Светата Литургија (Евхаристијата) е Света Тајна на светите тајни. Во Литургијата верните се остваруваат во она што станале преку Крштението, имено членови на Телото Христово, коешто е Црквата. Литургијата е икона (образ) на Царството Небесно и негово пројавување во историското време.

liturgija mladozenec

Во Православната црква има две основни форми на Литургијата: на свети Јован Златоуст којашто е најпопуларна и на свети Василиј Велики којашто се служи 10 пати годишно. Порано имало повеќе, на пример, на свети Марко, на свети Јаков којашто и денес понекогаш се служи, практично секоја локална црква имала своја литургиска форма, но сите тие различни надворешни форми во својата суштина (јадро) биле исти. Литургијата на Претходноосветените дарови (што се служи во делничните денови од Великиот пост) не е потполна Литургија во таа смисла како претходните (тука нема осветување на дарови), тоа е повеќе чин на причестување (со веќе осветени Дарови) во склоп на вечерна богослужба.

Надворешната форма на Литургијата е составена од три дела: Проскомидија, Литургија на огласените или на Словото, и Литургија на верните.

Проскомидијата ја вршат свештениците пред почетокот на самата служба и таа претставува подготовка на елементите (лебот и виното) кои ќе бидат принесени на Литургијата. Литургијата на огласените (катихумените) или на Словото е првиот дел на Литургијата (од „Благословено е Царството…“ до после читањето на Евангелието и ектенијата за огласените), додека Литургијата на верните е останатиот дел, кога се врши и самиот принос од страна на Црквата, се осветуваат Даровите и верните се причестуваат со веќе осветените Дарови – Телото и Крвта Христови.

Светата Литургија не треба да се доживува како некој театар или свештена драма, која ние само ја набљудуваме. Не, тоа не е театар, туку нешто во што активно и сознателно учествуваме преку молитвите и причестувањето. Литургијата има есхатолошка димензија, односно претставува пројавување на Вечноста во времето, предвкусување на Небесното Царство кое ќе следи по крајот на светот, но на верните уште сега им е дарувано како залог. Тоа е Тајната Вечера која Христос им ја подготви на Неговите ученици, а тоа е и истата онаа Трпеза која е приготвена во Царството Божјо. Значи, започнува со Тајната Вечера, а се исполнува во Царството Небесно.

rsz_15

Светата Божествена Литургија е патување, движење, восходење на Црквата на Небото. Тоа патување започнува кога верните ги напуштаат своите домови и се собираат на едно место. Кога Црквата е собрана, свештеникот возгласува „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух…“. Да се благослови нешто, според јазикот на Библијата којшто е јазикот и на Литургијата, значи да се објави, исповеда и прифати нешто како конечна цел на животот. Ние одговараме со „Амин“, т.е. ја прифаќаме таа нова реалност (Царството) како наша цел. Црквата е собрана и спремна да патува (сп. централниот дел од црквите се нарекуваат бродови, и тука имаме алузија на патување). Со почетниот возглас: „Благословено е Царството…“, свештеникот како да вели: дестинација – Царство Небесно, и тргнуваме… Нашата цел е точката после крајот на светот, самата Вечност.

(продолжува)

Подготвил: Георгиј Глигоров

 

 

Литургија (2): Словото

 

rsz_vhod (1)

 
Прво што следи е Големата ектенија, заедничката молитва на Црквата со прозби што се во одреден поредок: преку оваа молитва човекот се учи да ја прима црковната молитва како своја. По ектенијата следат антифони (псалми или песни), по кои свештеникот произнесува молитва од името на целата Црква. Во првата се исповеда непоимливата слава и сила Божја; втората потврдува дека ова собрание е Божји народ и Негово наследство, а во третата се бара од Бога познавање на Вистината и вечен живот.

По антифоните следи Малиот вход (влегување), кога свештеникот излегува со Евангелието и застанува пред царските двери и вели: „Премудрост, простум“. Некаде може да се најде објаснување, дека овој вход го символизира Христовото излегување на проповед, но ова е нешто второстепено и се појавува многу подоцна во богословската литература; според оваа идеја, Литургијата е театар што се набљудува, но спомнавме дека воопшто не е така, ние сме повикани активно да учествуваме во неа. Самиот збор „вход“ и самите молитви сведочат дека тоа е дејствие што се случува со нас, ние „влегуваме“, т.е. искачуваме на Небото.

Всушност, во старо време со Малиот вход започнувала самата Литургија, кога верните заедно со свештенослужителите влегувале во црквата; денес свештениците излегуваат од олтарот, за пак да влезат во него (древната пракса, дека Малиот вход бил влегување на народот, се гледа од денешната архиерејска служба: за време на службата, епископот дури сега влегува во олтарот). Денес свештеникот влегува во олтарот (којшто е символ на Царството Небесно), но во негово лице и сите ние сме искачени мистично во Царството. Следи Трисветата песна (Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè) која, според сведоштвото на пророкот Исаија (гл. 6), вечно ја исполнуваат ангелите; еве уште едно сведоштво дека веќе не сме на земјата, туку на небесата.

schm3Овој дел се нарекува Литургија на Словото, затоа што тука се чита Светото писмо (Апостолот и Евангелието). Тука, по Евангелието, е местото и на проповедта на свештеникот, која треба да претставува објаснување на прочитаното. По ова е сугубата (удвоената, усрдната) молитва со трикратно „Господи помилуј“ и тука, за разлика од големата ектенија, Црквата се моли за конкретни потреби на заедницата (на пр.: ако е болен некој член, за оние што се подготвуваат за брак, кога младите треба да полагаат испити и сл.). Кај нас оваа ектенија ретко каде ја носи оваа функција, а тоа се должи на фактот што парохиите, локалните цркви, не се препознаваат себеси како заедница на конкретни личности со конкретни потреби.

Овој прв дел од Литургијата се нарекува и Литургија на огласените, затоа што во старо време, всушност, оние што се подготвувале за Крштение, само до овој момент можеле да присуствуваат на службата (каде го слушале Словото и проповедта), а потоа тие, како и оние што биле, по некоја причина, изопштени од Црквата и не се причестувале одредено време, излегувале надвор. Останувале само верните, коишто ќе се причестат, и продолжувала Литургијата на верните.

(продолжува)

Прв дел

Г.Г.

(01.01.2015)