✤✣✤

Ете таква треба да биде верата, кога зборуваме за верата во Бога: „Невозможно е да не се верува“. Но постои ли таква вера кај човекот? Да, кај некои луѓе ја има: таа постои во Светиите, постои во Пророците, кои имале непосреден опит на општење со Бога. Но зарем би можеле да кажеме дека кај простиот човек, кој немал таква средба со Бога, таков натприроден мистички опит, нема вера? Никако нема така да кажеме!


И тука треба да се потсетиме дека многу источни Отци на Црквата зборуваат за два вида на вера. Такво толкување наоѓаме на пример кај Преп. Анастасиј Синаит. „Вистинската вера“, пишува тој, „се сфаќа на два начини: вера постои од слушање, од проповед, а постои и една уште потрајна вера – како жива претстава на благата на кои се надеваме. Верата од слушање можат да ја имаат сите луѓе, а втората вера ја стекнуваат само праведниците“.

А Св. Кирил Ерусалимски учи: „Верата е една, но се дели на два вида. Во првиот вид припаѓа опитната вера, кога душата се согласува на нешто, и таа вера е полезна за душата. Другиот вид на вера е онаа која по благодат се дава од Христа“.

Кај Преп. Јован Дамаскин, во неговото „Точно изложување на Православната вера“, ние исто така наоѓаме вакво мислење. „Има два вида на вера“, пишува тој, „постои вера од слушање (Рим. 10, 17)... верата е, одново, жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа (Ер. 11, 1), или несомнена и нерасудувачка надеж за она што ни е ветено од Бога и во тоа дека ќе бидат услишени нашите молби. Затоа првата вера се однесува на нашата намера, а втората на даровите од Духот“. Ова е особено важна мисла - за постоењето на две нивоа на вера, бидејќи верата не е едноставно согласување, или несогласување со некакви правила, а нели, токму така ја сфаќаат верата во современиот свет. И имено токму така се сфаќа верата и во обичната свест: јас можам да поверувам, а можам и да не поверувам, мене за тоа не ми се потребни никакви докази. Да, и таква вера може да постои и таквата вера Отците ја нарекуваат „вера од слушање“. Се случува на пример: сум слушнал од некој човек дека Бог постои и сум решил: „А зошто да не му поверувам? Овој човек се чини пристоен и никогаш претходно не ме измамил“. Но таквата вера е само првата етапа, првиот чекор кон тоа да се убедиме од својот сопствен непосреден опит дека Бог постои. Така се случува и во нашиот секојдневен живот. На пример: ми кажаа дека има многу убаво место во Подмосковје и јас му поверував на тој човек. Да, навистина постојат убави места каде не би ми пречело да појдам да се одморам. Јас сум пошол, сум го видел тоа место и сум се убедил од својот личен опит: навистина тоа место е необично убаво, ме порази до длабината на душата, така што сега мене не ми се потребни никакви аргументи, никакви сведоштва од другари и други луѓе.

 

Верата во Бога, како што тврдат Отците на Црквата, не е само „јас поверував“, не е само степен „верувам / не верувам“, таа е динамична, постои извесен труд, извесно подвижништво: треба себеси да се натераш да живееш похристијански. И таквата вера, како што учат Светите Отци, се стекнува само по благодат, само во Црквата. Но за да појдеме во Црква, за да стекнеме благодат, неопходна е претходно, првата етапа – потребно е да се поверува „на збор“, да се прифати како небаре да е хипотеза, дека Бог постои. Инаку не може да постои никакво знаење за Бога.

 

Извор: Бигорски манастир