г. Јосиф,
Митрополит Тетовско-гостиварски

ИГУМЕНОТ КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ
И ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР
(1818-1845)

КРАТКА СОДРЖИНА

Од целокупниот живот на јеромонахот Кирил (Пејчиновиќ), кој изнесувал некаде околу 74 години, последните 27 години од својот живот ги поминал во познатиот Лешочки манастир (1818-1945), кој во негово време го достигнал своето возобновување, ревитализација и воскресение на секој план, како на градителско и економско поле, така и на културолошко и просветно. Во овој труд на еден современ начин ќе биде истакната, изложена и нагласена богоподобната дејност на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ кон заживување на урнатиот и во распадливост оставен манастирски комплекс во село Лешок. Од една страна, изложувајќи ја активната дејност на Лешочкиот игумен Кирил, ќе ни се отвори и втора страна и тоа рефлектирана од самата игуменска дејност во манастирот. Всушност, преку истражувањето на ликот и делото на јеромонахот Кирил – преку овој труд ќе ни се даде една подетална историска слика за Лешочкиот манастирски комплекс (1818-1845), и за исклучителното дело во времето на периодот од 1818 до 1845 година на споменатиот игумен, чиј дух до ден денес го буди духот за едни подобри времиња за Лешочкиот манастир „Пресвета Богородица и свети Атанасиј Велики“.



ВОВЕД

Секој манастир си има своја историја. Некоја обител има побогата, а пак некоја посиромашна историја, на друга е откриена, а на трета манастирска обител – историјата е сеуште сокриена тајна за нас луѓето. Манастирот во с. Лешок познат како Лешочки манастир, кој по Божјата промисла во последниве години повторно стана епископско седиште на мојата маленкост – има богата и во поголем дел откриена историја. Живеејќи во Лешок, служејќи Му на Бога и на народот Божји низ моето секојдневие во манастирскиот двор, од контактите со постарите жители и свештеници и од денешниот игумен на манастирот отецот Теодосиј, бев удостоен да слушнам многу работи за Лешочкиот манастир, за неговиот најпознат игумен, јеромонахот Кирил Пејчиновиќ – Тетоец и за многу други работи, кои низ текот на годините се случиле во Лешок. Времето променило и постојано променува многу работи. Историјата тече како река. И Лешочкиот манастир денес е поинаков од минатото, но и во иднина сигурно ќе биде поразличен, бидејќи секоја генерација се труди и остава траги на своето битисување, траги кои сведочат за животот, дејноста, но и за верноста на народот.

Во Лешок мнозина оставиле траги, од кои ние денес се мотивираме и инспирираме. Трагите започнуваме да ги бележиме од самиот почеток, од основачот на манастирот епископот Полошки Јоаникиј, подоцна преку Скопско-полошкиот митрополит (во некои извори се спомнува како епископ) Никанор, секако потоа и на возобновителот – игуменот Кирил Пејчиновиќ, како и низ делата на останатите игумени: Силвестер и Езекил и останатите незнајни личности, кои се вградиле во манастирската историја и во животот на манастирот.

Таа историја пак, секогаш на површина го исфрла некогашниот игумен на манастирот, јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, чиј живот и дело е нераскинливо поврзан со Лешочкиот манастир. Не може да се пишува за отецот Кирил, а да не се спомене манастирот и неговата дејност во Лешок.

Тој е клучна и централна личност во историјата на манастирот. Се појавува на преминот од старото кон новото време и како една средишна интересна личност, за него може да се каже дека е своевиден мост, кој историски ги поврзува старите и новите генерации. Неговиот богоугоден живот поминат во Лешочкиот манастир, неговите богољубиви дела направени во Лешок и неговата целокупна дејност ќе бидат тема на овој труд. Во неговото изготвување ќе користиме видни истражувања од страна на веќе докажани научници, кои долги години истражувале и пишувале за Лешочкиот манастир и за Кирил Пејчиновиќ. Се надевам дека по молитвите на игуменот Кирил, чиј гроб и музеј се моја секојдневна инспирација, еден ден повторно Лешочкиот манастир и неговиот двор ќе бидат побогати за неколку монаси како во времето на споменатиот игумен. Во продолжение дозволете да Ви го доловам Лешочкиот манастир во времето на игуменот Кирил Пејчиновиќ.

7.Vselenski.sobor

ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР ВО ВРЕМЕТО НА ИГУМЕНОТ
КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ
(1818-1845)

Кога се истражува и пишува за Лешок и за Лешочкиот манастир неизбежно е да се спомене отец Кирил Пејчиновиќ, кој во 1818 година доаѓа во Лешок и откако предходно добил согласност од Османлиската власт, по цели 128 години (1690-1818) од замрувањето на Лешочкиот манастир, успеал да го возобнови разрушениот манастир и да создаде поволни услови за развој на црковниот и на монашкиот духовен живот во Полошкиот регион.
Тоа било трето по ред возобновување на манастирот и самото тоа возобновување го означува почетокот на третиот период од богатата манастирска историја.

Токму тоа негово дело е главна тема на овој труд. Во ова поглавје ќе се обидам низ призмата на животот и делото, односно врз целокупната дејност на игуменот на Лешочкиот манастир јеромонахот Кирил, да ви ја доловам сликата на споменатиот манастир во времето на својот прв игумен од возобновувањето. Преробеникот, отец Кирил Пејчиновиќ и во Лешочкиот манастир, иако веќе бил навлезен во петтата деценија од својот живот, сакајќи да остави траги, активно како игумен на Лешочкиот манастир се вклучил во неговата обнова на секаков план. Освен со возобновителско-градителска дејност, тој се занимавал и со културно-книжевна и секако со просветно-мисионерска дејност. На тој начин во континуитет го продолжил своето дело и дејност од Марковиот манастир. Покрај другото, мора да се спомене и фактот дека тој е и возобновител на монашкиот живот во Лешочкиот манастир, а со тоа и во Полошкиот регион. Пред неговото доаѓање монашкиот живот бил целосно замрен, а со неговото доаѓање и со духовната мисија на тие простори успеал да основа манастирско братство, кое во иднина го продолжило Кириловото дело на тие простори. Пред да почнеме со сериозно разработување на Кириловата дејност во Лешочкиот манастир, со цел да ја запазиме хронологијата и секако за подобро разбирање на настаните, ќе започнеме да ги презентираме настаните поврзани по неговото доаѓање во Лешок.

Продолжува

 7.Vselenski.sobor

Ноември 2019 лето Господово