладините организациите и „експертите“ со добро познати методи, преку разни скапи кампањи, требаше да го подготвуваат „теренот“ (читај народот!), а политичарите, „безизлезно притиснати“ и од внатре и од надвор, требаше да го остварат зададеното. Ова мое тврдење го темелам на фактот дека секогаш кога Р. Македонија и македонското општество одбрамбено ќе се поставеше во контекст на прашањето за името или, пак, ќе се обидеше национално да се воздигне и промовира преку историско себеистражување, изградување, и преку разни спортски и меѓународни успеси, гореспоменативе, како договорени, едногласно се обидуваа во корен да ја урнат пројавената радост.

На сите пополека ни стануваше јасно дека некој однапред развил сценарио на виткање на ‘рбетот на народот и упорно, како по ноти, работеше на реализација на однапред испланираното. Изгледа работата е дојдена до таму што во последно време некои „фигури“ почнуваат воопшто да не се затскриваат, туку сосема отворено и јавно, на цел глас, ја проблематизираат историјата и националниот идентитет на македонскиот народ. Овие „фигури“ не се било кои во нашето општество, туку се видни политичари, поранешни премиери и министри, ценети уметници и колумнисти. Се чини дека сета среќа во несреќата е тоа што на претставниците на ова зло, ова им се последните и очајнички обиди да го срозат народот и да го придвижат кон себеуништување, испорачувајќи со тоа резултати од превземената лукава обврска.

Како пример на погоренапишаното ќе го посочам неодамнешното појавување на еден македонски екс-премиер во нашата и во странската јавност со тврдења дека Македонците се дрво без корен и опасни историски манипулатори, разбојници и фалсификатори. Сигурно во очите на странците ваквите тврдења изгледаат шокантно и многу веродостојно, па никој од нив нема да праша дали овој човек е стручен за историски прашања, дали има проблем со самиот себе или има слабо домашно воспитание. Штетата е огромна, но не е и ненадоместлива, бидејќи, и покрај огромното невреме и силните ветришта, темелот не е поткопан, ниту, пак, е разрушен.

Безумниот го гради својот дом на песок, а умниот на карпа, па кога ќе надојдат водите и ќе дувнат ветровите падот на куќата на безумникот ќе биде голем. Бескрајно сум му благодарен на Бога што ваквите изливи на бес и лукавство се лесно прочитани од македонскиот народ. Македонецот, кроток по душа и воспитан во здрава и нормална моралност, ваквите однесувања или ги игнорира или, пак, знае правилно да се постави спроти нив. Ваквите луѓе очигледно го потценуваат народот, гледајќи на него како на една обична безлична маса, која лесно може да се моделира и манипулира. Странските притисоци за промена на името го достигнаа својот врв, а после хашката пресуда и странците и нашите соседи, но и домашните обработувачи излегоа на чистина, немајќи каде да ја скријат својата дволичност.

Кога го зборувам ова не сакам да бидам погрешно разбран, ниту пак да генерализирам. Генерализирањето на нештата е својствено за погорепосочениве, тоа е нивен заштитен знак. Тие со леснотија тврдат дека меѓународната заедница нé отпишува, дека светската цивилизација нé изолира, а сведоци сме токму на спротивното: и на исток и на запад и во Европа и во САД постојат видни луѓе кои и самите се затечени од оваа апсурдност и лицемерие кон Македонија и македонскиот народ и повеќепати сум бил сведок на нивната вџашеност и неверување, кога сме разговарале за оваа необјаснива и несфатлива ситуација.

Македонскиот народ е доведен во состојба да мора да докажува дека постои. Ваквите обиди, покрај апсурдноста, во себе содржат и извесна доза на трагикомичност и лудост. Големо проклетство ќе навлечеме на себе ако се дрзнеме и да размислуваме на оваа тема. Сознанието за сопствениот идентитет и сопственото име не сме го добиле со декрет, директива или пишана декларација од страна. Ова сознание сме го добиле тогаш кога сме се родиле, кога сме растеле во пазувите на нашите родители, кога нашите мајки и татковци, од најмали нозе, нé учеле на предизвиците на животот, тогаш кога нé фалеле или куделе за нашите постапки. Сето ова се случувало спонтано, а не организирано и ова сознание за себе, за својот сопствен идентитет не може да го наруши ниту еден организиран систем, ниту едно ропство, ниту еден геноцид.

И сега ние, во името на сите поранешни и идни македонски поколенија, треба да плукнеме и да го погазиме сето она што од колено на колено ни било пренесувано. Според тоа од нас се бара невозможното и затоа треба да бидеме спокојни. Силно сум убеден дека ова со тек на време ќе го разберат сите. Нашата сила и предност во оваа незгодна ситуација се наоѓа во единството. Телото можат да го убијат, но не можат да ѝ напакостат на душата. Нашата примарна заложба во овој момент е да покажуваме единство и истрајност во мислата за самите себе.

Како добри и воспитани луѓе, како верен христијански народ, кој во целост се потпира на Божјата Љубов и Божјата Правда не треба да паднеме во духот. Никого не треба да го намразиме, кон секого со љубов ќе треба да се поставиме, бидејќи историјата нé научила дека сé се случува по Промисла Божја и секое наше лично или општествено страдање било залог за идното добро. Нашите предци во минатото претрпеле и пострашни прогони и поголеми ропства, но секогаш имајќи го крстот на чело и потпирајќи се на вистината, излегувале како победници од дадените искушенија. Она што Бог го благословил и изградил, силите на темнината можат да му се противат, но не можат да го разрушат и уништат. Бог благословил да постои македонскиот народ, неговиот јазик и неговиот фолклор и тој народ, преку истиот тој јазик, на Бога, низ вековите, му возвратил со многу благодарност и убавина.

Во оваа борба на доброто и злото, на правдата и неправдата, на лицемерието и искреноста ќе треба да истраеме сите, без разлика на професијата со која се бавиме, зашто очигледно е дека ова не е само наша македонска борба. Ова е борба на човештвото за унапредување, усвојување и промовирање на вистинските цивилизациски и христијански вредности.

На крајот на ова мое скромно излагање се чувствувам духовно испразнет, олеснет и очистен од секое злонамерие поврзано со опстојувањето на мојата Света Црква и на мојата Света татковина Македонија. Драги мои братољубиви и христољубиви Македонци Ве повикувам од длабочината на мојата душа, доколку се случи да нé повикаат на референдум за промена на нашето свето име Македонија, да кажеме големо НЕ! Македонија е на Македонците.

 

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ

Автор: †Агатангел (Станковски) за Курир 

Извор: Повардарска епархија