Ајде да го надминеме тоа чувство и да се покаеме. Оваа парабола ме тера на покајание, бидејќи ја чувствувам мојата недоволност, ништожност и пад во врска со ова прашање. И некои мои пријатели, духовници, но и обични верници ми велат дека „ние исто така го чувствуваме тоа толку силно во нашите срца –дека не сме такви какви што треба да бидеме“. Не функционираме како отворена прегратка за светот, нешто не е во ред, но и покрај тоа постои Божествената љубов и се успокојуваме, се доверуваме и спиеме спокојно. Помоли се, но така што да заспиеш спокоен и потоа да немаш грижа на совест и да велиш: не заспав зашто цела ноќ го чекав своето дете! Не. Довери го на Бога! Сега, додека зборувам, претстави си во умот еден човек за кого си загрижен – во поглед на неговиот живот, или на опасноста преку која минува, на неговото здравје, неговиот духовен пад, или што и да било друго. Што има сега тој човек со тебе? Ти ништо не можеш да направиш. Можеш ли да му дадеш нешто? Ништо освен молитва. Бог, сепак, во овој миг го закрилува, го заштитува со Својата љубов, со Својата грижа, Бог се грижи за него, за твојот човек. Ако го сфатиш ова, немаш претстава колку повеќе ќе се успокоиш во поглед на сите луѓе, целата вселена, сите грешници и заблудени овде и таму. Он знае, се успокојуваш така и велиш: „Слава Ти Боже! Ти, Господи и блудниците можеш да ги направиш целомудрени и смирени, убави и чисти, непорочни, благи и прекрасни. Сѐ менуваш. Тоа што се случува, Господи, е за да ме промениш и мене, да ми помогнеш да сфатам колку поголем блудник сум и да побарам, Господи прошка однатре, зашто надворешно се срамам да го признам тоа, заради својот егоизам не можам да го кажам, да побарам прошка од сите оние, на кои целиот мој живот си мислев дека сакам да им помогнам, да ги направам подобри. Да соберам сили и да им кажам: Јас бев многу полош од тебе, многу погрешен од тебе, многу поголем лицемер, лажливец, скверен, не бев искрен. И сакав да ти се правам вистинит, но не можеш да убедиш некого на таков начин“. Другиот сфаќа што се случува. Знаеш ли како е да стоиш во својата соба, во безмолвие, во потполно безмолвие – на еден мој познаник му се случило тоа – да се помолиш за некого и набргу потоа тој да ти се јави на телефон  и да ти каже: „Ти се јавив да ти кажам дека во овој миг мислев на тебе и чувствувам силна љубов кон тебе“. Без да правиш нешто, без дури и да кликнеш на мобилниот телефон, без смс, без ништо човечко, само да се допреш до Бога, да Му станеш пријател на Христос. И ако станеш пријател на Христос, првото што Он ќе ти го каже е: „Што сакаш сега, кажи ми! Побарај нешто да направам за тебе, за да почувствуваш радост!“ И ти тогаш да Му кажеш: „ Господи мој, го имам тој и тој проблем, поправи ги работите колку што може подобро! Помогни му на другиот да сфати колку го сакам“. И Христос истиот миг ќе го направи тоа. И тоа ќе биде најдоброто за тебе.

Затоа општеството не се менува – Бог едноставно гледа дека засега сите сме толку блудни и не може да нѐ промени. Толку сме убедени дека го знаеме правилното, и го правиме најдоброто во светот, што не сакаме ни да чуеме дека се наоѓаме онаа туѓа земја, што се спомнува во параболата, далеку од Бога. Ние сме толку блиску до Него, во Црквата, а сме блудни. И Бог сега вели – Што да поправам? Кого да го допрам? На кого да појдам и да му кажам „Чедо мое, не го правиш тоа како што треба!“, кога има луѓе што и Бога Го поучуваат. Некои од нас сме готови и на Бога да Му „покажеме“, дека тоа што Го прави не е правилно; како што се случувало во времето на Христос. Немој да се чудиш, дури и тогаш, во времето на Господ, Му велеле: „Што правиш? Јадеш во сабота без да си ги измиеш рацете? Не го запазуваш Законот! Правиш чудо во сабота?! Одиш и зборуваш со тие рибари? Ама тие се рибари, немој да им зборуваш, не знаеш што правиш!“ Спремни сме и на Бога да Му направиме забелешка! Не сме подготвени да се преобразиме внатрешно, да се промениме и да речеме: „ Господи, спремен сум да ми кажеш дека правам многу грешки во животот и да ме поправиш.“ Спремен си? Добро, ако си спремен, браво! Го ценам тоа и се радувам. Дај Боже и јас да сум таков и да кажам: „Господи, земи ме и промени ме! Промени ми го мислењето, не ги размислувам правилно работите“. Оти во краен случај токму тоа е покајанието. Покајанието не значи да се утврдиш во истите криви сфаќања што ги имаш. Ако не плачеш, не е крај на светот, плачот не е критериум, зашто можеш да плачеш и за твои болни фиксации. Но убаво би било доколку пролееш солзи, бидејќи навистина сакаш да направиш нешто ново во својот живот. И да не плачеш, направи сепак нешто ново, наместо да продолжиш да ја следиш истата тактика, која со години по ред ти е неуспешна во врска со светот, со жена ти, со мажот, со децата, со нашите пријатели, со сите наши други браќа. Неуспешни се сите тие методи кои создаваат во нас вознемиреност, злоба и отпор.


Не знам, можеби грешам, но навистина таа парабола е многу умилна. Сепак имај го на ум и ова – големиот син, којшто се вратил од работа, прашал: „Знаеш ли зошто слават?“ „Затоа што татко ти го прими брат ти здрав! Брат ти се врати здрав и жив, добар е!“ Тој навистина бил добро, грешен е но е добар. Проблемот не е во гревот на светот, туку во лицемерието на оние кои мислат дека не се грешни. Таму се крие тешката болест, таму не може ништо да се промени.

Проштевајте ако некој се соблазнил од ова што го кажав, нека ми прости и нека ме прегне мисловно, како таткото во параболата, нека ми прости ако не му се допаднало. Нека си продолжи како досега, ако не сака да се промени, ако во она што го правел досега, гледа резултати и тие се добри, ја поттикнуваат љубовта, единството во домот мирот и спокојството. Тогаш нека си продолжи на истиот начин. Но ако гледаш дека оваа тактика те води до тоа да ги загубиш децата, односно нивната доверба, и тие ти се потсмеваат зад грб, а ти си мислиш дека ги држиш под контрола работите, иако всушност ништо не контролираш – тогаш, доколку сакаш и кога ќе се исполни времето, размисли малку за сите овие работи и помоли му се на Бога да ти го покаже патот, по којшто треба да тргнеш оттука па натаму. Многу е убав тој миг кога сите ние ќе кажеме: „Господи во краен случај и јас бев блуден, бев и свештеник, бев и Твој и бев блуден! Господи, бев блуден, а бев и богослов, и јас бев блуден, сега го сфаќам тоа, а мислев дека сум најдуховната мајка, најдобриот татко, еден воцрковен човек, кој беседи, проповеда на религиозни теми, оди во обиколки, мисии, кој бива монах, и е облечен во црно“. Се разбира тешко е да се промени сѐ, но вреди за трудот, за нештото да стане вистинско. Барем останатите години во животот да ги поминеме во вистина. Вие сте среќни, бидејќи некој од вас сте млади, имате иднина, убаво е да се промените отсега и да ги живеете така другите 60-70 години. Но и нам останатите, колку што Бог ни дава, ни вреди трудот дури и ако само еден ден го направиме повистинит.

(Крај)


 

Тешко ни е да се довериме на Бога – I дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – II дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – III дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – IV дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – V дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – VI дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – VII дел

Извор: https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/teshko-ni-e-da-se-doverime-na-boga-del-7/