Фреска - лаос

 

Во Христа не треба само да веруваме. Како прво, „само верувам“ не постои. Постои исповедание, кое поминало низ искушенија и соблазни, се зацврстило низ годините и кое на крајот прилично се разликува од првиот опит во верата – наивен и радосен. Патот на верата е пат сличен на „американското брекче“, кое во Америка го нарекуваат „руско“. Тоа е пат со огромни искачувања и вртоглави спуштања.

По тој пат не треба да се оди брзо. Треба да се оди, носејќи го Крстот. Едно од разновидните крстни тешкотии е крстното служење. Апостол Петар вели: „Бидејќи секој од вас добил дар, служете си со него еден на друг, како добри домоуправители (икономи) на многукратната Божја благодат“(1 Петар 4,10). Очигледно, овој призив директно се однесува на Самиот Господ, Кој не слезе на земјата да биде служен, туку слезе да послужи и да ја даде душата за мнозина. „Служете еден на друг“. Да го отстраниме првиот идол, кој со својата грамадност се стреми да ни го помрачи сонцето. Некои велат: „немаме ни сили, ни знаење, ни талент“. Овие зборови, всушност се идол, лажен бог, кој го попречува служењето на Живиот Бог. Нека му се градите и бакарни, а главата златна, сепак нозете му се глинени. Од силен удар тој би се занишал и би се распаднал. Нека одекнуваат зборовите: „Нема неталентирани луѓе!“ Секој има талент, да и тоа не само еден. Секој! Под дејство на Светиот Дух, талентите се развиваат и се пројавуваат, а ако ти не знаеш кои се твоите таленти, тогаш тоа е твој грев. Не се познаваме себеси.

А што тогаш можеме воопшто да знаеме, ако не се знаеме самите себе? Зарем не рекле „Спознај се самиот себеси“, и зарем овие зборови не ја разоруваат нивата во срцето за идната евангелска сеидба? Затоа, секој од нас е должен, паѓајќи на колена, често да Го прашува Бога: „Кажи ми, кој сум јас? Покажи ме. Кој сум сега, и кој треба да бидам?“ Ако Бог види дека сме верни и ако ни покаже нешто во нашето срце, тогаш однапред треба да ветиме дека ќе ги оплакуваме нашите гадости, а талентите ќе ги искористиме за добро. * * * Во еден храм, еден млад човек му се обратил на свештеникот со необична молба. Му рекол дека е математичар. „Ова е мојот телефонски број. Ако има некој од парохијаните чие дете има потешкотии со математиката би сакал да помогнам (се разбира, бесплатно).“ Ете еден пример како луѓето можат да му послужат на ближниот Христа ради, само ако сакаат, само ако егоистичните шрафчиња во главата наеднаш се завртат на другата страна, и ако човекот посака – не да му служат, туку тој сам да се предаде. Ако сака да вложи сили, знаење, време, материјални средства. Освен како дејство на Бога во човекот, поинаку ова не можам да го наречам.

А секој од нас може да научи некого да вози, да ѕида, да зборува на некој странски јазик итн. Зарем не говори за тоа апостолот: „ бидејќи секој од вас добил дар, служете си со него еден на друг, како добри домоуправители на многукратната Божја благодат“? * * * Благодатта навистина е многукратна. Еден лови луѓе, друг лови риби за ловците на луѓе. Секој е должен да служи. Позади волан или тастатура; со игла или лопата во рака; на учителско биро или професорска катедра. Нема неталентирани луѓе и нема бесполезни животни вештини. Ова може да се напише на надворешната страна на храмовите. Ние плаќаме на непознати за квалификувана помош, а до нас на Литургија можеби стои специјалист за нам потребната област, спремен да помогне, кој се мачи во совеста од сознанието дека никому не е од полза. Во нашите храмови има дизајнери, малтерисувачи, електричари, преведувачи и професори. Зошто не се знаеме едни со други? Зошто не служиме еден на друг, со оној дар кој секој од нас го поседува? * * * Да лелекаме, да плачеме, да бараме виновници, да препишеме сè на световната итроштина – тоа можеме. Видете, животот не ни е добар.. Но, сето тоа е непотребно. Потребно е да служиме со дарот еден на друг, како добри домоуправители на многукратната Божја благодат. Не треба да се жалиме. Треба да се трудиме. Не треба да завидуваме. Треба да се трудиме. Не треба да тагуваме, како што не треба сè да осудуваме и сè да критикуваме. Ништо од тоа не треба. Треба само да се трудиме ради Христа, „зашто Тој не е далеку од ниеден од нас. Зашто во Него живееме, се движиме, и постоиме“ (Дела 17,27).

Протојереј Андреј Ткачјов
Извор: http://agapi.mk/andrej-tkacev-veruvaj-i-sluzi/