rozzd


ХРИСТОС СЕ РОДИ!


Зашто Младенец ни се роди - Син ни се даде;
власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат:
Советник, Чудесен, Отец вечен, Кнез на Мирот.
(Исаија 9:6)


Возљубени духовни чеда,
Божиќните празнувања кои сите ние секоја година со нетрпение ги очекуваме, за своја основа го имаат воплотувањето Христово, кое пак е средишна точка на мистичното откровение на божјата милост. Рождеството Христово е печат на љубовта на Бог Отец преку која Тој ја покажа неизмерната грижа за Своето создание. Токму заради навестувањето и исполнувањето на ваквиот божји Домострој во личноста на Господ Исус Христос, нашата надеж за исцеление и обнова на човековата природа повторно живее. Во овие немирни времиња кога сме сведоци на дрско непочитување на човековиот интегритет, горделивоста и распространувањето на алчноста, нетрпеливоста и користољубието, оправдувањето на личните страсти во име на поголем профит, масовни убивања, расселување на народи од библиски пропорции, војни на кои не им се гледа крајот..., Христос повторно не повикува да се свртиме кон изворот на нашата надеж - Евангелската порака за воплотувањето на Синот Божји како темел за суштинска преобразба на животот.
Мили мои во Господа,
Христовото дело кое беше иницирано со светото воплотување, зрачи со порака за мир и надеж кои се подеднакво валидни и важни за сите генерации, токму затоа што се вонвремени исто како и Неговата Света Природа. Уште многу векови пред Христос да биде роден како младенец на овој свет, помеѓу другото, пророкот Исаија го нарече и Кнез на мирот (Исаија 9:6). Токму така драги мои, Христос е изворот на вечниот мир и оттука, не постои животна прилика или душевна состојба која може да го разниша и потисне мирот на оние кои го имаат Христа за основа на својата ндеж. Затоа св. апостол Павле не поучува нашите мисли да ги фокусираме на доблесните нешта, наона што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто и достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба. Ако тоа го правиме, не уверува апостолот, ако ги умртвуваме злите мисли, а умот го сосредоточиме да контемплира врз божјата благодат, мирот Божји, што го надвишува секој ум и разбирање, ќе ги запази вашите срца и мисли во Исуса Христа. (Фил. 4:7-9). А божјата милост и волја се состои во ова: Бог сака никој да не погине, напротив, Неговата желба е секое битие да добие обнова и живот во изобилие. Божјата волја е секој кој ќе поверува во Христа и ќе побара од Него помош и заштита, истите и да ги добие.За тоа потврда имаме и од св. апостол Јован Богослов кој вели: Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син Исус Христос, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен. (Јвн 3:16).


Возљубени чеда во Христа Богомладенецот,
Нема порадосна вест од онаа за рождеството на Богомладенецот. Надприродно зачнат од Светиот Дух и Вечнодевствената Марија, Христос, ни понуди предвкус на божјото и совршеното. Долгоочекуваното навестување на старозаветните проророштва, дека ќе дојде време кога Бог ќе го посети своето создание и ќе пребива во него, конечно се исполни. Св. апостол Лука во своето Евангелие вака ги забележал блажените зборови на ангелот кој на пастирите им ја пренесе радосната вест: Не плашете се! Еве, ви соопштувам голема радост која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. (Лк. 2:10-11). За радоста да биде уште поголема, преку ова воплотување надежта на спасението се врежа во духовниот код на човечкото битствување неизбришливо и спасоносно. Ние од Христа не примаме некаков ограничен и надворешен дар, туку Го примаме самиот Христос, Изворот на животот. Божјата природа е таква, што по милост и благодат оплеменува се што барем и малку се приближува до Бога. Кога нешто пак се соединува со Бога, - како што беше случајот со Христовото воплотувње во кое Тој Самиот своеволно ја прими човечката природа, - истото преку тоа соединување и се обожува. Христос, Кој Самиот е Бог, Совечен со Отецот и Духот Свети, ја отвори вратата на една поинаква божествена форма на постоење, која иако дел од првобитниот план за човекот, заради падот во грев, беше невозможна без Христовата интервенција. Ја гледате ли торжествената причина за духовен восхит и за песни, и за нашата неизмерна радост драги мои браќа и сестри во Христа? Преку Христовото воплотување, ние учествуваме во Бога. Затоа што Тој е веченобожествен, во Него и ние добивме учество во вечната Божја природа. Со истиот принцип преку кој Вечниот Христос стана дел од нашата ограниченост, ние станавме дел од Неговата совршена вечност!


Мили мои во Христа,
Силата на ова мистично учество во Христа, се очитува токму во слободното постоење. И овој Божиќ да се потсетиме дека совршената слобода ги победува стравот од смртта и несигурноста на животот според умот на овој свет, а истата таа слобода единствено произлегува од Бога, Кој е вечно слободен. Токму воплотувањето Христово како израз и печат на вечната љубов божја кон нас како Негово создание, е темелот врз кој можеме да ја градиме таквата слобода (1 Јован 4:17-18). Само доколку стоиме цврсто во Евнгелската вера, можеме да останеме вистински слободни. Само доколку цврсто пребиваме во Христа, нашата слобода ќе биде непоколеблива. Но, како што св. апостол Петар не предупредува, да не ја (зло)употребувме слободата како покрив на злобата, туку да живееме како вистински слободни чеда божји(1 Петар 2:16). Зашто, иако се ми е дозволено, не ми е се полезно; иако се е дозволено, не е се запоука. (1 Коринтјаните 10:23). Токму затоа мили мои, да ја исползуваме силата на обожувањето, која бесплатно ни е подарена како најскапоцен божиќен подарок и да се ослободиме од разните пројави на внатрешните страсти кои ги потиштуваат и депримираат нашите животи, како што се: огорченоста, гневот, јароста, роптањето и хулењето, пакоста, измамата, лицемерието, зависта, непроштевањето, користоњубието и слично (Ефесјаните 4:31; Колоснаните 3:8; 1 Петар 2:1). Само преку преобразба на страстите, драги мои, има спас од ваквите гревовни состојби кои не попречуваат слободно да живееме и да се изразуваме, а спасот е токму во силата на светотаинското соединување со Христос, нашиот Спасител. Преку воплотувањето Тој тоа го направи за нас, поплочувајќи го патот кон вечното заедничарење со Бога. Преку воспоставувањето на светите тајнини Тој ни овозможи и практично литургиски тоа да го искусуваме. Токму како што запишал и св. Макариј Египетски, чудесна е тајната на човечката душа која Го прима Бога и станува престол и пребивалиште на Неговата Слава.


Драги браќа и сестри,
Овогодинешните божиќни и богојавленски празнувања да ги поминеме во благодарност за божјиот бесценет подарок во Христа, т.е. спасението на нашите души. Да се огласиме на Неговиот повик и да се погрижиме нашите души навистина да станат пребивалиште и трон на Неговата Слава, а со тоа и извор на слободата и надежта. НекаБожјиот Дух не поттикне празничните трпези да ги облагородиме и укасиме со љубов и благодарност, со милосрдие и спомнување на сиромасите, со духовни подароци на проштевање и измирување. Христос да благоволи во нашите семејства да ја почувствуваме радоста и оптимизмот на Рождеството. Нека Бог Отецот го испрати Својот мир и креативната благодат врз нашите македонски црковни заедници, нашата татковина Р. Македонија, САД, Канада, како и врз целиот свет.
Нека Бог не поттикне на цврста вера и љубов, та црпејќи од Неговата сила, ние да станеме гласници и творци на мирот и надежта. Во овие благодатни денови на празнување, молитвено и во дело да се потсетимена сите оние кои што страдаат, боледуваат, оние кои се заробени, раселени, омаловажени и обесправени. Да ги подигнеме нашите молитви кон Бога, како темјан кој се извишува кон небесата, и сите заедно, радосно со ангелите да запееме: Слава на Бога вовисините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! (Лука 2:14).


Нека ни е честит и за многу години празникот на Роѓањето Христово!
ХРИСТОС СЕ РОДИ! НАВИСТИНА СЕ РОДИ!


ВАШ ДУХОВЕН ТАТКО И
МИТРОПОЛИТ
НА АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКАТА
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА
г. МЕТОДИЈ

 

6-ти јануари, лето Господово 2016