TVIT1189

ВО МИГОВИТЕ НА ПАНИКА
                       Ми напиша дека во последно време си под стрес и имаш панични напади и ме прашуваш дали преку молитвата можеш да најдеш мир и тишина, дали ќе исчезне сиот тој стрес што те исцрпува. Заради тоа и бараш нешто конкретно од молитвата, си поставуваш задача и цел. Дали е ова возможно? Нема да кажам дека не е возможно. Се е возможно ако Бог тоа го посака, но обрни внимание на неколку суптилни работи и тајни во духовниот живот.
Кога човек се моли во паника, паниката се зголемува. Колку повеќе светиот апостол Петар викал над морето, толку повеќе тонел во брановите. Дали некогаш сте виделе давеник да се спаси затоа што во паника извикува: „Се давам, се давам!“? Не, тој само побрзо тоне поради паниката. Ако се смири, веројатно и ќе се спаси. Подобро е во часот на паника длабоко да вдишиш, да ја насочиш мислата и вниманието на друго место, малку да го регулираш дишењето, да не се плашиш од бранот што надоаѓа, туку да поминеш низ него а потоа да се насочиш кон молитвата.
                  Исто така, секоја цел носи стрес за постигнување успех и резултат. Особено во време на стрес, треба да одземаш од нештата, а не да додаваш цели. Знаеш што ќе се случи? Ќе започнеш една збунета молитва која постојано ќе ја испитуваш и анализираш дали имала успех и го донела за тебе очекуваниот резултат. Ќе држиш епрувета и ќе ја мериш ефективноста на молитвата и чудотворната Божја сила. Всушност, сакаш да го испитуваш Бога и Неговата сила.
Моли се, љуби Го Христа, поврзи се со Него, водејќи смирен подвиг на љубов, простување, и причестување со Неговото тело и крв на светата Литургија. Побарај го со смирение она што мислиш дека е корисно за тебе и твојот живот и остави се во Неговата прегратка. Тој, ако треба и е полезно за тебе, ќе ти го даде тоа што го бараш. Ако не, само ќе замолчи.
И молчењето е одговор, иако многупати не го радува нашиот егоизам. Згора на тоа, чудото се случува кога ќе престанеш да го „очекуваш“, кога ќе го заборавиш а само Бог ќе го помни.
                     Но, да не заборавиме една голема вистина, дека радоста и мирот на твојата душа, кои ги бараш и посакуваш, доаѓаат од Него, а не од молитвата. Молитвата не е психотехнички метод со кој можеш да примаш нешта без Христос. Христос ќе ти донесе мир и радост. Не можеш да го сакаш имотот на твојот татко, а не татко ти. Тоа крие себичност. Затоа, не треба да се сеќаваме на Бога и на молитвата само во тешкотии, туку во текот на животот. Христос нека ни стане се, молитвата нека ни стане кислород на животот, а не кутијата за подароци во која ја ставаме раката и земаме што сакаме без да кажеме ниту едно „Благодарам“.

 

о. Харалампиј Пападопулос
bogonosci.bg

fb Simeon Stefkovski

02.03.2024