Josif.praveden

               Ако е точно дека молкот е јазикот на светот што доаѓа, тогаш праведниот Јосиф Обручник е човек од времето што доаѓа. Во Евангелијата не е запишан ниту еден од неговите зборови, не е споменат ниту еден негов разговор. Само неговите помисли и дела се опишани. Тој ѝ пристапува на Тајната на неискажливото снисходење на Синот и Словото Божјо со восхитување, набљудување и молчење. И кога го обзема сомнеж, со мака причинета од неподнослива болка на умот, тогаш небесата проговоруваат.
Но, да почнеме од почеток. Јосиф бил избран на прагот од неговата старост да биде заштитник и пазител на Дева Марија. За време на вереништвото, пак, таа била бремена од Духот Свет. Ова предизвикало сомнеж кај него и тој сметал дека таа го изневерила. Според авторот на Акатистот, Исполнет од бура на помисли, целомудрениот Јосиф се збуни.
               Оваа негова бура на жив и потресен начин е препеана од еден друг тропар што се пее на Првиот час на Рождеството Христово:Јосиф на Дева ѝ велеше: „Марија, што е тоа што гледам дека се случи со Тебе? Збунет сум, и зачуден, и умот ми е поразен; што поскоро оддалечи се тајно од мене. Марија, што е тоа што се случи со Тебе? Место чест – срам, место радост – тага, место пофалба, прекор ми донесе. Оние што ме фалеа, ќе ме ругаат. Не можам да ја поднесам осудата од секоја страна. Од свештениците од храмот Господов како непорочна те зедов, но што е ова што сега го гледам?
               И покрај неговите помисли, Јосиф не сакал јавно да ја понизи Марија, оти бил набожен и праведен. Одлучил неформално да ја раскине веридбата. И тогаш ангел Господов му се јавил насон, и му рекол: „Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух; Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Он ќе го спаси народот Свој од неговит   е гревови“ (Мт. 1,20-21).
                      Јосиф бил исклучителна личност, зашто го следел патот на срцето, а не строгоста на Законот. Наречен е праведен, иако не се држел до стариот Закон, туку го надминал, придонесувајќи во делото на благодатта. Станал служител на Новиот Завет, не по буквата на Законот, туку по Духот Божји, – „зашто буквата убива, а Духот оживотворува“ (2Кор. 3,6). Значи, христијанската правда е над и отаде границите на секој буквализам на Законот.
                     Евангелските зборови се живи и делателни, и се поостри од меч со две острици; тие продираат длабоко и ги судат мислите и намерите на луѓето (сп. Евр. 4,12). Молкот се покажал како спасителен. Не молкот поради вина, туку молкот роден од просто, чисто, широко срце, од безусловно послушание пред Божјата волја. Во случајот на Јосиф, молкот бил придружник на чудото на Рождеството Христово.
                        Во денешното време на брборење, многусловие, па дури и зајакнато ширење на црковни термини, речиси е невозможно да се процени вредноста на молкот. Уште потешко е, во денешното рационалистичко време, некој да му пристапи на Божественото Рождество на начинот на кој Јосиф му пристапил. Но, тој ги надминал стегите на човечкиот разум, и го очистил срцето како снег бело, едвај вкусувајќи го „со срцето“ присуството на Искупителот „Кој осиромаши заради нас“.


Презвитер Василиј Калијакманис

 

 Јануари  2024 лето Господово

fb.Православие.мк