(1920-2005)

Блаженоупокоениот митрополит Сисаниски и Сијатиски г. Антониј Комбос е роден во 1920 година во Аргос Арголидски. Има дипломирано на Педагошката академија и на Богословскиот факултет во Атина. Своето богословско образование го довршил на универзитетите во Оксфорд и Париз. Бил директор и професор во богословското училиште. Во 1967 е ракоположен за ѓакон и за свештеник, а во 1974 е избран за епископ на Сисаниската и Сијатиска Митрополија. Автор е на повеќе научни дела. Се упокои во Господа на 17.12.2005 година.

Познат е како епископ-калуѓер, поради неговата монашка скромност и смирение, а го нарекуваат и градски подвижник. Во продолжение ќе изложиме некои од многуте сведоштва за овој свет и современ владика-аскет.
*

Го нарекуваат „подвижник од градот“. Готви сам, храмот во митрополијата го чисти самиот, не користи мобилен телефон, ретко зборува и на фиксниот телефон. Оди во Атина само за да учествува на Синодските седници користејќи ги автобусите од јавниот превоз, ги обиколува околните села од неговата митрополија одејќи пеш и има заборавено што се тоа скапи архиерејски одежди. „Јас сум еден калуѓер“, вели самиот тој.

Осумдесет и четиригодишниот митрополит Сисаниски и Сијатиски Антониј се одликува по својот скромен и смирен живот. Митрополитот на „Новите земји“ (епархиите од Егејска Македонија, бел. на прев.) негува восхит кон Вселенскиот патријарх, нарекувајќи го „свет човек“.

„Што ќе му е мобилен телефон на еден калуѓер, оставете го, и онака ви штети“, им одговара со насмевка на забелешките на „Младите“, затоа што не ја следи технологијата. „Јас за старец-духовник го имав митрополитот на Коринтија, кој замина потоа во Америка. Тој ми има речено дека епископот е калуѓер и така треба да биде“. Кога му се забележува дека не е исто и со другите митрополити, се ограничуваше да рече дека „треба да имаме нестекнување на богатство, трпение и девственост, ова се добродетелите на еден монах“.

„Свет човек“

Жителите на Сијатиста зборуваат за „свет човек“, кој е затворен, не си дава право да живее како калуѓерите. Некои тврдат дека има одреден имот, нагласувајќи дека тоа му е „за живот“. „Тој е нешто повеќе од добар. Не се украсува, одбива раскош и удобност, нема ниту автомобил“, ни рече г. Јоргос Рамос, кој има трафика во Сијатиста. „Каква врска може да има овој митрополит со другите, кои имаат милионски депозити“, дополнува г. Никос Ѕалас.

Митрополитот Сисаниски и Сијатиски одговара со насмевка на сѐ. Но кога е повикуван да ги објасни скандалите кои во последно време ја потресуваат Црквата на Грција, се дистанцира. „Никого нема да осудувам, јас сум погрешен од сите, не можам ништо да речам. Ерархијата одлучи да направи прочистување“, вели и ја затвора темата.

„За среќа имаме донации“

Во врска со имотот на митрополиите, самиот открива, без да биде прашан, дека годишните приходи од храмовите не надминуваат цифра од 4.000 евра. „За среќа, имаме некои донации и се грижиме за некои деца кои студираат; со пеески и стотки ги изградивме манастирите“, вели. Митрополијата им плаќа сместување на двајца студенти во Солун, а им дава донација од 100 евра на студентите кои потекнуваат од таа област.

Расположен е да ги покаже просториите на Митрополијата, додека паралелно ги услишува сите молби на службениците и монасите. Монахињата Ирини, од манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, која беше дојдена во Митрополијата по некоја работа, вели: „Зарем не гледате колку е смирен? Дури и расото самиот си го пере, не дава никој да му помага“.

„Тој е во суштина аскет (подвижник), живее за она што го ветил, она што не е занимање, туку служење“, вели службеникот од Митрополијата г. Зисис Гутас. Митрополитот се занимава со работи, услужувајќи го народот кој доаѓа да го види. „Не одбива никого да се занимава со неговиот проблем“.

Неговата голема љубов се „напуштените села“, како што самиот ги нарекува планинските села од неговата епархија, оние со 20-30 жители. „Одев во едно село со воено возило а останатите ги одев пеш“. Се чувствува здрав за да продолжи со неговите патувања во сите парохии од митрополијата, и покрај неговата возраст. „Кога по неколку години не ќе можам повеќе, ќе се повлечам во манастир, таму е мојот живот“, завршува тој.

Изворник: ΤΑ ΝΕΑ , 05/03/2005 , стр: 18.

Анонимно сведоштво за митрополитот Антониј

Додека беше жив мојот старец, којшто доволно добро го познаваше светителот Сијатиски, уште пред да стане митрополит, ми укажа на светителот Сијатиски Антониј Комбо како на врховен од ерархијата на нашата Црква. Па така, кога се упокои мојот старец, му се јавив по телефон на светителот Сијатиски за го посетам. Ми рече да отидам на 22 јуни 2004, бидејќи во тие денови имаше многу обврски. Тргнав од дома со мојот автомобил, и околу 11 утрото стигнав пред митрополијата. Првпат одев кај владика. Влегувам во една релативно мала соба со неколку бироа, која попрво потсетуваше на подрум, и го побарав Високопреосветениот. Можеби за една минута се појави во овој подрум смирениот благодатен старец, згрбавен поради годините, кој попрво потсетуваше на старец-монах, отколку на епископите кои сме навикнале да ги гледаме на малите екрани. Овој смирен старец беше Високопреосветениот! Дојде за да ме поздрави, мене, еден случаен младич, кого не го ни знаеше. Откако ме однесе во неговата канцеларија на горниот спрат, се исповедав, и потоа почна да ме советува со мудри и духовни поуки. Она што ми направи најголем впечаток и сакам да го изложам е, кога ми зборуваше дека ја имаме ереста на Екуменизмот во нашата Црква. А кога го прашав, на пример, дека, ако речеме дека овој или оној епископ е еретик-екуменист, тогаш дали тоа е исповедање на верата? Светиот старец не одговори потврдно на моето прашање, и сфатив дека светите имаат расудување и од Бога се известени за нивните дејства, особено за прашањата од Неговата Црква.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 47

https://crkvaveles.wordpress.com/2018/12/07/antonij-kombos/?fbclid=IwAR2417wJFLSebd-gpPUtYUQHqWmRLuaL6e6Oa0isgEAM4eN-KW6AkUNbMas