(1912-2.12.1998)

Светиот старец Клеопа е роден во селото Сулица, во областа Ботошани во Романија на 10 април 1912 година и при крштевањето дадено му е името Константин. Како што самиот раскажува, неговите родители биле жив пример за христијански живот и нивниот дом бил како мала црква. Па така, пет од десетте деца од семејството станале монаси.

Кога бил бебе се разболел сериозно. Бидејќи веќе две негови братчиња беа умреле во детска возраст, неговата мајка го однесе кај пустиножителот Конон Георгеску, духовник во Козанчеа и со помош на Мајката Божја се исцели малиот Константин.

Во 1929 година заедно со уште еден од неговите родени браќа стапија во Скитот Сихастрија, каде што веќе монахуваше нивниот постар брат. На почетокот беше поставен да ги пасе овците од скитот, служење кое го исполнуваше со голема духовна радост. Откако ја исполни својата воена обврска (1935-1937), стана монах во истиот скит.

Неговата ревност за работите во скитот го поттикна стариот игумен на скитот да го постави за заменик игумен во 1942 година, додека во 1944 беше избран за игумен. При крајот на истата година беше ракоположен за ѓакон, а на почетокот од следната година прими свештенички чин. Веднаш се посвети на обнова на скитот и во 1947  успеа да издејствува документи за прогласување на независност на скитот.

Со доаѓањето на комунистите на власт беше уапсен и затворен во Таргу Њамц на 5 денови, но за брзо беше ослободен. За да ги избегне проблемите со власта се скри во една дрвена колиба во длабочината на шумата, 6 километри далеку од манастирот. Но по 6 месеци пак се врати на своето место.

Со одлука на патријархот Јустинијан на 30 август 1949 година, заедно со 30 монаси од манастирот Сихастрија е преселен во манастирот Слатина – Сучеава и станува негов игумен, и за кратко овој манастир станува најдобро организиран во цела Романија. Но не беа без проблеми со режимот. Соочувајќи се постојано со испитувања и апсења, мораше да живее во сурови услови во планината Станишоара заедно со јеромонахот Арсениј Папачиок. Конечно ќе се врати во Сихастрија во 1956 година.

Во истата година беше донесен посебна наредба, со која беа протерани од манастирите повеќе од 4.000 монаси и монахињи. Самиот тој беше притискан од властите да ја фрли монашката схима и да се врати во својот дом. Но како и многу други монаси одби и се повлече, по трет пат, во молдавските планини.

Во 1964 година политиката кон Црквата стана помека, така што можеше да се врати во манастирот. Остана таму 34 години како духовник на монасите и на многу верници кои доаѓаа од цела земја и од странство, за духовно раководство.

Се упокои преподобно на 2 декември 1998 година. На крајот од 2005 година Светиот Синод на Романската православна црква им соопшти на верниците дека започна да собира материјали за официјално канонизирање на блажениот старец Клеопа, кој веќе е сметан за свет во свеста на многу верници. На неговиот гроб често се случуваат чуда, кои се само сведоштво на она што веќе го знаеме, дека архимандритот Клеопа е светител пред Бога. По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј и спаси нѐ. Амин.

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2018/12/02/starec-kleopa/?fbclid=IwAR1pX2mZkz90ITR559yJacfEQ4IUN1bXxOO-P07eSlok6FIXp3C463H2bg4