94054022nq2

Одежда везена со злато


Бог го осамна својот ден во вечниот Град. Цариград, облечен во сјајот на легендите и во позлатените бои на вековите, бледнееше во длабочината на хоризонтот со големите византиски Цркви, со палати со градини од соништата, со тврдини и бедеми со трофеи. Град кој, како ниту еден друг град на светот, ја запозна убавината, отменоста, а над сè – верата.

Бог во тој град имаше многумина избраници. А меѓу нив, смирен меѓу смирените, беше свештеник Маркијан. Уште од мал Божјата рака го имаше означено. И тој го послуша Неговиот глас и си постави себеси цел да живее само за Бога и за Неговата љубов.

Неговата слава се рашири по целото царство и стигнала дури до најоддалечените краеви. Беше, велат, човек кој никогаш немал ништо свое, бидејќи секогаш чувствувал дека тоа на некој друг повеќе му треба. Отец на сиромашните и презрените, се трудеше денот да го посвети на милосрдие и љубов.

Неделното осамнување го доведе Маркијан со брз чекор во сокакот кој водеше кон црквата на Св. Анастасија. Тоа беше величествен храм во кој со години служеше како собрат. Денеска беше голем ден: осветување на храмот. Требаше, значи, да се погрижи за сè. Со крилест чекор и со молитва на усните поминуваше низ сводовите и аркадите на Цариград. Патот беше пуст. Стигна пред западниот трем и излезе на големот четвртоаголен двор со прекрасна фонтана. Од тука се гледаше оградата на храмот. За Цариград ова беше силна зима и, бидејќи осамнуваше денот, мразот немилосрдно штипеше. Со еден потег Маркијан подобро ја обви својата мантија околу себе, но како веднаш да се покаја.

-       Сети се, Господе, на сиромасите, Твоите мали браќа, – тивко рече.

Стигна до големите скалила. Погледот му го привлече величествена глетка. Но, кога тргна за да ги прејде, чу некакво лелекање од страна. Маркијан се зачуди, па се прекрсти.

-       Господи помилуј, – рече. – Кој ли може да биде во ова време?

Но, овој пат лелекањето се слушна уште посилно. Беше мрачно и не можеше добро да види.

-       Ама, кој е тоа? – рече сега погласно.

-       Милост, оче, – се чу еден измачен глас.

Таму, на големите скали, седеше еден беден просјак помодрен од студ.

-       О, брате мој, – рече збунет Маркијан. – Треба да ти помогнам, но во пазувите немам ништо за тебе.

Ја протна раката во мантијата небаре да најде нешто. Но, не најде ништо. Помисли да му рече да чека таму кај скалите, затоа што после Литургија може ќе има нешто да му даде. Но, можеби тогаш веќе ќе биде доцна.

-       Помогни ми, Господи. Што да правам? – шепотеше Маркијан. 

Тогаш човекољубивиот свештеник намисли да направи нешто невообичаено. За миг го отвори храмот и оттрча до ѓаконикот, значи до просторијата во која свештениците ги облекуваат свештеничките одежди за да служат Божествена Литургија. Тука ја соблече мантијата и ја облече својата одежда. Потоа излезе во дворот на храмот и давајќи му ја на просјакот својата мантија, му рече:

-       Немам ништо друго да ти дадам. Земи го ова. Мене не ми треба, затоа што сега ќе служам Божествена Литургија. Земи, твоја е.

А просјакот, восхитен од толкавата добрина, ја целива раката на својот доброчинител, и, исполнет со радост, замина.

Времето минуваше. Од лева и од десна страна имаше многу народ облечен во празнично руво. Беа дошле и службеници во своите униформи обвиени со свила и кадифе. А потоа и витези и војводи и, на крај, самиот цар. Во раскошно украсената црквата сè доби празничен карактер. Покрај царот дојде и Патријархот. Црквата блескаше од заслепувачки сјај. Илјадници полиелеи со својата светлина го претворија храмот во еден кораб кој пловеше кон небото.

Но, одеднаш погледот на сите се заврте кон Олтерот каде што се наоѓаше Маркијан. Секој пат кога ќе се појавеше на олтарските двери, се чинеше како да носи одежда везена со злато, која, и покрај сиот сјај на денешниот ден, не му приличеше на еден обичен свештеник.

Набрзо помислите прејдоа во коментари. Шепотењето, кое стануваше сè погласно и погласно, го нарушуваше пеењето.

-       Види го ти Маркијан. Зарем не се срами? Каква одежда носи? – рече еден.

-       Ама што се замислува, кој е тој! Последен свештеник во Цариград, а се облекува во одежда од повисок степен и од Патријархот! Срамота! – одговори друг.

-       Срамота! Срамота! – се слушаше од сите страни.

Целиот храм блескаше од Маркијановите одежди.

-       Некој треба да му каже на овој свештеник, Пресвети, да се облекува со помалку суета, – му шепна на Патријархот на уво еден клирик.

Патријархот го погоди тоа што го чу. Го знаеше Маркијан како смирен и сериозен клирик. Но, не можеше ништо да каже за неговото денешно однесување. Конечно одлучи кога ќе заврши Литургијата сериозно да му приговори.

Откако ја раздели нафората, Патријархот го повика Маркијана на страна.

-       Денеска, Маркијане, не постапи добро. Што значи таа одежда што ја носиш? На каков пример ќе се научат од тебе сиромасите од нашата заедница? Свештеникот, дете мое, треба да биде едноставен.

Добриот свештеник се збуни. Погледна на одеждата што ја носеше и смешкајќи се, но секогаш со почит, одговори:

-       Ама за каква одежда говори твојата светост, Пресвети? Ако мислиш на оваа што ја носам, тоа е истата онаа што ја имам од денот кога ме ракоположи, ете, веќе дваесет и пет години!

Сега Патријархот се налути. Па ова е претерано. Му се потсмева во очи! Одлучи да го казни.

-       А што е ова, – викна Патријархот.

Но, кога ја фати одеждата со рака, виде дека таа е онаа старата што Маркијан веќе со години ја носи. А после првото изненадување следеше и друго. Патријархот виде дека човекот Божји не носи мантија под старата одежда. И во недоумница, праша:

-       Ама, кој те соблече, Маркијане?

Тогаш, човекољубивиот свештеник го зеде Евангелието во раце и покажувајќи му го на Патријархот, рече:

-       Ова овде ме соблече, Пресвети.

А Патријархот, потполно трогнат, го стисна Маркијана во прегратка и со солзи во очите му рече:

-       Дете мое, кога сите свештеници и сите луѓе би живееле како твојот живот, не би имале потреба за ничии зборови. Би бил доволен само нивниот пример!

Извор: ЗЛАТОМ ВЕЗЕНЕ ОДЕЖДЕ

Преземено од :   Маран Ата   

16-ти октомври, лето Господово 2013