sv.Stefan.kamenuvanje2

Се бореше со луѓето а се радуваше со ангелите
╫ Св. Јован Златоуст за Свети Стефан


╫ Свети Стефан. Првомаченик за Христа

           Да ја овенчаме пофалбата на Стефан со цвеќиња и да го опсипиме со рози и пофални песни. Самиот тој веќе се круниса со победничката награда на верата. Иако е напишано: И не плашете се од оние што го убиваат телото... (Мт. 10,28), приврзаноста кон телото тешко се надминува. Но, кога оваа младост реши да ја прифати маченичката круна, сите тешкотии исчезнаа; целосно го победи стравот. Не се плашеше од гневот на првосвештениците, не се плашеше од дрскоста на свештениците, не се плашеше од зборовите на старешините и не се засрами од заканите на книжниците, ниту од клеветите на лажните сведоци., но со одредена благородна решителност  побрза да се бори за Христа. Кој од смртниците ќе му даде достојна пофалба на подвижникот? Кој од луѓето ќе исплете венец сразмерно на неговиот подвиг? Кој јазик може да ја објасни славата на победникот? Кои усти можат да го восфалат подвигот на Стефан? Се подвизуваше на земјата, но со поглед кон Небесата, беседеше со смртници, но се вбројуваше во бесмртните, се бореше со луѓето, но се радуваше со ангелите...
Сега, кога Стефан ги отвори дверите на мачеништвото, нека секоја доба побрза кон подвигот на мачеништвото. Стефан беше првиот што му се спротивстави на тиранинот, првиот што објави  победа над него, првиот што го положи коренот на овој добропобеден подвиг, првиот што ги претрпе страданијата Христови, за да им покаже на смртниците како се победува смртта... 

sv.Stefan.kamenuvanje1
            А Стефан, исполнет со вера и сила, правеше големи чудеса и знаци меѓу лу¬ѓето. (Дела 6,8). Благодатта на Духот го носеше Стефан во сè поголем успех во добродетелта, зашто неизмерноста на неговата вера возбудуваше во него ревност. Поставен за ѓакон,тој се јави како маченик, назначен да се грижи за вдовиците,тој ја користеше благодатта за чуда; беше поставен за служител на трпезите а стана чудотворец. „А Стефан, исполнет со вера и сила“. Тој приготви солзи за демоните, а радост за луѓето, станувајќи водач на оние што се борат за Христа. Кој сега ќе превземе подвиг за Христа, има учител во Стефан, кој ќе тргне на маченички подвиг, тој ќе врви по стапките на Стефан. Стефан - началникот на оние што се стремат кон Христа, Стефан - темелот на оние што умираат за Него...
Тогаш се кренаа некои припадници на синагогата, наречена синагога на Либертините, на Киринејците и Алек¬сандријците, како и на оние што беа од Киликија и Азија, и почнаа да се пре-пи¬раат со Стефан; (Дела 6:9). Зошто, - велат тие, - младичу, го навредуваш Божеството? Зошто ги убедуваш луѓето со итри зборови? Зошто го возбудуваш народот со соблазнителни чудеса? Тајното значење на ваквите прашања беше следново: дали мислиш дека оној што го родила Марија е Бог? Син човечки во тело - Создател на светот? Не е ли Витлеем Неговата родина, а Назарет местото на Неговото воспитување? Твојот Бог се роди на земјата, како немоќно младенче, завиткано во повои и легнато во јасли, бегал од разгневениот Ирод, примил крштение од Јована, страдал од глад и жед, чувствувал замор и сон, бил затворен и не можел да избега. , бил камшикуван и не можел да се оправда, бил прикован на крстот и не можел да се ослободи; Самиот Негов крај е срам и проклетство. Тој бил погребан в гроб, а мечтаел да биде на небесата. Во сите нешта подобен на смртниците, иако ја проповедал Бесмртноста. Значи Бог - според тебе - се согласил да го трпи сето ова? Нели Бог заповеда да се убијат и не ли ги уби сите оние што кренаа раце против Него?? Зар не ги порази со ненадејна смрт? Избери едно од двете: или остави ги сите овие заблуди или умри со Неговата смрт...

sv.Stefan.kamenuvanje
                 И откако го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења. (7:58). Таму каде што бил распнат Царот, таму до смрт бил каменуван и воинот. Но, дури и под ударите на камењата, борецот победоносно торжествувал и со таков восклик се обратил кон Создателот: „Господи Исусе, прими го духот мој!“ (Дела 7,59). „Господи Исусе, Кој по волјата на Отецот ги прифати страдањата, Кој со одлуката на Отецот претрпе смрт, прими го мојот дух“! Земи ја од телото мојата душа, земи го оттука и бестелесното, „прими го мојот дух“ крунисан со сите доблести, „прими го мојот дух“! „ Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив. “ (2. Тим. 4:7) и сега те молам „прими го мојот дух“! Бидејќи сум облечен во распадливо тело, се плашам; бидејќи сум облечен во земно тело, се плашам - да не го погубам трудот после сите трудови. Треперам - да не останам неовенчан после борбата, да не ја изгубам наградата по подвизите. „Прими го мојот дух“! Ѓаволот ќе биде огорчен што ја изгубил победата, ќе заплаче началникот на злобата дека изгубил од смртник. Бестелесните ќе тагуваат затоа што оние во тело се смеат над сопствените страданија. „Прими го мојот дух!“ „И клекнат на колена, тој извика со силен глас: „Господи, не примај им го ова за грев!“ (Дела 7:60)! За праведниците смртта е сон, крајот на мудрите е успение. И затоа смртта е сон, затоа што како од вкочанетост, праведниците што се будат од смртта за воскресение се насладуваат на вечни благодети. Сите ние да бидеме соучесници (на овие благодети), со благодатта и посредништвото Христово, преку Кого и со Кого е славата на Отецот во Светиот Дух Утешител, од почетокот, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.


Извор: dveri.bg/webstage.bg/
За  Преминпортал Симеон Стефковски

8ми јануари 2023 лето Господово