Esen.manastir.jpg

 „Љубете се еден со друг, тоа е најголемата заповед Господова”

 

Браќа, на денешен ден, 9-ти октомври, овде во Ефес, во сто и некоја година од неговиот земен живот, се упокои во Христа нашиот отец и учител, светиот апостол и евангелист Јован Богослов, „апостолот на љубовта”. Сите ние што денес стоиме пред неговиот чудотворен гроб, јас, грешниот ученик негов Прохор, а и сите вие, се сеќавате на неговите боговдахновени зборови.
Ни зборуваше нам светиот апостол за деновите минати со семејството во гратчето Витсаида, крај Галилејското Езеро, со татко му Заведеј и со мајка му Саломија, ќерката на св. Јосиф Целомудрен од Назарет, хранителот и старателот на Пресвета Богородица, кој му бил дедо. Ни кажуваше дека бил рибар на Галилејското Езеро, заедно со татко му и со постариот брат Јаков. Ни раскажа како станал ученик на св. Јован Крстител, а подоцна, по Исусовото крштевање на реката Јордан, како станал еден од неговите први ученици, заедно со брата си Јаков. Ни објасни дека неговото име – Јован, е грчки облик на еврејското име кое значи „Бог (Јахве) е милостив” и дека Исус Христос особено го сакал заради неговата ревност, така што го нарекол „Воанергес”, „Син на молњата”. Тој ги надживеа сите апостоли, сите единаесетмина беа распнати, прободени со меч, каменувани или им беа отсечени главите, а само тој доживеа длабока старост и мирно се упокои.
Како единствен жив сведок на земниот живот на Спасителот и на Неговото учење, ни кажуваше за веселата свадба и за доброто вино во Кана Галилејска, за исцелувањето на синот на царскиот човек во Капернаум, за исцелувањето на болниот во бањата Витезда, за прогледувањето на слепородениот човек... Со растреперена душа си спомнуваше за одењето на Исус по водата на Галилејското Езеро, за воскреснувањето на умрениот Лазар во Витанија, за чудесното нахранување на над пет илјади луѓе... Не потсетуваше на зборовите што Спасителот нему и на другите апостоли им ги кажувал, велејќи: „Јас сум Лебот на животот... Јас сум Светлината на светот... Јас сум добриот Пастир... Јас сум Патот, Вистината и Животот...” и на прологот од неговото Евангелие: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото... И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме славата Негова...”.
Од сите ученици, Спасителот ги издвојувал Петар, Јаков и Јован, нашиот апостол. Тројцата биле со него кога ја воскреснал ќерката на Јаир, тие го виделе и неговото свето Преображение во Светлина на гората Тавор и само нив тројца ги повел со себе во Гетсиманската градина, на молитвата ноќта спроти Страданието на крстот. На Тајната вечера, апостолот Јован седел до Спасителот и тој единствено нему му го открил предавството на Јуда. Кога Христос го фатиле и го одвеле на судење сите апостоли се разбегале, единствено Јован не отстапил од него. Сето време на Страдањето Христово, до крстот и под крстот, болката со него ја делел и нашиот свет отец Јован Богослов. Немоќен да помогне, да ги ублажи или да ги прекрати страдањата, тој стоел, сочувствувајќи и страдајќи со својот пријател, учител и Спасител. Колкави биле љубовта и довербата на Христос кон Јована, доволно зборува и тоа што од крстот, во последните мигови на својот земен живот, тој на Јован му ја доверил грижата за неговата мајка – Пресвета Богородица, нејзе велејќи & : „Жено, ете ти син!”, а нему „Ете ти мајка!”.
Често си спомнуваше апостолот Јован за милоста на Пресвета Богородица, за која се грижеше додека проповедаше низ Палестина. По нејзината земна смрт, тој тргна да го проповеда Евангелието во Ефес и во градовите на Мала Азија, а ме поведе и мене, грешниот Прохор. Бродот со кој пловевме настрада во голема бура, но сите патници бевме исфрлени на брегот, освен апостолот Јован. Јас горко го оплакав својот духовен отец и тргнав пеш кон Ефес. На четиринаесеттиот ден, здогледав на брегот тело на маж и кога се приближив, го познав апостолот Јован, кој го преживеал бродоломот и кого Христос го сочувал жив во неможни услови. Заедно го продолживме патот кон Ефес, каде што тој неуморно им го проповедаше Христа на незнабожците, а неговата проповед беше придружена со многубројни чудеса, така што бројот на верните секојдневно растеше.
Од Ефес, св. Јован Богослов замина да проповеда во Рим. Таму, кесарот Домицијан го затвори и го мачеше, но, откако испи силен отров и остана жив, кесарот толку се уплаши, што не се осмели да го погуби со меч, туку го испрати во прогонство на островот Патмос. На островот, апостолот се повлече на осамена височинка и се оддаде на тридневен пост. Кога се молеше, земјата се тресеше и молњи татнеја. Јас многу се уплашив и паднав на земи, но апостолот Јован ме крена и ми рече да го запишувам она што му го кажува Христос, кој му се јави во сета своја сила и слава и прорече што ќе се случува со Црквата во последните денови, во времето на неговото Второ Пришествие. Така, околу 95-тата година, беше напишано Откровението Јованово, Апокалипсис, книга за Божјиот план за спасение на светот престорен во Царство Христово. Кога Домицијан беше убиен, на римскиот престол дојде Нерва, кој беше поблаг кон христијаните, па апостолот Јован и јас се вративме од прогонство во Ефес, каде тој напиша три соборни посланија по барање на малоазиските архиереи, кои се плашеа нешто да не се заборави или погрешно да се пренесе од Христовото учење. Се сеќавате сите, кога апостол Јован остаре толку многу што повеќе не можеше да оди в црква, ние, учениците негови го носевме, а тој, наместо проповед, постојано ни велеше: „Деца мои, љубете с# еден со друг, затоа што тоа е најголемата заповед Господова и доволно е само неа да ја исполниме како што треба”.
Кога имаше повеќе од сто години, апостолот Јован Богослов, на денешен ден, 9-ти октомври, пред нас, седумтемина негови ученици, чудесно се упокои овде, во Ефес и беше погребен во гроб во форма на крст, од кој се шири миризлив и лековит белузлав прав и се случуваат чуда.

 

Подготви: Атанас ЧУПОСКИ

Извор: Форум