sv.Ana3.jpg

Од протоевангелието на Јаков

I. Во дванаесетте колена на Израилот имало еден Јоаким, мошне богат човек, кој на Бога му принесувал двојни дарови, говорејќи: Нека биде од богатството мое за сиот народ, а мене нека ми е за опростување и за умилостување на Бога. Настапи голем ден Господов, кога синовите Израилеви ги принесувале своите дарови. И истапи против Јоакима Рувим, велејќи: Ти не треба да принесуваш дарови за првина, зашто ти не создаде потомство на Израилот. И се огорчи многу Јоаким, и почна да го разгледува родословот на дванаесетте племиња на народот, велејќи: ќе побарам во дванаесетте колена на Израилот, дали само јас не сум дал потомство на Израилот. И откако го проучи, виде дека сите праведници оставиле потомство на Израилот. Си спомна тој и за Авраам, како во неговите последни дни Бог му го дарувал синот Исаак. И многу тешко му падна на Јоакима, и тој не се врати кон жената своја, туку отриде в пустина, постави таму свој шатор и постеше четириесет дена и четириесет ноќи, говорејќи: нема ниту да јадам ниту да пијам, додека не слезе кај мене Господ, а [дотогаш] јадење и пиење ќе ми биде молитвата. 


II. А жената негова Ана плачеше и ридаше, говорејќи: ќе го оплакувам моето вдовство, ќе го оплакувам мојата бездетност. Но, настапи голем ден Господов, и ì рече Јудит, слугинката нејзина: До кога ќе ја измачуваш својата душа? Еве, настапи голем ден Господов, и не треба да плачеш. Земи ја шамијата за глава, којашто ми ја даде госпоѓата за работа: не доликува јас да ја носам, зашто сум слугинка, а шамијата е знак на царственост. Ана ì одговори: Оди си, јас нема да го направам тоа. Господ ме понижи. Да не те посоветува соблазнителот да дојдеш при мене, за и јас да согрешам заедно со тебе? Јудит ì одговори: Зошто да те наговарам? Господ ја затвори твојата утроба за да нема од тебе потомство Израилот. И многу се огорчи Ана, но ги симна своите одежди, ја украси главата, облече брачни одежди и отиде во градината, а беше околу деветтиот час, и виде ловор и седна под него и почна да Му се моли на Господа, говорејќи: Боже на моите татковци, благослови ме и услуши ја мојата молитва, како што ја благослови Сара и ì го даде синот Исаак.  


III. И, подигајќи ги очите кон небото, виде на дрвото гнездо на врапчиња, и почна да плаче: Тешко мене, кој ме роди? Која утроба ме донесе на свет? Зашто, станав проклетство на синовите Израилеви, и со потсмев ме отфрлија од храмот. Тешко мене, на кого ли сум подобна? Не сум им подобна на птици небесни, зашто и птиците небесни имаат потомство во Тебе, Господи. Не сум им подобна ниту на созданијата бесловесни, зашто и созданијата бесловесни имаат потомство во Тебе, Господи. Не сум им подобна ниту на овие води, зашто и водите принесуваат плод во Тебе, Господи. Господи, тешко мене, на кого сум подобна? Не сим ì подобна ниту на земјата, зашто земјата принесува плод и Те благословува, Господи.


IV. И тогаш излезе пред неа ангел Гсоподов и ì рече: Ана, Ана, Господ ги прифати твоите молитви, ти ќе зачнеш и ќе родиш, и за потомството твое ќе се говори во целиот свет. И Ана рече: Нека е жив мојот Господ! Ако родам дете машко или женско, ќе Му го принесам како дар на Господа мој, и тоа ќе Му служи сиот свој живот. И дојдоа два гласника и ì кажаа: мажот твој, Јоаким, доаѓа со своето стадо: зашто ангел му се јави и му пренесе: Јоакиме, Јоакиме, Бог ја услиши твојата молитва. Замини оттука, зашто твојата жена ќе зачне во утробата нејзина. И тргна Јоаким, и им кажа на своите слуги, велејќи: доведете десет чисти јагниња без дамки, тие ќе бидат за Господа мој, и доведете ми дванаесет млади телиња, и ќе бидат тие за жреците и за старешините, и сто јариња за сиот народ. И тргна Јоаким со своето стадо, и Ана, стоејќи пред вратата, го здогледа Јаокима како доаѓа, и потрча и го прегрна, и рече: Знам сега дека Господ ме благословил: бев вдовица, а сега не сум веќе, бев неплодна, а сега ќе зачнам! И Јоаким во тој ден најде спокој во својот дом.

sv.Ana2.jpg
V. И наутро ги принесе своите дарови, велејќи: ако Господ не ми се смилувал, златната плочка на жрецот ќе ми го покаже тоа. И ги принесе Јоаким своите дарови, и погледна внимателно на плочката, приближувајќи се до жртвеникот Господов, и на најде грев во себе. И рече Јоаким: сега знам, дека Господ се смилува над мене и ми ги прости сите гревови; и излезе од храмот оправдан и се упати кон својот дом.
На ана ì изминаа предвидените месеци, и таа во деветтиот месец роди. Таа ја праша бабицата: кого родив, а таа ì одговори: ќерка. И рече Ана: Се возвиши душата моја во овој ден, и родив ќерка. Откако закрепна, му даде да цица на детето и го нарече Марија.

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}