Црквата денес го празнува споменот на големиот чудотворец, светиот Василиј Острошки и Тврдошки. Љубовта и молитвената блискост на овој светител ја почувствувале многу луѓе, како од Македонија, така и од повеќето земји од Балканот, но и светот. Во прилог пренесуваме две чуда кои се случиле по молитвеното застапништво на св. Василиј Острошки.

+ + +

Се викам Теодора Босиочиќ, имам брат кој се вика Давид, мајка Тамара и татко Борко. Многу го сакам моето семејство, а особено родителите кои уште како малечка ме научија да Го љубам и почитувам Бога, нашата православна вера и Црква, но и да ги почитувам другите религии и народи. Уште додека сум била во стомакот на мама, сум била во Израел, на местото каде се родил Исус Христос. Моите родители граделе, и сè уште градат црковни објекти, а за сиот труд во 1992 година татко ми добил орден од Патријархот Павле. Последните седум години живееме во Велика Британија, и секоја недела одиме в црква, а после Литургијата заедно со брат ми остануваме во неделното верско училиште. Толку за нас.

Сакам нешто да кажам за мојата љубов кон св. Василиј Острошки, но и за неговата љубов кон мене. Пред една година се разболев и лекарите рекоа дека мора да ми се изврши некаква сложена операција на срцето. Моите родители не можеа, и не сакаа да веруваат дека тоа е вистина. После три лекарски прегледи во три независни болници дијагнозата беше потврдена; и на самиот ден кога беше закажана операцијата, дијагнозата беше потврдена. И само што моите родители се потпишаа на дозволата за операција на моето срце, еден непознат лекар дојде во болничката соба и побара од моите родители да ме прегледа. Тие се согласија. За време на прегледот, моите родители беа вознемирени и исплашени, а татко ми ја држеше иконата на св. Василиј Острошки, велејќи ми: „Гледаш ли кој те гледа?“ Токму во тој момент, новодојдениот и непознат лекар ни ја соопшти Божјата волја: нема потреба за операција. Болеста на срцето исчезнала за еден момент!

Сите беа шокирани, и лекарите, и моите родители! Лекарските истражувања продолжија, но оттогаш сите резултати беа исти – немаше потреба за хирушка интервенција на моето срце! И тогаш, но и сега, јас верувам дека сум во Божјите раце, и верувам дека св. Василиј ставил рака на моето срце, и уште еднаш ја покажал Божјата љубов и моќ. Да се молиме на св. Василиј и на сите светители Бог секогаш да биде со нас!

 

+ + + Јеромонахот Исаија опишува како, на почетокот од 2002 година, св. Василиј исцелил некое дете од немост:

Додека стоев покрај кивотот со моштите, во манастирот дојде една мајка, Ружица, од Даниловград, и ми раскажа дека нејзиниот син Лука не зборува веќе три и пол години. Детето имаше шест години. Му прочитав кратка молитва за здравје, и го помазав со масло од кандилото над кивотот. Тоа се случи претпладнето. Попладнето го видов како трча, вика и зборува. Утредента му реков: „Ајде да ти прочитам уште една молитва“, а штом завршив, Лука ми рече: „Ајде, повторно намачкај ме со она масло од кандилото.“ Слава на Бога и на свети Василиј! од книгата „Нови чуда на свети Василиј Острошки“

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: https://pravoslavie.mk/dve-chuda-na-sv-vasilij-ostroshki/ .

 

Тропар на св. Василиј Острошки,

гл. 4 Од младоста своја сиот себеси на Господа се предаде, во молитва, труд и пост пребивајќи, оче богоносен. Образ на добродетелта му беше на своето стадо духовно; гледајќи го твоето благопроизволение, за пастир на Својата Црква и добар архиереј Бог те постави, а по твоето упокоение твоето свето тело го сочува нераспадливо, свети Василиј. Затоа, заради твојата смелост пред Него, моли Го Христа Бога да ги спаси душите наши.

 

Свет оче Василиј, силен помошнику и милосрден заштитнику, почуј ги и сега нашите молитви, солзи и воздишки. Како добар пастир што ги бара залутаните овци и за нив страда, собери нѐ околу твојот кивот и со твоите чудотворни поуки поучи нѐ да ти благодариме и да Го славиме Отецот Небесен. Нашите души во пороци се мачат, но и плачат како заблудениот син што од својот татко прошка барал, но и како жената што откако се препнала ги признала своите гревови. Согрешивме многу, од знаење и незнаење согрешивме, со горди мисли и себично срце, со дело и збор, но и со неправење на многу добри дела. Затоа, погледни на нас ранетите и во гревот изобличените. Погледни и ублажи ги нашите болки и страдања на душата и телото, и дарувај ни го изгубениот мир, братската љубов и радоста небесна. Те молиме, повикај ги сите светии од нашиот род, сите свети маченици, праведници и преподобни, и заедно со нив моли Го Господа, Кого во Пресвета Троица Го славиме, да ни подари прошка на гревовите и да нѐ спаси од адската погибел, та покаени и поучени да можеме тебе да те величаме, и со тебе да Го славиме беспочетниот Отец со единородниот Син и живототворниот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Извор: http://pravoslavie.mk.

 

 

   

Свети Василиј Острошки

Родум од Попово Село во Херцеговина, од родители прости но благочестиви. Од малечок беше исполнет со љубов кон Божјата Црква, а кога порасна отиде во требињскиот манастир на Успение на Пресвета Богородица и прими монашки чин. Набрзо се прочу со својот сериозен и редок подвижнички живот, зашто себеси си налагаше подвиг врз подвиг, сѐ потежок и потежок. Подоцна го посветија за епископ Захумски и скендериски, наспроти неговата волја. Како архиереј прво живееше во манастирот Тврдош и оттаму како добар пастир го утврдуваше своето стадо во православната вера, чувајќи го од турската свирепост и од латинското лукавство. А кога непријателите многу го притеснија, а Турците го разорија Тврдош, се пресели во Острог, каде што тврдо се подвизуваше, оградувајќи го своето стадо со непрестајни молитви. Се упокои мирно во Господ во 16 век. Неговите мошти останааа цели и целебни, нераспадливи и чудотворни до денешен ден. Чудата на гробот на Св. Василиј се безбројни. Кон неговите мошти притекнуваат и христијаните и муслиманите и наоѓаат исцеленија во најтешките маки и болести. Секоја година на Педесетница во Острог станува голем народен собир.

 P.P.