лого

 

Древноста ни заветувала блед, скромен и различен животопис за „светилникот на Сирија и учителот на вселената“ – било поради посебното време, било поради оддалечената епоха, било поради исклучителното смирение. Разликата помеѓу грчките и сириските животописци за свети Ефрем се однесува првенствено за родителите, домот и детинство – другото е, речиси, општо и согласно. Свети Ефрем се родил во Месопотамија – во нејзината престолнина, Низибија, или во нејзината околина – при крајот на третото столетие или во почетокот на четвртиот век, и блажено во Христа го завршува својот живот околу 372 г. Тој е син на селото, рожба на земјоделски дом – дете на сиромаштијата – според неговите зборови: „Од своите предци добив поучување во Христа; моите сиромашни родители по плот ми всадија страв пред Господа; моите прадедовци Го исповедале Христа пред власта; јас сум потомок на маченици“ – вели свети Ефрем. Од мајка и татко, макар и припрости, тој бил обучен во вистините на Христа и воспитан во добродетелите на Евангелието, онолку, колку сознанието им диктирало и културата им дозволувала. Меѓутоа, скромните семиња на домашното воспитание, не паднале отпрвин на благопријатна душевна почва – младите години на Ефрема не поминале без младешки страсти, морални скршнувања и светогледна криза! Пламенен по природа, раздразнителен по дух, каприциозен по карактер, тој често сакал да се расправа, да не се покорува, да врши неразумни работи и дури – да се сомнева и да ја одрекува благата промисла на Бога во животот на човекот и светот!

Меѓутоа, голема е небесната Промисла и прекрасни се нејзините методи за вразумување на неверници и спасување на грешници. Нескротливиот Ефрем бил обвинет за кражба; се изгубиле овци од селото; повикан бил за истрага; го затвориле во затвор. Во затворот, тој, попаднал покрај двајца други престапници; едниот обвинет за прељуба, а другиот неправедно обвинет за убиство. Тој случај ја растресол душата на Ефрема и го скршил неговиот горд разум – со скршен дух, поради невиност, и измачен телесно од глад и без сон, едвај на осмата ноќ во затворот, тој задремал, сонувал, слушал глас: „Размисли над себеси и својот живот; преброди ги стапките на своето минато; ништо случајно нема во животот на човекот; има закон, кој секого го наградува за добро или зло!“ Ефрем се разбудил; веднаш го раскажал својот сон, тројцата затвореници ги наведнале главите; се задлабочиле во своето минато; и ги откриле заемно своите срца и своите прегрешенија. Ефрем во својата младешка слобода и каприц ја одврзал кравата на нивниот сосед, ја отерал во планината и ѕверовите ја изеле; обвинетиот за убиство некогаш минувал крај бујна река, видел несреќен човек да се дави и не се отповикал на неговиот писок за да го спаси некако; набедениот пак за прељуба, за материјална корист, лажно сведочел против злочестива вдовица, дека живеела развратно и ја лишиле од правото за наследство од својот маж. И тројцата биле невини во случајот – и тројцата не ги извршиле престапите, за кои ги затвориле: но не биле без гревови во своето минато – истрагата ги прогласила за невини и судот ги ослободил од одговорност. Меѓутоа, преживеаните денови во срам, страдање и затвор ги убедиле, дека навистина, ништо случајно нема во животот на човекот и го примиле сето ова, како заслужена казна за притаени лоши постапки.

SV.Efrem.Sirin

Промислителен и судбоносен бил тој случај во животот на младиот и крајно самонадежен Ефрем. Ослободен од затворот, тој се вратил кај своите родители со друг дух и расудување: денови и недели, тој размислувал за себеси; за својот живот; за својата иднина; за смислата на битието и решил: да го напушти домашното огниште, да се прости со своите родители и да тргне по патот за пустината. Заминал и постанал отшелник при мудриот и учен пустиник Јаков, кој се подвизувал во една пештера од планинската околина на Низибија. Така Ефрем поставил почеток на своето незаборавно подвижништво и широко самообразование и тие го запишале неговото име во историјата. Тука, тој го возвисил својот дух во мистика; го истоштил своето суетно тело во аскетика; ја калел волјата во труд, послушание и подвизи; го облагородил срцето и го збогатил разумот во вистините на Откровението. Учителот и ученикот постанале светлина за својата татковина и сол за животот на своите сонародници. Пештерите им биле огништа за просвета и благочестие, кои многумина ги повикувале на покајание и родиле спасение – при свети Ефрем доаѓале правоверни христијани, фанатизирани еретици и дури љубопитни јазичници: да го примат неговиот благослов, да го слушнат неговото слово, да се поучат од неговиот живот, да го олеснат бремето на својот живот, а некои пак да го следат неговиот пример. Така, од буен младич, во некои погледи човек кој не верува, набеден крадец и затвореник, се родил голем пустиник, прочуен учител и необичен проповедник, кој живеел во плот како ангел и по живот постанал светител за христијанските поколенија и векови.

Животот, дејноста и заслугите на учителот и ученикот не запреле и со тоа не се исцрпиле. По ученост и достоинство, Јаков бил повикан од пустината да стане светител и учител на епископската катедра во Низибија. Во неговото ново поприште го следел и неговиот ученик Ефрем. Во своето својство на духовно чедо, тој го придружувал својот духовен старец и во Никеја на Првиот вселенски собор. Во Низибија, Јаков отворил богословско училиште за подготовка на клир и широка евангелизација на источна Сирија – во неа постанал учител и Ефрем по сириски јазик, а подоцна по старост, постанал и целосен началник на училиштето. Тоа училиште дало плејада даровити пастири и учители на Сирија и изградило вредна црковно-народна улога за својата татковина. Меѓутоа, народниот непријател и црковниот злобник, ја разбркале културната дејност и мисионерската улога на Јаков и Ефрем: Персијанците ја зазеле Низибија во 363 година и богословското училиште се преместило во Едеса. И таму, истата ревност, истите ученици, истото влијание, истите резултати и истата слава сопатствувале со името и делото на свети Ефрем Сирин. На стари години тој презел патешествие и посетил видни девственици во пустината и големи монашки општини, откако започнал од Египет и завршил со Кесарија Кападокиска. До тој момент, од крајно смирение, тој не примил никаков црковен чин. Во Кесарија, свети Василиј Велики, веројатно по долго убедување, го ракоположил за ѓакон околу 370 година. Критичната положба на православието и исклучителните потреби на Кесариската Црква, го натерале свети Василиј непопустливо да настојува пред свети Ефрем, за да прими епископска хиротонија – меѓутоа, тој категорично ја откажал таа висока чест и служба поради беспримерно сознание за своето недостоинство.

Врховниот авторитет на свети Василиј и судбоносните потреби на православието не го премислиле свети Ефрем да ја прими ждрепката на апостолското служение за поавторитетна и посугестивна работа со верниците и против еретиците – поразувачкото смирение му сугерирало дека и со скромниот ѓаконски чин ќе го исполни својот долг кон Бога, Црквата, народот и ближниот: и го исполнил заветно со многу труд, со многу знаења, со многу добродетели, со многу подвизи и со редок спомен за поколенијата. Беспримерното смирение како човек и срдечното покајничко расположение како монах, наоѓаат класичен израз во неговата потресна претсмртна желба – таа гласи: „Кој ќе ме постави пред олтарот – да не го види олтарот на мојот Бог: непристојно е смрдлив труп да лежи на свето место. Кој ќе ме погреба во храмот, да не го види храмот на светлината: за недостојниот пустата слава е неполезна. Земете ме на своите рамења и бегајте со мене, и фрлете ме како човек презрен… О, ако некој би ви ги покажал моите дела, вие би почнале да ме плукате. Навистина, ако би можела да биде забележана миризбата од моите гревови, вие би се разбегале од смрдеата на Ефрем… Не ме опсипувајте со аромати – од таа почест за мене нема никаква полза. Дајте ја пријатната миризба на светилиштето, а мене потпомогнете ме со молитви; ароматите посветете ги на Бога, а мене погребете ме со псалми… да не ме поставите во ваш гроб – вашите украсувања за ништо нема да ми послужат. Јас се ветив пред Бога да бидам погребан меѓу туѓинци – туѓинец сум, како и тие; затоа, браќа, погребете ме меѓу нив. Погледни, Господи, Те молам; смилувај се над мене! Те молам Тебе, Сине на Милостивиот, не ми оддавај според моите гревови!“ Така скромно изгаснал еден привремен живот на земјата, за да се запали величествено еден вечен светилник во вселената! Наместо достоен споменик и несвенлив венец над гробот на тој прекрасен Божји служител, служи прекрасното пофално слово на свети Григориј Ниски, посветено на животот, подвизите и заслугите на свети Ефрем.

Дарбите и знаењата, добродетелите и творбите, заслугите и умот на свети Ефрем ја збунуваат мислата и перото на критиката. Тој е целосна личност, сестран дар, сложен мислител, разновиден писател и голем наставник. Мистичен догматичар, класичен егзегет, страстен апологет, прекрасен проповедник, оригинален аскет, даровит поет, славен певец, срдечен молитвеник – таков е свети Ефрем во своите „Богопросветени писма“, кои, според сведоштвото на патријархот Фотиј, достигнуваат до 1000! Ефрем на сириски значи плодоносен. Оној кој му го дал тоа име – мирско или монашко – не искажал ли пророштво? Словото, перото и дејноста на свети Ефрем, навистина се сестрани и вековно плодоносни! Нема книга во Божественото откровение, нема дел во богословското творештво, нема добродетел и порок во животот, нема тема од вечноста, што не се предмет на срцето и неговото слово. Тој осознава и мисли, говори и пишува, плаче и се надева, за Бога и за светот, за човекот и за животот, за доброто и за злото, за спасението и за вечноста.

Ни оставил десетина догматско-полемички творби – не со академска длабочина и разработка, но со мистично-лирски размисли, односно, со основите на битието; овие дела се зрел плод на верата, надежта и љубовта, а не се израз на преодни знаења и суетна мудрост; св. Ефрем ги напишал за просвета на верните, за вразумување на престапниците и за размислување на неверните. Ни оставил обилно толкувачки писма, кои започнуваат со книгата на создавањето и завршуваат со книгата на бедата. Неговата егзегетика е туѓа на сувиот буквализам и на магливиот алегоризам. Тој бил одличен познавач на историјата, географијата, етнографијата и битот на Светата земја. Прекрасно владеел со својот мајчин јазик и со тој на Евреите – тој се смета за прв класичар за Сиријците; не бил туѓ по знаења, изгледа и во однос на грчкиот јазик. Сето ова, го оформило за вековите како првостепен авторитет во одгатнување на Божјото слово. Ни оставил многубројни морално-аскетски размисли и поуки – воплотени во разни литературни и омилитички форми; кои биле раководство за монашкото совршенство и христијанското благочестие и биле полни со знаење на човечката душа и привремениот живот. Ни оставил многу молитви и необични песнопенија – напишани со дар и вера, со тага и надеж; исполнети со длабока мистика, ретка поезија, необично смирение и срдечно покајание; воплотени во стихови и облечени во музика, тие биле храна за Христовите јагниња и оган за плевелот во евангелската нива. Творештвото на подоцнежните молитвотворци и песнопевци на Христовата Црква ги кријат своите корени, по идеал и стил, во творбите на свети Ефрем. Заедно со свети Григориј Богослов и тој е голем поет на христијанството. Световната литература го посочува Бајрон како певец на светската тага, историјата пак, на христијанската проповед со гордост го смета свети Ефрем како знаменит проповедник на покајанието и певец на световниот плач за гревот: тоа е темата на неговата проповед – центарот пак е, неговиот живот и покајание. Тешко може да се окарактеризира неговото слово и душата вложени во тоа слово – тоа се краси со мистика и аскетика; оросено е со солзи и впиено е од љубов; ја открива гангрената на гревот и го посочува балсамот на спасението; словото е поетско и силно стилизирано; дише со смирение и носи утеха; просветува, препородува, спасува! Необично е делото и словото на свети Ефрем; тое е жртва на неговата љубов кон човекот; трогателно е неговото учителство кон луѓето; тој плаче во своите проповеди за гревот на Адама; сострадателен е кон падот на грешникот; од сè срце го посакува спасението на сите!

Над сè, свети Ефрем си останува прекрасен проповедник – амвонот е почеток и крај на неговото служение, проповедта е трубата на неговото слово и творештво. Неговата проповед е образец за сите времиња и места – по својата библиска основа, православно расветлување и народен дух. Во древност, не случајно било наредено, во некои Источни Цркви, да се читаат соодветни проповеди од свети Ефрем непосредно по читањето на светото Евангелие – особено во посни периоди: тоа се случувало уште додека живеел авторот! Неговото сиромашно потекло и особеното формирање ја лишиле неговата проповед, во технички однос, од суетната грижливост на елинската реторика – затоа, таа тешко се предава на конструктивна анализа. При сето ова, свети Ефрем не скршнува од основната структура и не ги одбегнува формите на проповедта – ги приложува пред сè беседата, словото и краткото поучување. Методот на проповедта му е без скршнување – тој е библиско-традиционален – во него разумот не е раководител, ниту е вдахновител, туку само конструктор. Неговото слово повеќе е насочено да просветува и изобличува, отколку да убедува и заштитува, зашто за него вистината не е спорна, расцепот е рана, гревот е факт, а спасението – сеопшта потреба. Во јазичен однос проповедта му е ризница од говорни бисери – во неа крстосуваат многу стилски фигури, но првенствено, богато и блескаво се редат аналогијата и антитезата, кои многу често се воздигнуваат до поезија и химни. Свети Ефрем е мајстор и на сложената фраза и на кратката реч.

Пустините по земјата промислително се красат со оази; во нив има сенка, вода и плод; таму уморниот патник наоѓа одмор и поткрепа, за да го продолжи својот пат, деновите и својот живот кон определена и среќна цел. И во пустината на животот има спасителни оази. Таква една (оаза) е и свети Ефрем Сирин. Кој е притиснат од житејски умор и го угнетува духовна жед – нека се насочи кон оазите на свети Ефрем: таму ќе најде библиска сенка, жива вода и животворен плод, ќе се запазат неговите сили, ќе го одухотворат неговиот живот и ќе му ја откријат смислата на неговото битие.

 

Извор:https://blagovesti.wordpress.com/2016/02/10/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d0%b5%d1%84%d1%80%d0%b5%d0%bc-%d1%81%d0%b8%d1%80%d0%b8%d0%bd-%d0%b6%d0%b8%d0%b2%d0%be%d1%82%d0%be%d0%bf%d0%b8%d1%81-%d1%82%d0%b2%d0%be%d1%80%d0%b5%d1%88%d1%82%d0%b2/#more-3165

 

Извор

TVITer270

П.П. 2018-10-18 01:07:36