Ovci.stado1


Словесно стадо (15.08.2020 14:28)

(Пастир, овци и кучиња)

CRKOVNI.ZVONA3


Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството (Лука 12, 32).

Бог виде дека луѓето се изморени и распрснати како овци без пастир и се сожали над нив, па Го испрати Својот Единороден Син да ги спаси од гревот, смртта и ѓаволот (види: Матеј 9, 35–38).

3.angeli.so.truba

 Христос сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое, та за гревовите да умреме, а да живееме за правдата: „преку Неговата рана се исцеливте“. Зашто бевте како изгубени овци, кои немаат пастир, но сега се обрнавте кон Пастирот и Владиката на вашите души (1 Птр. 2, 24–25).

Сите ние сме овци во словесното стадо на нашиот голем Пастир – Господ Исус Христос, Кого Бог на мирот Го воздигна од мртвите (види: Евр. 13, 20–21).

Веднаш нагласувам дека сите сме обични овци за да нема забуна и завист. Единствен и незаменлив Пастир наш е Богочовекот Исус Христос. Ова е есхатолошка перспектива, ама секогаш актуелна. Кога Господ и Апостолите ги нарекува овци, тогаш дотолку повеќе тоа се и Епископите и останатите: Сите вие ќе се соблазните заради Мене уште во оваа ноќ; зашто е напишано: „Ќе Го поразам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат“. А по воскресението Мое ќе отидам порано од вас во Галилеја (Матеј 26, 31–32).

Постои и времена перспектива во која некои од овците привремено земаат обличје Христово и седнуваат на Неговото место и вршат функција на пастир; повеќето од овците си остануваат овци, а некои од овците имаат дар да бидат кучиња, односно да имаат функција на куче чувар во стадото.

Но, може да стане и забуна во главите на овците, та овците од која било улога во стадото да се обидат да заземат друга улога во стадото. Е, сега, има и такви овци што дотолку забегуваат и стануваат волци, односно стануваат непријатели на стадото. Запамтете добро, таквите не се „тачни“ – барем тоа е сосема сигурно.

Сакам нешто да напишам за збрките што настануваат во главите на овците, бидејќи се работи за сериозни делузивни растројства што треба под итно да се лечат, а не постојано да се потхрануваат. Нормално, не треба и од обична овца да се очекува премногу; и тоа не би било во ред. Но, да почнеме по ред:

Овците што вршат функција на пастир во опасност се стварно да си помислат дека се пастири. Ем забораваат дека се само овци кои имаат функција на пастир, ем немаат внатрешно духовно покритие (обоженост со непрестајна умно-срдечна молитва) за функцијата што ја вршат. Значи, да не заборавиме дека таму „горе“ ќе бидеме ништо, посебно ако не нѐ краси дарот на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство. Тоа е првата грешка.

Втора грешка, на овците што вршат функција на пастир, е да не си ја вршат функцијата и да се однесуваат како обични овци. Таквите овци гледаат само да се најадат и напијат, како и да си ги задоволат останатите потреби и страсти – преку стадото, и не се грижат за напредокот и заштитата на другите овци.

Трета грешка, на овците што вршат функција на пастир, е да почнат да се однесуваат само како кучиња; само да воспоставуваат некаков ред и дисциплина во стадото, а да се неуки или неспособни да го нахранат и одгледуваат стадото.

Четврта и најчеста грешка, на овците што вршат функција на пастир, е да вршат некоја помешана улога на куче и овца, каде што улогата на куче им помага да си ги задоволат потребите на овца.

Петта и најкобна грешка, на овците што вршат функција на пастир, е да станат волци и да се обидат да го уништат стадото. Тоа се случува кога таквите овци свесно или несвесно работат на одржување раскол или ерес во стадото (види: Дела 20, 28–31).

Ovci.chamec

Прва и основна и главна грешка, на овците што имаат дар да вршат функција на куче во стадото, е да си помислат дека можат да бидат и пастири на стадото. Значи, кучето има за задача само да укаже или алармира на некаква опасност за стадото со своето лаење; и тоа исклучиво во своето стадо, а не во други. Кучето не може да му кажува на пастирот што тој ќе прави или преземе во врска со опасноста, ниту пак, да се обидува да го води стадото во правец во кое тоа си мисли дека е безбедно. Значи, лај си таму и глеј си работа!

Кучето, исто така, често лае и безвезе, на нешто што му се причинува како закана, затоа не треба да се занесува и да очекува дека пастирот или стадото стварно ќе реагираат на неговото лаење. Значи, стига брлавење! Спокојно! Што е лаење безвезе? Кога, на пример, меша национални, или политички, со црковни прашања. Кога проектира свои внатрешни состојби и стравови на цела Црква.

Кучето, колку и да сака, просто не може да биде во Позиција на пастир – ниту го има тој Дар, ниту ја има таа Власт, ниту го има тоа Знаење, ниту ги има тие Информации, ниту го има тој Опит, ниту го има Гласот кој овцата го следи; нема баш ништо што би му ја овозможило Позицијата на пастир, а кое, колку-толку, го има и најјаловата овца со тој Дар.

А кучињата кои лаат кон друго стадо, нема што да каже друго човек, освен дека имаат беснило. Таквите ги издава, на пример, лаењето од еднa Епархија кон друга. Епархија!? Видете го степенот на беснилото: го решил проблемот со своето срце (добил дар на умно-срдечна молитва), го решил проблемот со себеси, го решил проблемот со своето семејство, го решил проблемот со својата парохија, го решил проблемот со својата Епархија, го решил проблемот со својата помесна Црква, ги решил проблемите со соседните Цркви и сега ќе ги решава проблемите на вселенско ниво!? Просто, беснилото нема крај.

Други грешки, на овцата што има дар да врши функција на куче, е да го отфрли дарот и да глуми обична овца – влечкајќи се незаинтересирано по стадото, или да ја пречекори црвената линија на своето кучешко однесување и да стане волк на стадото. Волци се најчесто тие кучиња што сакаат да станат пастири, но, во неможност и очај, се обидуваат да ги одделат овците од стадото и поставениот пастир и да ги поведат по себе во пропаст.

И обичните овци можат да згрешат. Тие грешат ако не ги слушаат гласот или кавалот на пастирот, или ако не реагираат на реалната опасност на која им укажуваат кучињата со своето лаење; и си пасат каде што си сакаат.

Најчеста грешка на обичните овци е што во последно време им се појавува некоја неодолива желба и тие да станат кучиња и да лаат. Тоа им го овозможија социјалните мрежи. Тоа е уште еден доказ дека социјалните мрежи не се за обични заблудени овци.

Оваа најнова болест кај овците мора итно да се спречи, затоа што ако сите овци станат бесни псета или шугави џукели, тогаш ќе нема кој да дава млеко, кој да биде стрижен и кој да биде заколен, односно ќе нема кој да Го сведочи Господ Христос. Значи, стадото корисни овци не смее да се претвори во глутница улави кучиња скитници, кои ќе ги вознемируваат сите останати.

Навистина се претера. Насекаде се слуша само лаење, ’ржење, џавкање и квичење, па дури и завивање. Ретко веќе да слушнеш звуци на пасење, стрижење, молзење и блеење; и кавалот на пастирот.

 

Ovci.stado

Најголемата грешка што може да ѝ се случи на една обична овца е да помисли дека може да биде и пастир. Тоа е толкаво побркување, што од обичната овца, најчесто, наместо пастир, прави волк. Додуша, тоа се волци самотници – речиси без следбеници, но доволно за малку збрка.

Во ваквиот виртуелен глобален театар на инверзни улоги и масовна конфузија на идентитети, пред очите на целиот аудиториум, се одигруваат болни психодрами, кои само ги оддалечуваат луѓето од Црквата. Тие во нас, христијаните, гледаат сѐ, освен Христови ученици.

За да не дојде до погореопишаните аномалии, светиот Апостол Петар ги советува сите идни пастири како правилно, со личен пример, да го водат словесното стадо: Оние, кои се меѓу вас свештеници, ги молам јас, кој сум и самиот свештеник, и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие: пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бог; не заради неправедна корист, туку од добро срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото. А кога ќе се јави Пастироначалникот, ќе добиете венец на слава што нема да свене (1 Птр. 5, 1–4).

А свети Јован Лествичник советува: „Додека овците пасат, пастирот не треба да престане да ја употребува свирката на поуките, особено штом ќе тргнат на спиење. Волкот од ништо толку не се плаши колку од екот на пастирскиот кавал“.

Ве молам, немој некој да се најде навреден од називот овца, затоа што тоа е Евангелска чест, дадена од Самиот Господ. Ние, всушност, не ни разбираме колкаво достоинство е да се биде овца во стадото на единствениот вистински Пастир. Таа чест само со голем подвиг и саможртва се сфаќа, и тоа како дар. А, и немаме многу избор: или ќе се однесуваме како смирени овци за колење или самите ќе отпаднеме од Новиот Завет на нашиот Господ Исус Христос.

Запамтете убаво: овцата е за стрижење, молзење, а во свое време и за колење! Овцата не може да биде кољач, затоа што автоматски ќе се исклучи од Стадото на Пастирот! Присетете се сега на христијанската историја: додека бевме како овци за колење – христијанството постојано и насекаде се ширеше, откако земавме нож во рака, почна назадувањето. И стигна дотаму, каде што се испоклавме и сѐ уште се колеме едни со други. Кој има уши да чуе, нека чуе.

Да заклучиме: олабавете сите со лоша глума, Стадото си има свој добар Пастир, Кој се грижи за сѐ...

Пресвета Богородице, врати ги забеганите и изгубени овци во стадото на единствениот Пастир и Син Твој!



Митрополит Струмички Наум

 Извор: http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7314