Од списанието “Премин” посветен на празникот на Слегувањето на Светиот Дух.


Duhovden3.jpg

 Слегувањето на Светиот Дух – фреска во параклисот на светиот апостол Марко во Марков манастир


Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите не е само чудо, со коешто се прослави апостолската Црква, но и настан поврзан со делото на нашето лично спасение.

Светиот Дух го овозможува нашето духовно раѓање. Он ни ја откива тајната на Пресвета Троица.

Педесетницата не завршува со оној празничен ден во Ерусалим што се опишува во книгата на Делата апостолски. Не! Денот на огнените јазици е само почеток на непрестајното излевање на Духот Божји на човештвото. Тоа е денот на огненото крштение на Црквата, кога и се утврди на земјата Црквата Христова.

Педесетницата продолжува и во текот на сите изминати години до денешниот ден и се совршува над секој од нас, само ако ние вистински се стремиме со сета душа кон Бог и Го бараме Него.

Благодатта на живототворниот Дух Божји, Којшто сѐ исполнува со Себеси, „ризница на блага и на живот Подател“, проникнува во човечките души правејќи ги способни за просветлување.

Со даровите на Светиот Дух човекот се очистува од гревовите, се восовршува и добива можност во себе да го возобнови загубениот образ Божји. Во внатрешниот човек постепено се востановуваат својствата Христови.


Како пример за тоа служат многуте свети угодници Божји.

„Кога Духот Божји доаѓа кај човекот и го осенува со полнотата на Своето присуство, тогаш душата на човекот е преисполнета со неискажлива радост, бидејќи Духот Божји излева радост на сѐ кон што ќе се допре“, поучува преподобниот Серафим Саровски.

И така, гледаме дека од денот на слегувањето на Светиот Дух во светот влегува нова сила со којашто се утврдува царството Божјо во срцето човечко.
Со излевањето на Светиот Дух човекот се преобразува, станува нова твар, се приопштува кон божествениот живот. Ова чудо на милосрдието Божјо непрестајно се извршува во историјата на Црквата и треба да приведе кон целосно обожение на светот и на човекот.

Но, заради својата немоќ, човекот нема сила постојано да го поминува својот живот во светост. Ние често ги губиме благодатните дарови. Заради тоа, треба често молитвено да Го повикуваме Утешителот, Духот на Вистината да дојде кај нас и повторно да се всели во нас пројавувајќи ги Неговите спасителни дејствија: „Дојди и всели се во нас... и спаси ги нашите души!“.


 Pedesetnica.Markov.jpg

Слегувањето на Светиот Дух – фреска во Марков манастир


 

 Ова е еден од најголемите дванаесет празници. Се нарекува и Педесетница, затоа што во педесеттиот ден по Воскресението Христово Светиот Дух слезе врз апостолите.
Откако изминаа педесетте дни по Воскресението Христово, светите апостоли со Мајката Божја и други верни беа собрани на молитва во горната одаја, во Ерусалим. Ненадејно во третиот час од денот се слушна шум од небото, како да идеше силен ветер, и ја исполни целата куќа каде што седеа. Им се јавија разделени јазици, како огнени и застанаа на секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свети и почнаа да Го прославуваат Бог на разни јазици, кои што претходно не ги знаеја.
 Во Ерусалим во тоа време имаше многу Јудејци кои беа дошле од разни земји на празникот на Педесетницата, кој што беше востановен во спомен на Синајскиот закон (кога Мојсеј ги доби напишаните таблички со заповедите). Откако го слушнаа шумот, се собраа околу куќата каде што беа апостолите и се восхитуваа на тоа како прости, неуки луѓе говорат на разни странски јазици. Некои, не разбирајќи што говорат, велеа дека се напиле од слатко вино. Тогаш застана светиот апостол Петар и му објасни на народот дека Го примија Светиот Дух испратен од Исус Христос, Којшто беше распнат и воскресна од мртвите. Слушајќи ја проповедта, на срцата им стана мило и му рекоа на Петар и на останатите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“ А Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите и ќе примите дар од Светиот Дух“ (Дела 2, 37-38). Во тој ден се крстија околу 3.000 луѓе. И во која било земја да проповедаа, апостолите зборуваа на јазикот на таа земја и сите ги разбираа. 

 

Празникот на Педесетницата е денот на јавувањето на Духот Божји во Црквата. Нејзиниот темел Бог Отец го положи во Стариот Завет. Синот – Словото (Исус Христос) ја создаде воплотувајќи се на земјата. Духот дејствува во неа. Заради тоа празникот на раѓањето на Црквата се нарекува и ден на Пресвета Троица, чиешто дејство му се откри на светот во тој ден, бидејќи Бог Отец заради Својот Син Го испрати Пресветиот Свој Дух, и така луѓето се научија да ги почитуваат и прославуваат трите Лица на едното Божество. Тоа беше исполнување на ветувањето, претстакажано уште во Стариот Завет и потврдено во Новиот преку нашиот Господ Исус Христос.
 Воочи празникот, на Вечерната богослужба, првпат после прекинот од педесет дена се кажува молитвата „Цару Небесен“, во којашто Му се обраќаме на Светиот Дух. Истиот ден, на Вечерната богослужба се читаат молитви со коленопреклонувања.

sveta.troica.a.jpg

 

Молитва кон Пресвета Троица

Од сон станат Ти благодарам, Света Троице,
зашто заради Твојата голема добрина и
долготрпение не се прогневи на мене,
мрзливиот и грешниот,
ниту ме погуби со беззаконијата мои;
туку го покажа Своето вообичаено човекољубие
и ме подигна мене, во очајание паднатиот,
за да Ти утренувам и да ја славословам крепоста Твоја.
Просветли ги сега духовните очи мои,
отвори ја устата моја
да се поучува од зборовите Твои
и да ги разбере заповедите Твои
и волјата Твоја да ја твори,
да Те пее во срдечно исповедание
и да го воспева Твоето Сесвето име,
на Отецот и Синот и Светиот Дух,
и сега и секогаш и во сите векови. Амин.

 

Другo:

МОЛИТВАТА ЦАРУ НЕБЕСЕН

МОЛИТВА НА СВЕТИ СИМЕОН НОВ БОГОСЛОВ СО КОЈА ГО ПРИЗИВА СВЕТИОТ ДУХ

 

Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница

Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.

Тропар
Благословен си, Христе Боже наш, Кој рибарите ги направи премудри ловци, испраќајќи им Го Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената. Човекољупче, слава Ти.

Кондак
Кога Севишниот слезе и ги измеша јазиците, тогаш ги раздели народите; а кога ги разделуваше огнените јазици, сите луѓе ги повика на единство, и сите заедно Го славиме Сесветиот Дух. (МПЦ-ОА)

 

 пп