Hristos.prekrasno49

http://www.mpc.org.mk/pouka.asp
Коментар на денешното евангелско четиво:


           “Ѓаволот се обидува да Го искуша Богочовекот Исус Христос преку трите главни човечки страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие. Но тоа не е возможно. Богочовекот не е податлив за грев и во Него нема колебање помеѓу доброто и злото. Но, Христос му допушта на ѓаволот да се обиде да Го искуша, само заради нас и нашето спасение, за и ние, во Него, да имаме сила исто така да го победиме.

        Така што, Бог ни даде сила да можеме да живееме само од благодатта Божја и од ништо друго. Ни даде да сфатиме дека ѓаволот не владее над ништо, нити пак има власт некому да дава што било; таквото негово тврдење е лага и говори за друго нешто, а тоа е дека сите оние што на нечесен начин се здобиле со богатство, му се поклониле нему, го имале неговото содејство и, како такви, тие стануваат негови слуги.

        И нѐ освести дека не треба да го бараме предвреме и на недозволен начин она што во свое време и само преку личен однос со Бог сигурно ќе го добиеме; да не бараме човечка минлива слава, туку Божја вечна слава. Гледаме дека Богочовекот Христос му одговара на ѓаволот слично како што просветлените и совршени подвижници најчесто ги сечат и одбиваат демонските помисли уште на прагот од својот ум, пред тие воопшто да го започнат својот пат до „изнудената“ согласност во срцето.

И денес, пред да го започне својот напад, демонот знае дека тешко ќе постигне успех кај оние што се носители на дарот на просветленоста (да не говориме за совршените); но, неговата главна цел му е – со тие напади да ги повлече во пад и да ги соблазни и сите оние што непријателски гледаат или што, преку озборувањето, слушаат за тоа.“

дедо Наум

 

Monika Nikolova фб

 

Евангелие и поука за 04/10/2023

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 4:1-15

1. Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустина.
2. Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот, и ништо не јаде во тие дни; а кога изминаа тие, најпосле огладне.
3. И Му рече ѓаволот: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.”
4. А Исус му одговори и рече: „Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот, туку и со секој збор Божји.”
5. И кога Го одведе на една висока планина, ѓаволот Му ги покажа наеднаш сите царства во светот.
6. И Му рече ѓаволот: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам.
7. Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.”
8. Но Исус му одговори и рече: „Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: »На Господа, Твојот Бог, клањај Му се и само Нему служи Му!«“
9. И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на храмовиот покрив, па Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу!
10. Зашто е напишано: »На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат;
11. и на раце ќе Те земат, да не би некако да ја сопнеш ногата Своја на камен«.”
12. И Исус му одговори и рече: „Кажано е: »Не искушувај Го Господа, својот Бог!«“
13. Па како заврши ѓаволот со сите искушенија, отиде од Него за некое време.
14. И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.
15. А Он поучуваше по синагогите нивни, прославуван од сите.

Апостол на денот: Послание на светиот апостол Павле до Ефесјаните 5:25-33

25. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа.
26. за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото;
27. та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернение, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна.
28. И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси.
29. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата,
30. бидејќи ние сме членови на Неговото тело – од Неговата плот и коските Негови.
31. Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот.
32. Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата.
33. И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој.

Поука на денот: Старец Ефрем Филотејски
Не дозволувајте првите тешкотии да ве обесхрабрат во борбата. Добрите нешта се стекнуваат со труд и со болка. ...Отсега молете се, молете се и непрестајно молете се!