Slavcho.K.Lazarova.sabota

ЛАЗАРОВА САБОТА-1

(Jн.11,1-44)

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!

Slavcho.K.Lazarova.sabota2

 

          Нашиот Господ Исус Христос, додека ја извршуваше спасителната мисија на земјата, воедно и го подготвуваше народот за примање на спасителното учење, односно Неговата наука. Он му правеше многу добродетели на човечкиот род: ги лекуваше болните од секакви болести, на слепите им го враќаше видот, на парализираните - одат, а им помагаше и на другите страдалници. Така, Он го воскреснува умрениот син на Јаировата вдовица, а денеска, пак, се случува уште едно невидено чудо во историјата, кое го направил само шест дена пред предавството и убиството Негово на Голгота.

Slavcho.K.Lazarova.sabota4


Имено, на овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар од Витанија, извршено од Него, од Богочовекот Исус Христос. Толкувачите гледаат во него предобраз и своевидна духовна подготовка на тогашните сведоци за претстојното Христово воскресение. Кога се чита овој настан од Евангелието, неволно се поставува прашањето зошто Господ•го враќа во живот Својот пријател. Зар тој, како и сите луѓе, отсега не е осуден на смрт?
Има многу обиди да се објасни чудото од Витанија. Но, оние кои во овој настан ја гледаат намерата на Исус да им го покаже на учениците Својот авторитет над животот и смртта се главно во право. Воскресението на Лазар треба да ги подготви за пасхалната тајна.

Slavcho.K.Lazarova.sabota3

 

        Пријателите од Јудеја известуваат дека Лазар, братот на Марта и Марија, е тешко болен. „Оваа болест не е за умирање“, вели Исус. Но, по два дена објави дека заминува за Витанија.- Раби - тажни се учениците - неодамна Евреите сакаа да те каменуваат до смрт и уште ли одиш таму? Но, кога од Неговите зборови разбраа дека Лазар умрел и дека Учителот дефинитивно сакал да оди во неговата куќа, апостолите прифатиле. Ако Господ се стави во опасност, тие нема да Го напуштат. - Да одиме да умреме со Него - децидно вели Тома.
Им требаа не повеќе од два дена да стигнат до Витанија. Исус се уште не беше стигнал до селото кога Марта истрчала кај него. „Господи, ако беше Ти овде, брат ми немаше да умре“, вели таа низ солзи.- Твојот брат ќе воскресне - одговара Исус.
- Знам дека ќе воскресне при Воскресението, во последниот ден.­ Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, иако е мртов, ќе живее... Дали веруваш во ова? -Да, Господи, верував и верувам дека Ти си Христос', Синот Божји, што треба да дојде во светот...
За тоа време, Марија била во својот дом, опкружена од роднини и соседи кои ја тешеле. Влегува нејзината сестра и ѝ шепоти: „Господарот е тука те вика“. Марија станува и брзо ја напушта куќата. Присутните ја следеа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче. Ја наоѓаат кај Исусовите нозе; давејќи се во солзи, таа ги повторува зборовите на својата сестра: „Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.“ Исус кога ја биде како плаче се натажува и возбудува. Сите Го гледаат како плаче и велат:
„Погледнете колку го сакаше“. А некои од нив пак велеа: „Не можеше ли Оној што му ги отвори очите на слепиот да направи нешто и тој да не умре?“

Slavcho.K.Lazarova.sabota5

      -Каде го положивте? Прашува Исус.
Луѓето Го одведоа до гробот, кој, според обичајот, беше затворен со камена плоча. Веќе поминаа четири дена откако Лазар беше погребан овде.- „Кренете го каменот“ им вели Христос. Марта срамежливо се противи дека телото веќе почнало да се распаѓа и замирисало.
- Нели ти реков дека ако веруваш, ќе ја видиш славата Божја? - одговара Господ. Го отвораат влезот во пештерата, Исус ги крева очите кон небото и тоне во молитва.. - "Лазаре, излези надвор!"­ извикува Исус и Неговиот глас, како громогласен татнеж, одекнува во другите светови.
Кога покојникот се појавил на влезот од пештерата, луѓето преплашени се повлекуваат. И тој стои како страшен дух, обвиен од глава до пети во погребна плаштеница.- Одвиткајте го и оставете го да оди - смирено вели Христос. Настапува молк а Лазар започнува да чекори.
Благочестиви,
Своевремено Лазаревото воскресение беше доживеано како најсилен доказ за Божественоста на Господ Исус Христос пред тогашните Јудејци и постана камен на сопнување за мнозина. Но оттогаш мнозина поверуваа во Него како во Спасител. Некои богослови особено ја растолкуваа човечката и Божествената природа Христова кај Лазаревото воскресение, велејќи дека Господ плачеше пред гробот на Лазар заради Својата човечка љубов кон него како мил пријател, а го воскресна со Својата Божествена сила како Бог.
"Зар не би рекол секој дека тие (Јудејците) лесно можеа да сфатат дека Он е рамен со Отецот, тогаш кога ги подигна очите кон небото и рече: Оче, ти благодарам, оти ме послуша. Бидејќи Он Самиот тогаш појасни: А јас знаев дека ти секогаш ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил (Јован 11, 41-42), т.е. за да знаат тие дека Он е едно со Бога и дека доаѓа од Отецот и дека Нему во ништо не Му се спротивставува, туку твори чудеса по волјата на Отецот. Ги подигна пред сите Своите очи кон Отецот, и Му се обрати со тие зборови за да сфатат дека Он, Кој зборува на земјата, Му е рамен на Највишиот Отец, Кој е на небесата. Советување претходеше како на почетокот на создавањето кое требаше да го приведе човекот во битие, така и сега -при пресоздавањето на човекот во ликот на Лазар. Тогаш, со намера да го создаде човекот, Отецот Му рече на Синот: Да создадеме човек, и Синот послуша, па таа човекот дојде во живот. Овде пак, сега, кога Синот говореше, Отецот го послуша, и така Лазар оживеа. Ја гледате ли овде истата чест и еднаквото почитување? Овие зборови иако заради народот изговорени во облик на молитва, не беа зборови на молитва туку на власт и господарење: Лазаре, излези надвор! - значи, зарем не беа едно заповедта на Живиот и молитвата на Живототворниот?"*
Велигденските пеења за време на богослужбата во Лазарева сабота се знак што ја навестува Пасхата. За време на целоноќното бдение пред празникот луѓето стојат со гранчиња во рацете. На исток, овие гранки се од палма или ловор, кај нас се од врба, како знак дека природата оживува и наближува пролетта . По молитвите на Твојот пријател Лазар, Христе Боже, помилуј не и нас. Амин.

 


отец С.К-2024
*Од беседата изговорена на Цветници од светиот архиепископ Солунски Григориј Палама

Slavcho.K.Lazarova.sabota1

 Preminportal (k.t.)