3.angeli.so.truba

  Правила на христијанската „омраза“ - Александар Ткаченко

Како е возможно да го мразиме гревот, а да го љубиме грешникот?

Во христијанската традиција постојат слова кои звучат многу исправно и моќно – како антички афоризам. Всушност, поради таа причина сакаме да ги користиме при различни дискусии и расправи во мрежата – ги кажуваш и потоа може и да не се сомневаш во својата правдина. Засрамените противници тажно го признаваат својот поразот, а приврзаниците ти аплаудираат виртуелно со многубројни лајкови. Еве, на пример, да ги земеме предвид овие зборови: „Да го мразиме гревот, но да го љубиме грешникот“. Кратко и јасно кажано. Дека е кратко – навистина е кратко. Но во поглед на јасноста – ни оддалеку не е толку едноставно, како што би можело да изгледа на прв поглед…
Навистина, како можеме да ја спроведеме во пракса оваа лаконска заповед? Зашто гревот нема самостојно битие, одделно од човекот којшто го извршува. Не може да постои кражба без конкретниот човек кој украл туѓ предмет или пари. Убиство постои само таму каде определен субјект прекинува туѓ живот. Лагата е невозможна без оној кој отстапува од вистината. Гревот без грешникот е како „сферичен коњ во вакуум“ – апстракција, којашто може да се постигне само со добро развиена имагинација. Но како е можно да ја презреме оваа апстракција, а човекот кој преку своите постапки ја допушта во светот, кој ја дава својата плот и крв, кој му овозможува на гревот можност да дејствува преку него и да предизвикува страдање на другите – овој човек како да го возљубиме?
Теоретско решение на оваа противречна задача веројатно не е можно да се изнајде. Сепак, многу Христијани, во сите времиња, откривале патишта и начини за нејзино практично исполнување. Тоа што не умееме да го постигнеме со умот, е наполно можно да го прифатиме како некаков животен опит, што е добро да го подражаваме колку што е во наша моќ. Природно, за Христијаните таков пример е првенствено земниот живот на нашиот Господ Исус Христос. Различни случаи од житијата на Светиите, исто така може да ни дадат некоја идеја за тоа, како да ги сакаме грешниците и при тоа да го презираме гревот. Меѓутоа, Црквата ги признава некои луѓе за светци, доколку тие успеале да се уподобат на Христос. Би било погрешно да се „канонизира“ секоја постапка на секој светец, претполагајќи дека Христовата љубов била апсолутно присутна во сѐ што тие направиле во својот живот. Пример за подражавање се само оние дела на светите, во кои тие биле подобни на Господа. Затоа најлесниот и најсигурен начин да откриеме реален пример за љубов кон грешниците и презир кон гревот ќе биде она што ќе го најдеме во Евангелието.
Прво прашање: Ако сакаме да сме чисти луѓе, тогаш зошто да се занимаваме со „нечистите“?
Исус Христос е единствениот претставник на човештвото Кој нема во Себе дури ни сенка на каков и да е грев. Гревот е кршење на Божјата волја. А Богочовекот Исус целосно ја потчинил Својата човечка волја на Божествената волја. Во Него нема ниту една мисла, ниту едно чувство, збор или дејство, кои ја прекршуваат волјата на Отецот, Којшто Го пратил. И затоа апсолутно сите луѓе во споредба со Исус од Назарет се грешни, независно од длабочината на своето паѓање или од височините на својата праведност. За луѓето е својствено да се споредуваат едни со други, да откриваат кој е подобар и кој полош, да бројат достигнувања, да поставуваат различни скали на цености, според кои праведниците се некаде на недостижна висина, а грешниците – во калта и темнината на најниските слоеви.
Но за безгрешниот Исус Христос секоја таква скала би била исполнета од горе до долу само со отпаднатите од Бога, кои страдаат поради тоа отпаѓање, несреќните, изгубени чеда. Меѓу нив најсилна потреба од помош имаат токму „најлошите“ според нашите човечки мерки.
Безнадежно болните луѓе се една од највпечатливите категории грешници кои ги среќаваме во Евангелието. Кога ги читаме епизодите во кои се говори за нив, ние обично се исполнуваме со сочувство кон нив и не ги восприемаме како грешници. Сепак, евангелскиот текст директно сведочи дека причина за болестите е нивниот гревовен живот. Што прави Исус кога гледа пред Себе Си таков, осакатен од сопствените гревови, несреќник? Гневно ги мршти веѓите? Или му чита правила за здрав начин на живот и за неопходноста да се следат заповедите? Или, пак, ги повикува другите да видат жив пример за тоа, до каква положба може да го доведе гревот еден нормален законопослушен Евреин? Не. Без никакви наравоученија Господ го исцелува несреќниот човек и веднаш си оди. Дури при следната средба, кога се насамо, Исус му вели на исцелениот: Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо! (Јован 5,14).
Истото се случува и при комуникацијата на Христос со блудниците-проститутки, со митарите – нечесните даночни инспектори во служба кај Римјаните-окупатори, со другите отпадници од еврејското општество, означени во Евангелието со општиот збор „грешници“. Овие отфрлени од својот народ луѓе Исус не ги руга, не ги осудува, а јаде и пие со нив на една маса, општи со нив и прифаќа од нив знаци на уважение. За благочестивите фарисеи е незамисливо ова однесување на почитуваниот од народот Учител. Но за воплотениот Бог, нивното дволично благочестие е само варосување на камењата со кои се затвора влезот на погребната пештера, полна со мртовечки коски. Сите луѓе без исклучок се погодени од гревот, Исус дојде да ги спаси сите. Оној кој ги прикрил раните со убава облека, во Неговите очи со ништо не е подобар од оној чии рани се изложени на сеопшто срамотење.
Жената која сакале да ја убијат поради прељуба кон мажот, Исус ја одбранил од толпата само со една реченица: Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа (Јован 8,7). И притоа дури не ја кренал ни главата, туку пишувал некои знаци на земјата.
Во црковното предание суштествува интересно толкување на оваа евангелска епизода. Според тоа толкување, Исус на песокот со прст ги напишал тајните гревови на секого од обвинителите. Пишувал кратко, но до лудило страшно за изобличените, бидејќи според јудејскиот закон, за секого од овие гревови била предвидена смртна казна. Светителот Николај Велимировиќ раскажува за ова во форма на уметнички расказ:
– Мешулам посегна по црковното сокровиште – напишал Господ со прстот по земјата:
Ашер изврши прељуба со жената на својот брат;
Шалум е клетвопрестапник;
Елед го удри својот татко;
Амарнах присвои имотот на вдовица;
Мерари изврши содомски грев;
Јоил се поклони на идолите…
И така, за секого по ред пишувал по земјата прстот на Праведниот Судија, а оние за коишто пишувал, го читале напишаното со неискажлив ужас. Сите нивни вешто скривани беззаконија, коишто го прекршувале законот на Мојсеја, Му биле познати на Господа, и сега Он ги објавува пред нив. Нивната уста веднаш замолкнала. Дрските горделивци, гордеејќи се со својата праведност, и уште подрски судии на туѓата неправедност, стоеле неподвижни и неми, како столбови во храмот. Тие трепереле од страв, не осмелувајќи се да се погледнат в очи еден со друг, а за жената грешница веќе не ни помислувале. Мислеле само за себе и за својата смрт. Ниту еден јазик веќе не можел да го каже она ужасно и лукаво прашање: „Ти што велиш?“. Господ не рекол ништо. За Него било одвратно да ги објави со Својата пречиста уста нивните гревови. И затоа пишувал по прашината – она што било толку валкано, заслужувало да биде напишано единствено на валканата земја.
Другата причина поради која Господ пишувал по прашината е уште поубава. Она што е запишано на прашината брзо исчезнува и не остава трага. Христос не сакал да ги разгласи нивните гревови на сите и на секого. Зашто, кога би го сакал тоа, Он би ги кажал пред целиот народ и откако би ги изобличил, народот, согласно законот, би ги погубил со камења. Но Он, незлобливиот Агнец Божји, не посакувал ни одмазда, ни смрт за оние коишто постојано размислувале да Го убијат и коишто повеќе посакувале смрт за Него, отколку вечен живот за себе.
Господ единствено сакал тие да се замислат за своите гревови. Сакал да им напомне, притиснати под бремето на сопствените беззаконија, да не бидат строги судии на туѓите; да ги потсети прокажените од гревот да не брзаат да ја лечат туѓата лепра; и бидувајќи престапници, да не ги потиснуваат другите, сакајќи да им бидат началници. Тоа е сѐ што сакал Господ. И кога завршил со пишувањето, Он повторно ја порамнил со прстот и напишаното исчезнало.
Грешните „праведници“ се покажале со ништо подобри од грешницата, којашто тие со гнев ја разобличувале за нејзиниот грев.
И повторно го гледаме истото финале, истите тивки, исполнети со љубов зборови: А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“ А таа рече: „Никој, Господи“. Тогаш Исус и рече: „Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш“ (Јован 8,10-11).
Второ прашање: Кого Исус удирал со бич во храмот и зошто ги превртил масите на менувачите?
Господ ги сака и ги жали грешниците така како што добриот лекар ги сака своите болни пациенти. Но и Неговата омраза кон гревот исто така е несомнена. Потврда за ова е протерувањето на трговците од храмот, коешто е опишано во сите четири евангелија. Најјасна слика дава Евангелието според Јован:
Се приближила Пасха Јудејска. Исус отишол во Ерусалим и видел дека во храмот продавале волови, овци и гулаби и седеле менувачи на пари. И откако направил камшик од јажиња, ги изгонил од храмот сите, исто така и овците и воловите; ги расфрлил парите на менувачите и им ги превртил масите. A на продавачите на гулаби им рекол: Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за трговија! (види Јован 2,16).
Описите на протерувањето на трговците од храмот во Евангелија се разликуваат во некои детали, затоа Свети Јован Златоуст смета дека имало барем два такви случаи. Според неговото мислење, Исус најмалку двапати направил таква „ревизија“ со превртувањето на масите во Ерусалимскиот крај.
Често овие епизоди читателите ги восприемаат не сосема правилно, сметајќи дека гневот Исусов бил предизвикан од самиот факт што тргувале на свето место. Но всушност, работите се малку посложени. Храмовиот комплекс во Ерусалим се состоел од светилиште и дворови што го опкружувале. Најпростран од нив бил дворот на незнабошците – единствената територија на храмовата гора каде што можеле да присуствуваат не-Евреите. Токму тука се вршеле сите трговски операции со пари и животни, и тоа сосема законски, без да се осквернува светилиштето.
Работата е во тоа што годишниот данок на Ерусалимскиот храм и воопшто секое парично дарение во храмовата ризница, можело да се направи само во специјални „храмови“ пари – сребреници, или како што уште се нарекувале – сикли. Затоа поклониците кои доаѓале оддалеку, прво требало да ги разменат своите пари за храмови сикли. За тоа им помагале менувачите кои ги поставувале своите маси во дворот на незнабошците. За својата услуга тие земале провизија, која се состоела од речиси 2/3 од разменетата сума. Но со тоа не се завршувало со земањето пари од верниците. Потоа, со добиените сребреници тие биле должни пак таму, во дворот на незнабошците, да си купат животни за принос како жртва. Таа стока што мукала и блекала, тука чинела многу поскапо отколку во градот, но поклониците сепак ги купувале животните со повисока цена. Причината за тоа била едноставна. Храмовите служители ги прегледувале сите принесени жртви дали имаат недостатоци (а и за оваа проверка, меѓу другото, се наплаќало). Воловите и овците купени на друго место, после таквата „експертиза“ крајно ретко добивале позитивна оценка. За да ја избегнат оваа процедура, луѓето биле принудени да купуваат животни при храмот, иако многу поскапо.
Системот кој бил замислен да им помага на верниците, поради грешноста на човекот се претворил во средство за ограбување и несовесна добивка на храмовите служители. Затоа Исус ги нарекол менувачите и продавачите на животни разбојници коишто ги ограбуваат богомолците. Не самата трговија во дворот на незнабошците, туку лихвата која служителите на храмот ја земале од луѓето што доаѓале, била причина за Неговиот гнев, како што за тоа пишува блажени Јероним Стридонски: „Како да не проповедаше за тоа Језекиил, велејќи: ти земаш лихва и дарови и со сила изнудуваш добра од ближниот свој (Јез. 22,12). Господ, гледајќи во домот на Својот Отец таков вид зделки или разбојништва, поттикнат од духовен пламен – според она што е напишано во 68 псалм: ревноста за Твојот дом ме изеде (Пс. 68,10) – си направил бич од врвци и изгонил од храмот голема толпа луѓе со зборовите: Напишано е: „Домот Мој е дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера“ (Лука 19,46). Всушност, разбојник е оној човек кој од верата во Бога извлекува за себе добивка; таквиот го претвора Божјиот храм во разбојничка пештера, кога неговото служењето се покажува не толку служење на Бога, колку парични зделки“.
Меѓутоа, дури и овде, каде со бескомпромисни методи воведува ред во дворот на незнабошците, Исус го одделува гревот од самите грешници. Споменувањето на камшикот предизвикува кај многумина соблазна да помислат дека воплотениот Бог бил во состојба да ги истепа виновните пред Него луѓе, со специјално изработено за тоа орудие.
За да ги огради читателите на Евангелието од вакви претпоставки, Евтимиј Зигабен – еден од најавторитетните толкувачи на Светото Писмо – подетално го разјаснува ова место: „Треба да се истакне дека, правејќи бич, Исус Христос не ги удирал луѓето, туку само ги заплашувал и ги протерал, а овците и воловите, несомнено, ги удирал и ги изгонувал“.
Бичот е овчарска алатка. Било сосема разумно да си направи бич од материјали што се наоѓале на подрачјето каде требало да ја изгони стоката од дворот. Но и да си мислиме дека со истиот тој камшик, Господ Исус Христос ги удирал и грешниците коишто се збогатувале со ограбување на богомолците, би било најмалку чудно. Дваесет и седмото правило на Светите Апостоли еднозначно тврди дека Исус никогаш, под никакви околности, во Својот земен живот не кренал рака на човек: „Зашто Господ на ништо такво не нѐ научил: напротив, бидејќи Самиот удиран, не нанесувал удари, бидејќи укоруван, не возвраќал со укор, страдал, не заплашувал“.
Трето прашање: Чии гревови треба да ги презираме пред сѐ?
Исус немал во Себе никаков грев, но со милосрдие се однесувал кон грешниците, без разлика колку ниско паднале тие. Како ќе изгледаме во Неговите очи ние, ако одеднаш решиме дека некој човек, поради своите гревови, стои пониско од нас и затоа ние имаме право да зборуваме, или пак, да размислуваме за таквите грешници со потценување?
Зарем толку добро сме се справиле со нашите гревови, што дошло време да се занимаваме со туѓите? Ете, токму за нив, за луѓето што извршиле јавни гревови, за овие трски прекршени и едвај тлеечки жарчиња, се грижи Господ повеќе отколку за кој и да било друг (види Матеј 12,20). Заради секоја од овие заблудени овци Он е подготвен да го остави послушното стадо и да тргне да ги бара во смртно опасното патешествие. Ужасната смрт на крстот Он ја прифатил заради грешните, а не за праведните. Покрај тоа, секого од нас, во секој момент Он може да нѐ потсети на нашите сопствени гревови, исто како што тогаш ја наведнал главата и ги напишал во правта имињата на завладеаните од „праведен“ гнев разобличители.
Гревот мора да го мразиме. Но презирот кон туѓиот грев може да биде духовно опасен дури и за светите луѓе. Во древниот патерик се раскажува една поучна приказна за ваков случај:
„Еден старец со свет живот, дознал за некој брат кој паднал во блуд и рекол: ’Ах, тој лошо направи‘. По одредено време Ангел Божји ја донел кај него душата на братот што згрешил и му рекол: ’Види, оној кого ти го осуди, умре. Каде ќе ни заповедаш да го однесеме – во Царството или во маките?‘ Потресен од тоа светиот старец сето останато време од својот живот бил во солзи, покајание и безмерни трудови, молејќи се за Бог да му го прости тој грев“. Старецот, всушност, не го осудил братот, туку само неговиот грев, но Господ му покажал дека е недопустлив дури ни овој, навидум побожен и праведен суд.
Гревот е достоен за презир. Но секој кој го сака своето спасение е неопходно да се научи да го презира, пред сѐ, гревот во самиот себеси. А кон сите други луѓе да се однесува така како што се однесувал кон нив нашиот Господ Исус Христос – со љубов и сострадание. Се разбира, да се каже ова е многу полесно отколку да се направи. И покрај тоа, едвај ли ќе успееме да откриеме некој друг практичен начин да го исполнуваме тоа парадоксално правило: да го мразиме гревот и да го љубиме грешникот.

Извор: Бигорски манастир

 

Избор од фб профил на 

Simeon Stefkovski

 27ми јули 2020 лето Господово

Друго:

o. Александар Ткаченко: БОГ И ПЕКОЛОТ ...